ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПОДОЦНА КОЛКУ ПРЕСПАНСКАТА СПОГОДБА СЕ ВКЛОПИ ВО РАМКИТЕ НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО
Четири години по потпишувањето на Преспанската спогодба, на површина сѐ повеќе излегуваат елементи за кои сериозно треба да размислат, да ги анализираат и да заземат став македонските авторитети. Зошто е сѐ поочигледно дека овој документ генерира елементи што се погубни за македонскиот идентитет? На кој начин тоа сѐ повеќе се потврдува во јавноста и во практиката? Од каде произлегоа сѐ почестата употреба и суптилното креирање еден нов „северномакедонски“ идентитет, кој го разорува македонското национално ткиво и ги брише сите обележја на еден народ?
Четири години по потпишувањето на Преспанската спогодба, на површина сѐ повеќе излегуваат елементи за кои сериозно треба да размислат, да ги анализираат и да заземат став македонските авторитети. Зошто е сѐ поочигледно дека овој документ генерира елементи што се погубни за македонскиот идентитет? Како сѐ повеќе се потврдува тоа во јавноста и во практиката? Од каде произлегоа сѐ почестата употреба и суптилното креирање еден нов „северномакедонски“ идентитет, кој го разорува македонското национално ткиво и ги брише сите обележја на еден народ?
Гледано од тој аспект, спогодбата од Нивици е еден вид „армагедон“ за македонизмот, но истовремено и голема трагедија за меѓународната заедница е дека овој документ од триесетина страници е училиштен пример за флагрантно прекршување на меѓународното право.
Од тие причини, некои од познавачите на меѓународноправните нормативи, и по четири години, остануваат на ставот дека ваков документ „не смее да биде во меѓународноправниот сообраќај“, а како таков, Македонија има само една обврска!
Односот на Преспанскиот договор во согласност со меѓународноправната легислатива
Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев е еден од најжестоките поборници за раскинување на Преспанската спогодба, образложувајќи го тоа со заштитата на македонските национални интереси.
– Договорот мора да се раскине еднострано, со образложение дека тој претставува уцена, изнуда, притисок и измама, како и обид за асимилација и негација на националниот идентитет, дејствувајќи од грчка страна во лоша вера, односно злонамерно (mala fides со прекршување на нормите на јус когенс). Од наша страна, може да се наведе дека властите дејствувале во заблуда, особено во врска со Резолуцијата 817 од 1999 година, за која не знаеле дека е парцијално нелегална и дека му наметнува дополнителни нелегални услови и обврски на кандидатот за членство во ООН и суверена држава членка на ООН – вели Јанев.
Понатаму, професорот Јанев објаснува дека по овој првичен акт, кој претставува една нота до Грција, треба да следува вториот чекор, односно испраќање известување до ООН дека, за Македонија, Преспанскиот договор е ништовен.
– Со овие две ноти, Преспанскиот договор е мртов и дури не мора да се поништува дома, бидејќи сите одредби од спогодбата се неприменливи и неделотворни. Но ако сакаме да бидеме докрај легалисти, кога ќе се стекнат услови на домашната сцена, можеме да ги примениме и домашните мерки за анулирање на овој штетен договор – истакнува Јанев.
Меѓу мерките што треба да се преземат на домашен терен за поништување на договорот, професорот по меѓународно право наведува неколку од нив.
– Прво што треба да се направи дома, тоа е Уставниот суд да го поништи Законот за ратификација на договорот (опционално). Втора работа, во македонското собрание треба да се донесе една симболична декларација за ништовност на Преспанската спогодба во согласност со принципот „од неправно не произлегува правото“. Таа декларација би се донела со просто мнозинство (и оваа мерка е опционална). И двете опционални мерки што имаат домашен карактер, не се всушност неопходни. Овие мерки може да се практикуваат или едната или другата, при што декларацијата се применува на крајот. Но сè додека не се примени најглавната мерка, раскинување на Преспанскиот договор, овие мерки нема да имаат никакво надворешно значење – појаснува професорот Јанев.
По која основа е прекршено меѓународното право врз грбот на Македонија
Професорот Јанев наведува барем 11 точки според кои е прекршено меѓународното право со Преспанската спогодба.
1. Правото на самоопределување и самоидентификација на народот и нацијата (Повелбата на ОН, чл. 1 и чл. 55).
2. Правото на самоопределување сопствен државноправен идентитет или правото на самоопределување на државата (Повелбата на ОН, чл. 1 и јус когенс).
3. Правото на суверена еднаквост и правна еднаквост на државата во ООН и надвор од ООН (Повелбата на ОН, чл. 2, став 1).
4. Правото на политичка независност и правото држава да не биде ставена во зависност од друга држава или меѓународна организација (Повелбата на ОН, чл. 2, став 4).
5. Државно право на немешање од страна во строгата внатрешна јурисдикција на државата (Повелбата на ОН, чл. 2, став 7).
6. Правото на недискриминација во членството на ООН и системот на ООН (Виенската конвенција од 1975 г.).
7. Правото на еднаква суверена култура и неприкосновеност на културните и народните идентитети (Мексико, УНЕСКО, Декларација од 1982 г.).
8. Правото на рамноправност во културната заемна соработка (УНЕСКО, Декларација од 1966 г.).
9. Принципот на неректроактивно уредување на минатото (јус когенс).
10. Правото на недискриминација при зачленување во ООН (Советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 г. и Резолуцијата на Генералното собрание од 1948 г.).
11. Правото на самостоен избор на државното име и знаме во ООН и нивна промена (Внатрешните правила на ООН, основните членски права).
Во делот на домашните правила и прописи што се прекршени со прифаќањето на спогодбата од Нивици, професорот се осврнува на три од нив, почнувајќи од членот 119 од Уставот на РМ, кој определува дека само претседателот потпишува политички меѓународни договори, потоа Правилникот, според кој само претседателот става потпис на Указот за ратификацијата на меѓународните договори. Професорот Јанев гледа прекршување на домашните правила и во членот 308 од Кривичниот законик, во кој се вели дека не е дозволено кое било лице да ја стави во подредена положба Македонија во однос на кого било однадвор.
Повеќе од неопходно е државата, од оваа временска дистанца, повторно да ги разгледа сите аспекти на Преспанскиот договор: правниот, културолошкиот, етичкиот…
За професорот Јанев, Преспанскиот договор е пред сè варварски и нецивилизациски чин, со кој на перманентна основа и произволно се вандализира културата на еден народ и една нација.
– На етички и културолошки план, Преспанскиот договор во културолошка смисла е „екстремно дивјаштво“, односно дивеење и изживување врз една култура на еден народ или една нација. Во етичка смисла, Преспанскиот договор е спротивен на јавниот морал во која било цивилизирана држава и спротивен на основните морални норми на цивилизираните народи.
Културолошки, Преспанскиот договор е контракултурен акт, чин со кој се вршат произволна акултурација, култракултурација и деградација, врз основа на моделот вграден во спогодбата од Нивици, со кој се спроведуваат културна хегемонија и културна дискриминација, на перманентна основа. Ваков контракултурен модел, содржински поседува норми и за културна асимилација и целосно ништење или деградирање на културниот идентитет на еден народ, независно каде живее (во Грција, кај нас или каде било во светот). Ова е модел на културен холокауст – резигнирано констатира професорот Јанев.
На крајот, тој се обраќа и до политичарите, појаснувајќи дека секој политичар што здраво за готово го прифаќа ваквиот, како што вели, варварски акт и нецивилизациски чин или се помирува со него (како некоја „нужна состојба“), само покажува недостиг од сопствена лична култура.