Сегашните проблеми со пржинската влада се само мало загребување по површината на сите проблеми напластени низ годините „благодарение“ на таквите странски експерименти, но генерално колапсот на целиот државен систем пред кој се наоѓа Македонија говори дека сето она што експериментално беше накриво системски насадено предизвикува системска дисфункционалност, која ги предизвика овие катастрофални состојби во државата од кои сега е тешко да се најде излезот
Континуираните странски експерименти доведоа до системска дисфункционалност на државата
Превирањата и натегањата на кои деновиве сведочи македонската јавност околу тоа кој чии министри ќе гласа и дали воопшто ќе гласа уште еднаш покажаа дека сето она што е експериментално инкорпорирано во македонскиот систем едноставно е фалично и не може да функционира.
Политичарите од власта последните денови постојано говорат за некаков преседан и за нешто што не се случило на македонската политичка сцена, партиите што номинирале министри во техничката (т.н. пржинска) влада да не гласаат за истата таа влада.
– Никаде во свет нема да предлагате министри, а друг да ви ги гласа. Еве, најдете ми еден пример кај што некој предложил министри и барал да му ги гласа некој друг – изјави неодамна премиерот Ковачевски.
И претседателот на државата Стево Пендаровски е на иста линија со премиерот, кој смета дека е некоректно да се биде дел од влада, а да не се гласа за истата таа влада.
– Или се согласувате, или не се согласувате на техничка влада. Можете да кажете не сакаме да даваме воопшто луѓе, но не може да го спориш предлогот што според законот за оваа влада го дава парламентарното мнозинство. Ако тие предложат да биде Талат Џафери, твое е само да кажеш учествувам, или не. Не може да го спориш како поединец, или како личност – порача Пендаровски.
Сепак, дека не станува збор за никаков преседан туку за веќе воспоставена практика говорат резултатите од гласањето на првата пржинска влада во 2016 година, кога ниту опозициските министри биле присутни на собраниската седница за избор на нова влада ниту, пак, тогашната опозиција, сегашна позиција, ја гласала таа влада.
Експериментирањата водат до апсурди
Сето ова говори за парадоксите со кои се соочува Македонија со години токму поради експериментите што постојано ги спроведува меѓународната заедница тука, а кои наместо да бидат решенија, уште повеќе ја заплеткуваат целата ситуација.
Имено, првиот експеримент на меѓународната заедница беше приемот на земјава во Обединетите нации, кога за да им се излезе во пресрет на грчките апсурдни барања, меѓународната заедница спроведе експеримент со кој ОН примија држава во полноправно членство под привремена референца, без да дозволат тоа да биде направено под уставното име на државата Република Македонија, како што впрочем е меѓународна пракса при приемот на нови држави уште од основањето на организацијата.
Овој експеримент се покажа како крајно нефункционален бидејќи со години генерираше проблематични ситуации, неможност земјата да се зачлени во голем број европски и светски организации, проблеми со трговските марки, проблеми на македонските делегации на светски настани, со еден збор, државата се соочуваше со апсурдни опструкции на секој чекор.
Исклучително крупен експеримент со кој се промени карактерот на Македонија како држава на македонскиот народ и на другите малцински заедници беше Охридскиот рамковен договор, со кој борбата за освојување територии од страна на терористите, меѓународната заедница ја преформулира во борба за малцинска права и наметна систем со кој се направи мајоризација на малцинството врз мнозинскиот македонски народ. Експериментот опфати и бришење на конститутивниот карактер на Македонците и нивно редефинирање во обична заедница, со намера да се прекине врската на македонскиот народ со неговата матична држава. Овој експеримент продолжи со територијалната поделба, со која покрај огромните права доделени на една малцинска заедница, им се легитимираа и териториите што тие ги сметаа за нивни и на кои и ден-денеска практикуваат туѓа државност и екстериторијалност. Од меѓународните „лаборатории“ дополнително во системот беа инсталирани алатки од типот на правична етничка застапеност, балансер, Бадентер и слични небулози, кои доведоа до целосно уривање на институциите на државата. Дури и самиот Роберт Бадентер во една пригода ќе рече дека не можел да поверува дека некоја држава би се согласила на таков модел каков што кај нас е одлучувањето според Бадентеровиот принцип, оценувајќи дека на тој начин работите само ќе се комплицираат, а државата ќе влегува во сѐ подлабока криза.
Експериментирања се правеа и со паралелните институции од типот на специјалното јавно обвинителство, кое беше најдобриот пример за парасистем, кое не даде резултати, туку уште повеќе го поларизира македонското општество, се користеше како алатка за политичка пресметка со поранешните функционери, за на крајот да заврши онака како што заврши.
Исклучителен странски експеримент е и тестирањето на точката на толеранција до каде може да се манипулира еден народ, односно да се тестира до колку е подготвена една држава да прави отстапки во име на некакви ветувања, кои може, но најчесто не мора да се остварат. Кулминација на овој експеримент беше промената на уставното име, кога и покрај сите ветувања однадвор, Македонија не доби почеток на преговорите со ЕУ, туку остана дополнително заглавена и блокирана.
Експериментирањето сега е во насока на промена на македонскиот идентитет, на иста линија со новото име на државата, односно креирање нов „северномакедонски“ идентитет, кој во следните децении треба да се одомаќини кај новите македонски генерации. Бугарија и Грција се активно вклучени во тој процес, а редиците пред шалтерите на МВР за вадење нови документи се само показател што се случува со граѓаните кога некој ги третира како „експериментални глувци“ сите овие години.
Ова се најкрупните меѓународни експерименти што дефинитивно влијаат врз процесите и даваат насока по која ќе се движи државата во иднина, но она што е заедничко за сите нив е дека прават непоправлива штета, бидејќи едноставно се нефункционални и блокираат секаков нормален развој.
Експеримент по експеримент доведе до системски франкенштајн
Сегашните проблеми со пржинската влада се само мало загребување по површината на сите проблеми напластени низ годините „благодарение“ на таквите странски експерименти, но генерално колапсот на целиот државен систем пред кој се наоѓа Македонија говори дека сето она што експериментално беше накриво системски насадено предизвикува системска дисфункционалност, која ги предизвика овие катастрофални состојби во државата од кои сега е тешко да се најде излезот.
– По сѐ што направи Македонија од независноста до денес – да се потсетиме, бевме први во регионот по многу прашања, останува горчлив вкусот дека, за жал, Македонија се перципира само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми „играчи“ тестираат свои „рецепти“ за стабилизација, соживот и за институционална трансформација – констатира академик Љупчо Коцарев.
Тој, во интервју за ТВ Алфа, подвлече дека најдобра потврда дека земјава продолжува да се перципира како место за меѓународни експерименти е преговарачката рамка што ЕУ ѝ ја понуди на Македонија.
– Во преговарачката рамка, официјален документ на ЕУ, се поставени вонредни и уникатни услови за прием на Македонија во Европската Унија, кои за другите земји вклучени во пристапниот процес ги нема, ниту ги имало при претходните процеси на проширување. Тоа, пред сè, се однесува на имплементацијата на билатералните договори со Грција и со Бугарија како дел од критериумот од процесот за стабилизација и асоцијација за добрососедските односи, но и на голем дел од дополнителните барања од страна на Бугарија, кои сега се составен дел на заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори – посочува академик Коцарев.
И другите соговорници со кои се осврнавме на ова прашање го делат мислењето на академик Коцарев, дека земјава веќе три децении е една голема лабораторија во која се испитуваат разни модели, кои би можеле евентуално утре да се применат на некое друго место.
– Ако направиме една обична анализа на сето она што досега како експеримент ни го протнаа странците, нема една работа што профункционирала. Наместо да ни помогнат така што ќе ни понудат позитивни примери што кај нив функционираат со години, да не речам векови, тие експериментираат со работи што се против секаква логика. Едноставно во оваа „наша лабораторија“ како да протресуваат шише со нитроглицерин, за на крајот тоа шише да експлодира бидејќи никој разумен не го прави тоа во сопствената „лабораторија“. Повторно ќе кажам, нам ни се потребни функционални и проверени решенија, а не експерименти. Нема зошто да измислуваме топла вода. Ако бил функционален балансерот или Бадентерот што не го применила досега Франција, на пример? Подобро им е кај нас да проверат како ќе функционира, па ако е добар моделот, може да заврши работа – коментираат соговорниците.
За нив, натегањата со пржинската влада се кулминација на системската нефункционалност што е инсталирана од страна.
– Потребно ни е системско и институционално реструктурирање. Тоа значи дека треба да се отсечат сите овие диви меса од македонското ткиво и да почнеме да функционираме според она што е проверено во сите земји, без експерименти и ризици – заклучуваат соговорниците.