фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека неговиот став за употребата на уставното име е јасна и оти темата со придавката е затворена, пренесе МИА. Во интервју за ТВ 24 Мицкоски истакна дека нема промена во неговите ставови, но оти промена е што тој како премиер кажува Македонија, а лицемерие има кај поранешниот премиер кој цело време „пееше Северна“. Премиерот рече дека заклетвата ја дал согласно законите и Уставот.

– Ни ветуваа дека ќе бидеме членки на ЕУ, претходно сменивме знаме, менувавме Устав, сменивме име, се продаде лажна кампања за бесплатно здравство кое полошо не било никогаш, супер образование, а полошо не било никогаш. Наместо да добијам поддршка дека некој пркоси, дека не ги понижува граѓаните со придавката, јас сум предмет на напад, од Грција затоа што при колоквијална употреба користам Македонија, а од овие во опозиција кои распродадоа сѐ што можеше да се распродаде, сум се заколнал со придавката, затоа што тие распродадоа сѐ во името на ЕУ – потенцираше Мицкоски.

Во однос на критиките, Мицкоски посочи дека или погрешно го разбираат Преспанскиот договор или погрешно го читаат.

– Подготвен сум и за тоа да спорам и аргументирам. Нека се навикнат на политичари кои нема да ги гледаат клекнати на колена кои ќе молат и го уништуваат достоинството. Ниту ќе бидам преагресивен да преименувам автопати, аеродроми, споменици да градам, но ќе ме гледате како сечам ленти, како правам реформи. Не го кршиме договорот, според членот 1 став 3 и тој се повикува на членот 7 став 2 и 3. За жал, договорот е потпишан каков што е потпишан и не подразбира дека при колоквијална употреба и секојдневен живот треба да се кажува придавката – изјави премиерот.

На приемот кај претседателката Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Владата рече дека не зборувале за заклетвата.

– Со неа имаме добри и исклучителни односи и таа е додадена вредност во нашата политика. Јас не сум политичар со задни намери, ниту таа. Изборниот законик во делот на заклетвата е таков каков што е, имајќи го предвид Уставот и законите ја дадов заклетвата со придавката. Ќе биде лицемерно ако одам во Вашингтон и пред мене е плочката со придавката и јас да кажам не го користам. Ќе го слушате премиерот како го користи терминот Македонија, но таков е Уставот и целокупниот систем на комуникација ќе биде, се додека ваквиот Устав е на сила – рече Мицкоски.


Следува инвестиција од над 400 милиони евра, како и над 150 проекти за локален економски развој, најави премиерот

Втора половина на јули ќе го имаме ребалансот во Парламент, а веќе некаде таму прва половина на август ќе биде повикот до Општините да аплицираат со проектите. И според тоа што денеска го разговарав со министерката за финансии голема е можноста 6 милијарди денари да бидат распределени кон Општините за проекти кои што се подготвени, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во емисијата „Анализа“ на 24ТВ.

Мицкоски додаде дека со тие шест милијарди денари очекува најмалку 150 проекти да бидат исфинансирани, а можеби ќе бидат и 200.

– Од тоа што имав можност да видам станува збор за големи проекти, станува збор за булевари, за канализациски системи, за водоводни системи, за градинки, за училишта итн – додаде тој.

Мицкоски посочи дека утре ќе се промовира голем проект, и станува збор за инвестиција од 400-450 милиони евра во енергетиката и нови дополнителни 100 милиони евра за македонскиот бруто домашен производ.

– Утре промовираме голем проект, многу значаен проект, тоа е голема странска инвестиција во делот на енергетиката помеѓу 400- 450 милиони евра. Ја користам оваа прилика еве да дадам една многу важна информација, со тоа производство на електрична енергија од македонскиот ветер практично ќе добиеме енергетски баланс тоа значи колку произведуваме толку и да трошиме. И тоа без да имаме специјални закони во Парламентот, без  да имаме било какви заднини – потенцираше претседателот на Владата.

Мицкоски вечерва изјави дека доколку се биде како што треба, во втората половина на јули ќе има ребаланс на државниот буџет.

-Ако биде се како што треба, во втората половина на јули ќе има ребалансот во Парламентот и во првата половина на август ќе биде повикот до општините да алицираат со проектите. Според тоа што го разговарав со министерката за финансии, голема е можоста шест милијарди денари да бидат распределени кон општините за проекти кои се подготвени. Утре имаме состанок и ќе работиме на оваа проблематика – најави Мицкоски во првото интервју по изборот на новата Влада, дадено за ТВ 24.