Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски денес во посета на Будимпешта оствари средба со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската партија Фидеш, Виктор Орбан.
На средбата се разговараше за ЕУ интеграциите на Македонија. Мицкоски го истакна ставовот на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но таа да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот.
Забележано беше дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план, во снабдувањето со енергенси. Мицкоски нотираше дека владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми на пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси.
Исто така нотирани беа и предизвиците од мигрантската криза која е проблем како за Македонија, така и за ЕУ.