Најзабележителна иновација во предлог-законот за употребата на македонскиот јазик е формирање инспекторат за македонски јазик, чија цел ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба. Но и една од главните забелешки за текстот на предлог-законот е што во него е изоставен членот 2 од актуелниот закон, каде што се наведува дека македонскиот јазик е официјален јазик на целата државна територија на Македонија и единствен официјален јазик за меѓународна употреба
ПОВОД: НОВИОТ ЗАКОН ЗА УПОТРЕБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Предлогот на новиот закон за употребата на македонскиот јазик беше предмет на јавна расправа во четвртокот, на 26 јануари. Постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик е донесен во 1998 година, но состојбите со неговата примена низ годиниве, кои се претворија во своевидни „политичко-јазични еквилибристики“ за статусот на македонскиот јазик на меѓународен, но и на домашен план, создадоа потреба за негово унапредување, како одговор на променетите состојби.
Зошто е потребно постојниот закон да се прошири во функција на зајакнување, почитување и негова правилна употреба
Иако Законот за употребата на македонскиот јазик има позитивни ефекти во подигањето на јазичната култура во државата, во практиката сè повеќе се забележуваат непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот, како: занемарување на правописните норми и нивно несоодветно користење кога се појавуваат нови јазични и лексички појави во јазикот, нелекторирање или нестручно лекторирање книги и текстови од каков било вид; забележана е и нефункционалност на наставните планови, програми и реализација на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, што придонесува за постигнување слаби резултати во изучувањето и во совладувањето на македонскиот јазик; особено се забележани неправилности во говорниот израз, особено во оној што преку медиумите ни го пренесуваат новинарите, спикерите, презентерите, водителите на телевизиските и на радиоемисиите, актерите итн.
– Постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, кои е потребно да се прошират и со дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот јазик и неговата правилна употреба – се наведува во воведот на предолг-законот за употребата на македонскиот јазик, со оцена на состојбите што треба да се уредат со новото законско решение.
Кои се најзначајните измени во новиот предлог-закон за употребата
на македонскиот јазик
Најзабележителна иновација во предлог-законот е формирање инспекторат за македонски јазик, чија цел ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба. Освен тоа, се проширува опсегот на официјални општествени дејности каде што ќе биде задолжително лекторирањето на текстовите и написите, а се предвидува и изработка на национална стратегија за македонскиот јазик, но и стипендии за студентите, како мотивација и поддршка за интересот за студирање македонски јазик. Тоа се некои од новините што се предвидени во новиот закон за употребата на македонскиот јазик.
Сепак, на јавната расправа за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, од учесниците беа искажани конструктивни забелешки и предлози, во насока на тоа македонскиот јазик како официјален јазик во државата да го добие вистинскиот и соодветен статус на национален маркер на државноста.
– Јавната расправа за новиот предлог-закон за употребата на македонскиот јазик беше конструктивна од сите учесници, во насока на тоа, како официјален јазик во Македонија, да го има статусот што му припаѓа. Во тој контекст една од главните забелешки за текстот на предлог-законот е што во него е изоставен членот 2 од актуелниот закон, каде што се наведува дека македонскиот јазик е официјален јазик на целата државна територија на Македонија и единствен официјален јазик за меѓународна употреба. Особено е важно тој член да биде застапен и во новиот закон, како носечка одредба на која се темели официјалниот статус на македонскиот јазик – вели професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, која учествуваше во расправата за предлог-законот.
Меѓу другите предлог-забелешки изнесени на јавната расправа била истакната дилемата за надлежноста, односно во рамките на која институција треба да дејствува инспекторатот за македонски јазик што треба да се формира. Според предложениот нацрт-закон, инспекторатот треба да функционира во рамките на Министерството за култура. Но, тргнувајќи од веќе воспоставената практика за јазични инспекторати, произлезена од примената на Законот за употреба на јазиците, според кој Инспекторатот за употреба на јазиците што ги говорат 20 отсто од населението во Македонија, т.е. за албанскиот јазик, е под Министерството за правда, упатена е забелешка дека инспекторатите треба да бидат поставени на рамноправна основа. Односно, инспекторатот за употреба на македонскиот јазик исто така би требало да биде под надлежност на Министерството за правда.
Во контекст на членот 6 од предлог-законот, каде што во последната точка од овој член се наведува дека „Владата, по предлог од Министерството за информатичко општество и администрација, ги пропишува фонтовите и нивната задолжителна примена во употребата на македонскиот јазик со уредба“, предложено е во изработката на фонтовите на кирилското писмо да биде вклучен и Институтот за македонски јазик, а МИОА да се погрижи за дигитално-техничката и законската изведба за практична имплементација.
Македонскиот јазик треба беспрекорно да се познава и владее
Во дискусијата била спомената и потребата да се размисли за потребата за враќање на старата образовна практика, за задолжително изучување на македонскиот јазик со определен број часови во наставата од прво одделение во доминантните средини со ученици каде што македонскиот јазик не им е мајчин јазик. Слична потреба од законска регулација на потребата за знаење и употреба на македонскиот јазик е забележана и во дипломатијата, па истакнат е предлог амбасадорите што се испраќаат на дипломатска должност во странство задолжително да го познаваат македонскиот јазик, без оглед на нивната етничка припадност.
Покрај овие предлози и забелешки, во дебатата за нацрт-законот за употреба на македонскиот јазик се изнесени други идеи за дополнување и измена и на други членови што треба да бидат земени предвид при изработката на конечната верзија. По јавната расправа, предлог-законот треба да влезе во собраниска процедура, каде што исто така може да биде надграден.
Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на стапувањето во сила на овој закон. Инспекторатот за употребата на македонскиот јазик ќе се основа во рок од дванаесет месеци од денот на стапувањето во сила на овој закон. Овој закон стапува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“.