Денес се навршуваат пет години од смртта на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, член на МАНУ надвор од работниот состав, па, оттука, денешниов текст е обид денешнава македонска стварност да се опише со Горановите зборови. Каква е таа македонска стварност? Какви се времињата во кои ние живееме денес?
Денес се навршуваат пет години од смртта на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, член на МАНУ надвор од работниот состав, па, оттука, денешниов текст е обид денешнава македонска стварност да се опише со Горановите зборови. Каква е таа македонска стварност? Какви се времињата во кои ние живееме денес?
„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога ‘т’гата’ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата“ („Приказни од Дивиот Исток“).
Така, денес, домата не е веќе дома, Македонија не е веќе македонска, во Македонија нема владеење, туку безобѕирно дивеење. Остануваат уште неколку чекори до конечниот крај, а тој дојде многу побрзо отколку што помислувавме, како во најкошмарните соништа, дека ќе се случи тоа.
Која е причината за оваа состојба? Одговорот е прост и строг: недостигот од лидерство, непознавањето на основните геостратегиски принципи и алчноста и сервилноста на нашите политичари, од една страна, и неслогата и омразата меѓу Македонците, од друга страна. Поделбата на патриоти и предавници, леви и десни, демократи и автократи, националисти и либерали, иако со текот на времето стануваше сѐ позаматена (левите станаа десни, и обратно), во комбинација со алчноста и сервилноста на нашите политичари, направија раздор во македонското етничко ткиво, а Македонија стаса до својот егзистенцијален крај.
„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“ („Тетовирани души“). Тоа што Македонците се принудени да глумат сегашност во својата држава претворена во туѓина, во џенем, во јабана, тоа е последица на: „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино“ („Диво месо“).
Благодарение на македонските неразумни и неуки политичари, пред очите на народот, во добро спакуван целофан, се продаде светото, нашето сѐ, вековно чуваните и негувани реликвии: македонската државност, македонскиот идентитет и македонскиот јазик. А на македонските политичарите што ги продадоа и ги предадоа овие свети за Македонците реликвии: државноста, идентитетот и јазикот, и за причината поради која тоа го сторија – пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ, Горан повторно им праќа одговор: „Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветер, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас. Воздивнувате по Германија! А таткото што ги изгубил нозете за вам да ви направи куќа е помија што не знае два и два и им пречи на Европјаните да прават кариера. Не знаете да се чувате. Живеете на вересија. Ќе загинете по некои дупки, ќе ве изедат пајажини, името ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас. Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење“ („Диво месо“).
За да не бидеме, како што вели Горан: „Осудени да живееме во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво“ („Диво месо“), треба барем еднаш да извлечеме поука и некакво искуство од сегашноста.
Сегашниот изборен модел и моделот на формирање извршна власт веќе со години ги покажуваат слабостите: (1) еродирање на демократијата, етноцентризам и трибализам; (2) дивеење, а не владеење; (3) дивеење што, всушност, се реализира преку два етнопаралелни процеса; (4) етнодиференцијација; (5) доминација на малцинството над мнозинството; (6) фрагментација на општеството; и (7) девалвација на системот на вредности.
Меѓутоа, двопартиската хегемонија, длабокото испреплетување на партиската припадност, семејните врски и клиентелизмот и губењето на привилегиите и удобностите на двете победнички партии нема самите по себе да исчезнат. Жедта за власт, а преку неа акумулирањето на неограничена моќ, што, всушност, во Македонија е една од основните цели на владеењето, ги уништува сите обиди за промени, дури и кога тие водат до подобрување на состојбите во Македонија.
„Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет“ („Приказни од Дивиот Исток“), повторно нѐ поучува Стефановски.
Па поради сите овие поуки, запишани од Горановото перо, на страниците на недоволно признатата вештина на уметноста, со живи зборови и драмски ликови да ја регистрира историјата, изјавувам: „Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот“ („Дупло дно“).
Повикувам и се надевам дека сите ние ќе имаме вистинска волја и трошка разум, за да ја преземеме одговорноста за нашите животи, за нашата иднина, за да имаме живот пред смртта. Време е!