Фото: Игор Бансколиев

Стана практика за кое било политичко прашање некој однадвор „да ни продава ум“ и да ни кажува што е „добро“ за нас, додека истите тие странски политичари постапуваат сосема спротивно кога станува збор за одбрана на интересите на нивната земја. Најнов ваков пример е пораката на францускиот претседател Емануел Макрон дека „Европа мора да му одолее на притисокот да остане вазал на САД“. Истиот тој Макрон, пак, изврши силен притисок Македонија да ја претвори во нечиј туѓ вазал и зависник од туѓи интереси

Поуки за нас од туѓо искуство: Некои поенти од посетата на францускиот претседател на Кина

Во политиката нема вечна љубов,туку само вечен интерес. Ова е мотото на денешната глобална политика и клучно правило до кое се држат светските лидери. За жал, тоа не важи и за македонските политичари, кои речиси секогаш желбите и интересите на другите ги ставаат пред интересите на сопствената држава и народ, што ја доведува државата во поданичка улога, еден вид протекторат. Стана практика за кое било политичко прашање некој однадвор да ни соли памет и да ни кажува што е „добро“ за нас, додека истите тие странски политичари постапуваат сосема спротивно кога станува збор за одбрана на интересите на нивната земја. Или, со други зборови, она што го бараат од нас, ни во сон не помислуваат да го спроведат кај нив.Доволно е да го земеме само најновиот пример со пораките што ги испрати францускиот претседател Емануел Макрон при неговата неодамнешна посета на Кина.
Европа мора да му одолее на притисокот да остане вазал на САД и мора да избегне да биде вовлечена во каков било конфликт меѓу САД и Кина околу Тајван, порача францускиот претседател деновиве при посетата на Кина. Притоа, Макрон му рекол на својот домаќин дека Франција не избира страни ниту пак блоковска конфронтација, пишува „Гардијан“, пренесувајќи ја изјавата на Макрон. Францускиот претседател исто така оценил дека мешањето во кризата поврзана со Тајван ќе биде стапица за Европа, која ќе биде вовлечена во кризи што не се нејзини, што ќе ја спречи да изгради стратегиска автономија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го прими Макрон во Големата сала на народот во Пекинг, при што за време на посетата биле потпишани и голем број договори за соработка меѓу кинеските и француските бизниси.
Токму Макрон, кој сега од Пекинг порачува дека никој не треба да биде вазал или заложник на туѓи политики и интереси, беше најгласен поборник и иницијатор за прифаќање на таканаречениот француски предлог, кој, според оцената на аналитичарите, крајно неповолно се одразува врз Македонија и задира во нејзините идентитетски и национални обележја.
Оттаму се поставува прашањето дали Македонија треба и понатаму да го следи договорот што ѝ го испорача Макрон или, пак, да се однесува како Франција, да не биде ничиј вазал и да си ги следи само и единствено сопствените интереси.
Политичките аналитичари и дипломати се едногласни во ставовите дека Македонија треба да ги гледа само своите интереси и да води сопствена политика. Токму последните случувања се само уште една потврда за двојните стандарди на европските политичари што често доаѓаат во Македонија да ни делат памет, додека тие самите постапуваат во зависност од ситуацијата и интересот на сопствените држави. За странските емисари воопшто не е битно дали со нивните уцени се прекршува меѓународното право, се повредуваат достоинството и интегритетот на македонскиот народ, се преиначува историјата и се гази врз нашиот национален идентитет. Тие го гледаат само својот интерес.
Според Ивица Боцевски, политички аналитичар и поранешен амбасадор, односите и политиките на големите сили се различни во зависност и од државата, политиките и меѓусебните партнерски односи и тука не може да се направи споредба.

– Слободата што ја има Макрон за дискусија е различна кон политичарите што ги гледа како партнери или, како кај нас, кон политичарите што самите му се претставуваат како вазали. Нашите политичари се однесуваат како вазали, не водат никаква политика и се надеваат дека со таквата политика ќе добијат нечија меѓународна наклонетост – смета Боцевски.
Универзитетскиот професор и поранешен дипломат Звонимир Јанкулоски во однос на оваа тема во телевизиско интервју порача дека националните интереси го одразуваат суверенитетот на една држава, тоа е основата на функционирањето на државата во меѓународниот систем.
– Секое отстапување од националните интереси ве доведува до ситуација да не бидете сериозен актер во меѓународните односи и кон вас да се однесуваат на оној начин на кој денес државите во светот се однесуваат кон Македонија. Ако се дозволи националните интереси да бидат диригирани од други држави, според нивните желби, односно да се моделираат според желбите на другите држави, тогаш е јасна позицијата на Македонија во рамките на тој меѓународен систем -смета Јанкуловски.
Во однос на францускиот предлог, чиј иницијатор беше токму Макрон, Јанкуловски уште тогаш предупреди дека доколку се прифати предлогот на Макрон, едноставно тоа ќе биде еден процес што нема да има крај.
– Во секоја етапа од отворањето на пристапните преговори Бугарија може да стави вето на определени прашања и да го врати процесот одново. Станува збор за игра во која, како и да е, Македонија губи. Македонија изгуби оној момент кога дозволи врз основа на диктат од меѓународната заедница, на диктат од една држава од меѓународната заедница да го смени името, а потоа да се надоврзе со една авантура во надворешната политика со договор за добрососедство, без притоа да анализира какви сѐ последици тој договор ќе донесе по односите на Македонија и со Бугарија и генерално во регионот, на Балканот, па и во Европа – оценува Јанкулоски.


Дволичност на политиката или дволичност на политичките лидери

Изјавата на Макрон дека Европа не треба да стане вазал и дека мора да избегне да биде вовлечена во каков било конфликт меѓу САД и Кина предизвика лавина реакции низ светот. Американскиот републикански сенатор Марко Рубио изјави дека ако Макрон зборува за цела Европа, тогаш САД треба да размислат да ја фокусираат својата надворешна политика на задржување на Кина и да ја остават Европа да се бори во војната во Украина.
„Волстрит журнал“ во уводникот наведува дека бесполезните коментари на францускиот претседател би можеле да го поткопаат американското и јапонското одвраќање против Кина во Западниот Пацифик. Еден член на Европскиот парламент (ЕП) нагласи дека францускиот лидер не зборувал во име на ЕУ, туку во име на Франција.
Германскиот пратеник од десниот центар, кој е член и поранешен претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Норберт Ретген, рече дека Макрон со својата идеја за европскиот суверенитет, кој го дефинира во демаркација, а не во партнерство со САД, сѐ повеќе се изолира во Европа. Пратеникот во Европскиот парламент Рајнхард Бутикфер, пак, ја опиша посетата на Макрон на Кина како „целосна катастрофа“.