Куса аналитичка опсервација: Македонија и Декларацијата од Фонтенбло

Свето Тоевски

Пред два дена, токму од Париз, одекнаа нови политички тонови, проширувајќи се низ Стариот Континент. Тие тонови не се во резонанца со реториката и однесувањето на Емануел Макрон, претседател на Франција. Напротив, тие се дијаметрално различни, па дури и спротивставени.
– Треба да се почитуваат идентитетот и засебните интереси на европските народи, како и суверенитетот на државите во Европа, без ничии интервенции во нивните внатрешни работи – се нагласи во заедничката Декларација од Фонтенбло, усвоена пред три дена во близината на Париз на самитот на европските десничари од групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент. заедно со другите европски политичари десничари и национални лидери од партиите од „Патриотите за Европа“.

Декларацијата од Фонтенбло има многу големо значење за периодов што следува, за Македонија, за идентитетот на македонскиот народ, суверенитетот, како и за интересите на сите македонски граѓани

Пред 75 години, „татковците“ на првичната изворна Европска заедница, Конрад Аденауер, Жан Моне, Алчиде де Гаспери, Робер Шуман и другите, ја оформија асоцијацијата на европските држави и народи денес позната и како Европска Унија. Но веќе се наѕира дека „татковците“ на новата „Европа на суверени нации“, како концепт за реформирана ЕУ, која како да започнува да се раѓа пред нашите очи, се унгарскиот премиер Виктор Орбан, словачкиот премиер Роберт Фицо, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини и другите нивни содејци и истомисленици од „Патриотите за Европа“. Впрочем, силна потврда во прилог на фактот дека веќе се случува раѓање на новата Европа, напоредно со постапното исчезнувањето на сегашната милитаризирана и лицемерна ЕУ, „скарана“ со европските народи, даваат „Патриотите за Европа“ со својот повик за „преродба на европскиот континент врз основа на почитувањето на принципите на суверенитетот и идентитетот на народите“.

А каков повик до нас упатуваат Урсула фон дер Лајен, Каја Калас, Марта Кос, Антонио Кошта и другите еврочелници од Брисел? Повик наредбодавен дека „за Македонија нема ниту план А, ниту Б, туку има обврска да го смени Уставот, ништо помалку и ништо повеќе“! Повик воинствен и дека „Европа мора да се подготви за војна со Русија“, оти мора да продолжи војната во Украина!

Лидерите на алијансата „Патриоти за Европа“ во нивната Декларација од Фонтенбло ја искажаа „својата намера да работат заедно на враќање на силата, мирот и слободата на Европа“. Тие и нивните партии ја пројавија својата „загриженост дека иако многу нации сега ја темелат својата политика на одбрана на националните интереси, Европската Унија останува закотвена во застарени идеолошки рамки“. Исто така и сегашното македонско државно-политичко раководство на Македонија ја темели својата политика на одбрана на државно-националните интереси, но нив ЕУ де факто ги игнорира и ги погазува со својата обилна поддршка за „добрите соседи“ на Македонија.

Брисел „сосила го претвора македонското вино во бугарско-грчки оцет“

Имајќи го ова предвид, се поставуваат неколку прашања. Како Македонија да ја валоризира Декларацијата од Фонтенбло? Развивајќи ли сѐ подлабоки контакти и соработка со лидерите на „Патриотите за Европа“, при што, секако, раководејќи се првенствено од македонските политички специфичности? Дали е веќе дојдено време Македонија да започне поинтензивно да се вклучува во струењата во новата „Европа на суверени нации“, кои се одразени и во Декларацијата од Фонтенбло и на кој начин?
Дали можеби станува ограничувачки фактор за државно-националните интереси „безусловното придржување кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“? Можеби овие редови во овие мигови прозвучуваат недипломатски, неостварливо, но доколку продолжиме „да ферментираме во чекалницата за ЕУ“, заклучени од Брисел, тогаш според зборовите на еден наш многу ценет енолог, „токму тие европски елити се директните виновници за македонското вино сосила да го претвораат во бугарско-грчки оцет“.

Декларацијата од Фонтенбло го критикува Брисел за „примена на двојни стандарди врз политичките сили што не се усогласуваат со нејзиниот либерален мејнстрим“

Националните и политички лидери на „Патриотите за Европа“ – еден од темелниците на новата Европска Унија, се залагаат Европа, што значи и ЕУ, да дејствува како „посредник и поддржувач во решавањето на регионалните конфликти“, инсистирајќи дека „мирот мора да остане највисок приоритет на континентот“. Токму тоа го бара Македонија, да се решаваат навистина регионалните/билатералните спорови, па и новата суверенистичка Европа да посредува во надминување на споровите, кои ги имаат самите Бугарија и Грција со Македонија и македонскиот народ, а не Македонија и македонскиот народ со нив. Конфликтите и споровите, особено на Балканот, мора да се надминуваат, а не да се поттикнуваат и да се прошируваат, давајќи непринципиелна поддршка кому било, како што го прават тоа сега официјален Брисел, па и Франција, во случајот со Бугарија против Македонија.

Во Декларацијата од Фонтенбло, односно „Патриотите за Европа“ ја критикуваат ЕУ за „примена на двојни стандарди врз политичките сили што не се усогласуваат со нејзиниот либерален мејнстрим, особено во однос на суверенитетот и миграциската политика“. Тие тврдат дека „на многу граѓани сега им е одземено правото да ја одредат иднината на својата земја поради идеолошката и интервенционистичка агенда на Европската комисија“. Им се одзема и на Македонците правото самите да ја одредат иднината на својата земја, исто така и во случајот со Македонија, ЕУ и водечките европски држави членки на ЕУ остваруваат политика на интервенирање, на мешање во нејзините внатрешните работи. Исто така, токму ЕУ реализира политика на двојни стандарди, би се рекло посебно кон Македонија, чија евроинтеграција од поодамна станала жртва на тие двојни стандарди. Всушност, може да се каже дека ова раководство на ЕУ ги трансформира своите двојни стандарди кон Македонија како една од „темелните европски вредности“!

Постапно насочувајќи ја својата надворешна политика кон новите суверенистички струења, кон, како што тоа го кажа сликовито Орбан, „новите ветришта што веќе дуваат низ Европа“, Македонија има сериозни потенцијални соработници и позиции да се спротивстави на „политиката на лицемерство и двојни стандарди кон неа од страна на сегашните ЕУ-елити“.