Промоцијата привлече големо внимание кај штипјани

По неодамнешното успешно претставување на книгата во Сплит во организација на македонското културно друштво „Стоби“, на чие чело е токму штипјанецот Ангел Митревски, штипската промоција може да се гледа и како продолжување на симболичната врска меѓу двата збратимени града. И овој пат, како и во Сплит, промоцијата имаше една поширока културна димензија

ВО ЧЕСТ НА ЗБРАТИМЕНАТА ВРСКА МЕЃУ СПЛИТ И ШТИП…

Во Штип се одржа промоцијата на книгата „Културолошки точки на Македонија“ на авторот м-р Александар Јорданоски. По неодамнешното успешно претставување на книгата во Сплит во организација на македонското културно друштво „Стоби“, на чие чело е токму штипјанецот Ангел Митревски, штипската промоција може да се гледа и како продолжување на симболичната врска меѓу двата збратимени града.
И овој пат, како и во Сплит, промоцијата имаше една поширока културна димензија. Во случајов, придружен елемент на промоцијата беа и изложбата „Фотографии од Македонија во минатиот век (1924 – 1925)“, како и хуманитарниот дел посветен на донирање средства од продажбата на книгата за Леонид Индов.
Штипската промоција се одржа во прекрасниот и колоритен амбиент на Домот на младите – Штип, за што најголема заслуга има директорот Видан Лазарев со логистичка поддршка на д-р Христина Серафимоска од Факултетот за туризам и бизнис-логистика во Штип.
Тимот за промоција на ова дело го сочинуваа м-р Даниела Станковска-Плачковска, д-р Марјан Патлиџанковски и м-р Марјан Гијовски. М-р Даниела Станковска-Плачковска како модераторка го претстави авторот, но и нагласи дека целта на книгата не е само да биде читана, како и да биде видена од т.н. пазарен аспект, туку да биде остар крик и да допре до колективната совест во општеството.

М-р Александар Јорданоски, автор на книгата „Културолошки точки на Македонија“

Д-р Марјан Патлиџанковски – книжевник, како еден од промоторите истакна дека во услови кога сме сведоци на период во кој заштитата на културното наследство се наоѓа на маргините од општеството, не би биле луѓе ако самите не изнајдеме начин да се соочиме со ваквите состојби и да одржуваме каква-таква кондиција. Токму еден од тие начини е оваа книга, мала по формат, но голема по значење.
Како суптилен и прониклив историчар, м-р Марјан Гијовски во својот промотивен говор навлезе длабоко во суштинските детали на поентите на книгата, со што потврди дека „јавниот“ интерес никогаш не би требало да биде супститут за националниот интерес во културата.
Дваесетината текста што ја сочинуваат оваа книга се напишани во различни пригоди, по различни поводи и зафаќаат различни теми. Сепак, сите тие се цврсто обединети во еден органски наратив што следи четири главни линии: дека одговорноста за грижата за културата и културното наследство е кај државата; дека таа работа треба да се прави системски и без импровизации; дека, напротив, кај нас во последно време се работи без потребното искуство, стихијно и со поединечни иницијативи; и најпосле, дека чувањето на културното наследство е важно, зашто од него зависат опстанокот на заедницата и државата, нивното историско сеќавање и нивното место во денешницата, и дека тоа не е никаква политичка разонода, туку цивилизациска придобивка, вградена во темелите на секоја сериозна држава. Рецензенти на книгата се проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. д-р Војислав Саракински, и двајцата од Филозофскиот факултет од Скопје. К.Р.

Фото: Видан Лазаревски
Јорданоски и промотерите на книгата
Придружен елемент на промоцијата беше и изложбата
„Фотографии од Македонија во минатиот век (1924 – 1925)“