Во Македонија како на филмска лента се редат случаите на кршење на правото и законите, и тоа од поединци и интересни групи што се носители на власт и на јавни функции, со цел остварување одредни политички цели или задоволување на интересите на одредени домашни или надворешни центри на моќ, а на штета на граѓаните и државата. Загрижуваат трендот на отсуство на одговорност и неказнивоста, како и фактот што ретко кој реагира на ваквите злоупотреби, со што како да им се дава ветер во грб истите тие да продолжат и понатаму. Повеќето наши соговорници се едногласни дека чашата веќе е прелеана и дека е крајно време да профункционираат контролните механизми во државата, бидејќи во спротивно се руши системот и се разградува државата однатре
Ерозија на правната држава и на владеењето на правото
Во македонското собрание почна расправата за измена на редица закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10, за кои изминатиот период имаше бурни реакции во јавноста. Токму експертите и стручната јавност реагираа дека некои од предложените законски измени се спротивни на Уставот и законите, спротивни на меѓународното право и се на штета на државата и граѓаните. Ова не е прв случај да се предлагаат и спроведуваат проекти што се во спротивност со Уставот и законите, со што практично се руши системот однатре и се разградува државата. И претходно сме имале многубројни вакви примери на кршење на правото и законите со цел остварување одредни политички цели или задоволување на интересите на одредени домашни или надворешни центри на моќ, а на штета на граѓаните и државата.
Загрижува неказнивоста и тоа што ретко кој реагира на ваквите злоупотреби, со што како да им се дава ветер во грб истите тие да продолжат и понатаму. Повеќето наши соговорници се едногласни дека чашата веќе е прелеана и дека е крајно време да профункционираат контролните механизми во државата, при што јасно и недвосмислено ќе се утврдат одговорност, евентуалната вина, како и соодветна казна за сите оние што ги прекршуваат законите.
Зашто во спротивно, со кршењето на законите, практиката да не се презема одговорност за ништо и со неказнивоста, се доведува во прашање функционалноста на самата држава, односно таа самата еродира однатре.
– Во случајот со изградбата на коридорите 8 и 10 имаме промена на законите за да можат да се приспособат на веќе склучен договор!? Во нормални држави, во кои владее правото, договорите се склучуваат врз основа на законите. Не може да се смени законот за да егзистира договор, тоа е она што е спротивно од Уставот. Некој склучил незаконски договор, некој во Владата прифатил надвор од законот обврски. Некој што мора да води сметка за примена на законите решил да преземе обврски што излегуваат од рамките на законот и правната рамка. Тој некој сега бара од Собранието да донесе таква одлука со која ќе се озакони неправото – изјави во јавноста професорката Мирјана Најчевска.
Кои се причините за ваквите појави, каде исчезна одговорноста, каде затајуваат институциите, која е нивната контролна и надзорна улога и како да се превенираат и спречат вакви појави во иднина? На сите овие прашања побарaвме одговори од институции и аналитичари што се упатени во оваа проблематика. Во организациската поставеност на државата има редица институции и органи што се повикани да реагираат секогаш кога има индиции за каква било злоупотреба или прекршување на законите.
Контролните механизми и одговорноста на носителите на јавни функции
Во Уставот на државата јасно е наведено дека Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции. Но токму во Собранието изминатиот период се предлагаа и некои законски решенија што се спротивни на Уставот и законите. Покрај Собранието со своите анкетни комисии, институцијата пратенички прашања и други собраниски надзорни тела, значајна контролна улога во државата има и Уставниот суд, како највисок орган во чиja надлежност е утврдувањето на усогласеноста на законите и другите прописи со Уставот (и со законите), Јавното обвинителство и низа државни институции, министерства, агенции, дирекции, управи и инспекциски служби, кои по службена должност (екс официо) треба да го гонат поведението за кое има основи на сомневање дека е криминал. Потоа таква функција имаат и Државната комисија за борба против корупцијата, Државниот завод за ревизија и др. На крајот тука е и моќниот контролен механизам наречен јавност и, секако, одговорните и професионални медиуми како будно око за заштита на интересите на граѓаните.
Сите овие тела и органи во низа наврати досега укажувале и укажуваат на различни прекршувања на законите, но, за жал, сѐ завршувало само на тоа.
Од „Транспаренси интернешнл Македонија“ велат дека оваа појава за спроведување проекти спротивно на законите, Уставот и меѓународно прифатените обврски и немањето никаква одговорност не е инцидентна, не е новина, туку е многу честа појава.
– Во суштина, практиката на менување на законите за да се задоволат определени дневнополитички потреби многу често се користи. Сето тоа се прави на начин што се премостуваат постојните процедури за поднесување, дискусија и усвојување на законите, што е сосема спротивно на принципите за транспарентност и јавна дебата. На оваа појава треба да ѝ се застане на патот преку постојано укажување на нејзината штетност од аспект на загрозување на правната сигурност и владеењето на правото – ни изјави Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнл Македонија“.
Практиката на кршење на Уставот и законите од носителите на највисоки државни функции не е новост
– Ова со коридорот 8 не е од денес за утре, не е од вчера за денес. Значи за коридорот 8 се разговара со години и сега одеднаш се вели склучен е договор и мора веднаш да се гради. Зашто не се зборувало за промена на законите пред една, две или повеќе години, кога се градела стратегијата. Викаат дека ова е стратегиска цел, ако е стратегиска цел тоа значи дека се антиципира. Ако се антиципира тоа значи дека се зема предвид сето она што треба да се направи, за да може соодветно да се одговори на барањата на иднините договорни страни. Законите се општи, општи документи. Не може да се донесува закон поврзан со конкретно дејствие. Тоа е урнисување на демократијата, тоа е карактеристика на диктатурата. Имам одреден елемент, тој не ми се вклопува правото, јас ќе го сменам правото. Значи наместо елементите да ги вклопуваме во она што претставува правен систем, ние цело време го приспособуваме правниот систем кон елементите.
Сѐ е скршено, скршена е одредбата за владеење на правото. Значи во моментот кога договорот е надвор од правото и кога правото треба да го приспособиме на договорот, ние сме го скршиле Уставот. Ама бидејќи немаме уставни судии, туку партиски марионети не може да очекуваме дека нешто ќе се случи дури и да дојде на Уставен суд. Комисијата за спречување дискриминација се обидела уште пред две години да го изнесе проблемот пред Уставниот суд, меѓутоа уставните судии не сакале ни да расправаат. Уставните судии донеле решение дека тоа не е нивна работа. Тоа е криминал! – вели професорката Најчевска.
Според Сотир Костов, правник и аналитичар, кој меѓу другото 40 години се занимава и со оваа проблематика, во Македонија целосно е маргинализирана улогата на институциите што треба да вршат контрола и надзор.
Тој смета дека е неопходна доследна примена на уставните одредби за поделба на власта на законодавна, извршна и судска и неприфаќање неосновани влијанија од странство за менување на основните системски вредности на нашиот уставен, политички и правен поредок.
– Кој ќе му текне да смени нешто оваа наша власт прифаќа. Уставот го направија швајцарско сирење. Секој менува што било ќе му текне без да се води сметка за националните и државните интереси и сѐ во име на некаква наводна евроинтеграција. Ние никојпат нема да ги оствариме условите за евроинтеграциите, бидејќи јасно се кажува дека тој процес е во застој, и не само поради Македонија туку и поради редица други фактори.
Моето мислење е дека апсолутно е маргинализирана улогата на онаа собраниска комисија за уставни прашања, маргинализирана е улогата на Уставниот суд, или, со други зборови, ние немаме уставен суд што ќе стави брана на вакви случаи и тоа ќе биде пример дека такви работи не може да се случуваат. Едноставно немаме државничко лидерство и демократски капацитет да го спроведуваме домашното право за да си ги заштитиме суверенитетот и интегритетот, а со самото тоа и идентитетот на државата – вели Костов.
Според него, апсолутно се запоставени и маргинализирани контролните механизми во државата и се спроведуваат нелегални политики што се надвор од Уставот и законите и на штета на граѓаните и македонското општество.
– Наместо Собранието да контролира и нему да му се дава извештај, тоа служи како алатка за реализирање нечии туѓи идеи – вели нашиот соговорник.
И редица други истражувања во однос на (не)ефикасноста на институциите посочуваат на истите проблеми, на преголемо политичко влијание врз работата на Собранието, кое повеќе се користи како гласачка машина отколку како коректив на работата на извршната власт.
Деновиве големи бранувања предизвикуваат и случувањата поврзани со Судскиот совет, што исто така е своевиден индикатор за немањето контролни механизми, и нефунционирањето на законите за што реагираат и од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
– Советот продолжува да ги темели своите одлуки врз незаконско постапување, со што ја урнисува веќе лошата репутација на правосудството во јавноста. Имајќи предвид дека неправото не може да стане право, Судскиот совет ја изгуби легитимноста да биде тело што ќе ја штити судската независност, ќе ја унапреди репутацијата на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите – велат од Платформата на граѓански организации.
Заклучокот што се наметнува е дека профункциорањето на правната држава и владеењето на правото со сите свои механизми е клучниот приоритет за успешна борба против самоволието на поединци и интересни групи што го приватизираат правото, ја заробуваат правната држава и државното управување го сведуваат на самоволие, без никаква политичка одговорност, а уште помалку правна или морална одговорност.
Само со силни, професионални, независни институции и бескомпромисна борба против сите обиди за прекршување на законите ќе се врати довербата во владеењето на правото и вистински ќе зачекориме на патот кон ЕУ.