Во повеќе наврати изминатиот период, вклучувајќи и при одбележувањето на Илинден, во јавноста беа изнесени целосно зачудувачки гледишта и погрешни правни термини од страна на домашни политички лидери, кои создаваат конфузија меѓу граѓаните, но истовремено ѝ нанесуваат и голема и непоправлива штета на државата. Во продолжение ги издвојуваме најкарактеристичните примери на политички утки, кои се резултат на незнаење, невнимание или нешто трето, со единствена цел истите тие навремено да се отклонат и да не се повторуваат во иднина. Зашто кога политичарите константно мешаат поими, а при себе имаат избезумен политички компас за ориентација, најмногу страдаат народот и државата

СЕРИЈА ПОГРЕШНИ УПОТРЕБИ НА ПОЛИТИЧКИ И ПРАВНИ ПОИМИ ПРИ ЈАВНИТЕ НАСТАПИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЛИДЕРИ СОЗДАВААТ ХАОС И КОНФУЗИЈА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ

Во говорите и пораките на политичките лидери по повод годинашното одбележување на големиот национален празник Илинден можеа да се забележат серија погрешни правни термини и дефиниции, кои создаваат конфузија меѓу граѓаните, но истовремено ѝ нанесуваат и голема и непоправлива штета на државата. За жал, оваа пракса на политичко погрешно разбирање и дефинирање на важни поими, кои се однесуваат на карактерот на државата, веќе станува хронична и се повторува подолго време. Наши политички лидери во изминатиот период ги искажуваа истите суштински грешки и на самитот на ОН, при нивните настапи во странство, а, еве, ги повторуваат и сега пред домашната јавност, и тоа на еден од најголемите и најсветли празници за македонскиот народ и држава, како што е одбележувањето на 120-годишнината од Илинденското востание и 79-годишнината од АСНОМ.
Во продолжение ги издвојуваме најкарактеристичните примери на политички превиди, кои се резултат на незнаење, невнимание или нешто трето, со единствена цел истите тие навремено да се отклонат и да не се повторуваат во иднина.


Мешање на поимите мултинационална држава и мултинационално општество

Една од најголемите суштински грешки, која може да се забележи и во обраќањата на дел од политичарите по повод Илинден, е дефинирањето на државата како функционална мултиетничка држава. Во последно време во своите обраќања и јавни настапи, премиерот Ковачевски, но и редица други високи државни функционери ја дефинираат Македонија како мултиетничка држава. Но тука веднаш мора да се воочат грешката и суштинската разлика. Македонија по својот карактер и државно уредување воопшто не е мултиетничка држава, туку е мултиетничко општество. А тоа е голема разлика. Правните експерти се едногласни дека мешањето на поимите и именувањето на Македонија како мултиетничка држава наместо како мултиетничко општество е сериозно индикативна и крајно опасна за иднината на државата.
– Погрешното ословување како мултиетничка држава значи дека таа не е унитарна, дека конституентите на државата се повеќе народи, дека носителот на државноста не е еден народ, туку дека уставно тоа е редистрибуирано на повеќе државотворни етникуми, кои имаат статус на народи, дека карактерот на државата не е унитарен и монолитен, туку дека е поблиску до некаков сојуз на територијални единици (општини), изградени според етничкиот принцип, што, пак, рефлектира кон федерација или конфедерација. Но правно гледано тоа не е така. Уставно и концепциски Македонија е национална држава на македонскиот народ, таа е унитарна држава, што значи дека, според внатрешната организација, е неделива. Затоа што не може да се пренебрегне дека поимот унитарна држава, колку што говори за организацијата во државата, говори и за тоа дека таа е и национална. А со оглед тоа што според Уставот на Македонија државата е унитарна тогаш таа се определува со македонскиот карактер со оглед на македонскиот народ како конституент на државата – тврдат аналитичарите и експертите по уставно право, издвојувајќи дека поимот „општество“ е еден многу поширок, социолошки феномен, кој е растеглив и кој не се регулира и ограничува со стриктна правна терминологија.
Затоа, според нив, секакво понатамошно именување или ословување како мултинационална држава е погубно и штетно за државата и создава конфузија кај граѓаните. Затоа, особено носителите на власта треба да обрнат посебно внимание помнејќи дека: Македонија е мултинационално општество, а не мултинационална држава.


Необјаснив анимозитет од зборот Македонија

По Преспанскиот договор и промената на уставното име на држава, пред пет години, некако како да стана невообичаена пракса во јавните настапи да се избегнува зборот Македонија, иако тоа со ништо не е забрането. Дури и викендов на Илинден некои домашни политичари не собраа храброст да кажат Македонија во нивната честитка до граѓаните. Како еден таков пример може да се издвои слоганот и фејсбук-објавата за одбележувањето на Илинден на премиерот Ковачевски, каде што ниту еднаш не се спомнува зборот Македонија, за што очекувано имаше реакција меѓу граѓаните и стручната јавност. Зошто од една крајност да се влегува во друга? Лидерите треба да го разберат природниот закон на една акција што создава реакција, со ист интензитет! Но токму нивната „акција“ дава полн легитимитет на „реакцијата“ што следува. Причинителот и последицата се врзани во каузалитет, велат нашите соговорници, професори и интелектуалци.
– Што треба да разбереме од ова?! Дека Бугарите се во право кога велат дека Илинденското востание не е македонско, туку бугарско. Не е ни заедничко, туку само бугарско?!Илинденското востание е македонско и не е бугарско. Македонија слави 120 години Илинден. Ова е Македонија. Кажи Македонија!Кога ако не на Илинден? – реагира во силен набој на емоции и новинарот Бранко Героски.
И претходно македонските граѓани и јавноста со право реагираа кога имаше, домашни и странски, обиди придавката северномакедонски да се наметне како некаква нова идентитетска одредница на нацијата. Затоа еднаш засекогаш треба да биде јасно дека нашиот идентитет е само македонски и никако поинаку. И никој, никогаш и никаде не треба да стравува да го кажува тоа и да го воспева зборот Македонија.


Дистинкција меѓу мнозинскиот државотворен народ и етничките малцинства

Голема стратегиска грешка изминатиот период, но и сега преку пораките од Илинден, се прави и во дефинирањето на македонскиот народ и другите етнички заедници, кои живеат во Македонија. Така, се става знак равенство и се изедначува македонскиот државотворен народ со припадниците на другите заедници што живеат во државата, од кои некои се и 0,1 отсто од вкупното население во државата. Истиот пропуст се забележува и во предлог амандманите за промена на Уставот, каде што за другите етнички заедници се користи терминот народи, наместо малцинства како што е секаде во светот. Тоа мора да се коригира и да не се повторува во иднина. Истражувањата и анализите што ги спроведе нашиот весник покажуваат дека никаде во европски и во светски рамки не постои изедначување на малцинството со мнозинскиот народ, како што сега некој предлага кај нас, туку напротив, јасно е изразена дистинкцијата во однос на тоа кој е носител на сувереноста и унитарноста на државата. Токму терминот малцинство се употребува во Советот на Европа, во Обединетите нации и во редица други најрелевантни светски тела и институции. Истовремено во уставите на голем број држави секаде јасно е наведено кој е мнозинскиот народ, како носител на државноста. Тоа треба да го направи и Македонија. И во Уставот и во идните јавни настапи, документи или резолуции.


Младите се иднината на државата, а не се – малцинство

На одбележувањето на Илинден на Пелинце претседателот на државата, Стево Пендаровски, употреби, во најмала рака, необичен и погрден израз за младите нарекувајќи ги загрозено малцинство. Тој нагласи дека се потребни европски реформи, кои ќе помогнат да го оствариме виталниот национален интерес, да ги мотивираме младите да останат во државава, бидејќи, како што рече, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена, клучни за трансформациите во државата, но денес се загрозено малцинство. Токму ваквата квалификација за младите за многумина прозвучи невкусно
– Младината е движечка сила, иднината и моторот на една држава и не може да биде ословена како малцинство во сопствената држава. Во меѓународната правна терминологија поимот малцинство се користи за дефинирање на помалите етнички заедници. Македонија како малцинства треба да ги дефинира другите етнички заедници што живеат во државата, а не целокупната своја младина да се ословува како малцинство. Зошто таквото нешто – прво е правно неточно и второ крајно невкусно звучи – велат соговорниците.


За што се бореа илинденците и асномците

Мрачната сенка на најавените уставни измени, за жал, надвисна и над празнувањето на Илинден, каде што во говорите и пораките на политичките лидери се направи обид да се споредат и идентификуваат борбата и идеалите на илинденците и асномците со сегашниот предизвик наречен уставни измени. Па така, беше кажано дека и денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. Или дека илинденците и асномците знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки нѐ обврзуваат да одиме напред, одлучно и храбро. Во илинденските пораки и говори беше наметната и дилемата дали ќе ги следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава или ќе останеме сами и изолирани?
Со еден збор, сегашните политички лидери грубо ги злоупотребија илинденците и асномците за свои актуелни дневнополитички цели. И тоа е погрешен и погубен приод. Зашто ниту еден македонски херој не се борел и не загинал за некој во Македонија сега да ги распродава националните идентитетски обележја, да менува име, знаме, устав, историја. Тие се бореле против окупаторите и асимилаторите, а не за нова асимилација и целосно обезличување на државата. И илинденците и асномците се бореле за самостојна македонска држава, а не да бидеме нечиј протекторат. За разлика од политичарите, научната и стручна јавност имаше многу поаналитичен и подостоинствен настап за време на чествувањето на илинденските празници, при што беа испратени и многу длабоки, моќни и содржајни пораки, поткрепени со факти и докази. На научната конференција во Крушево по повод 120 години од Илинден, која патем не беше поддржана од државата, беше кажано дека активно се работи на негирање на македонската историја.
– Некој сака да ги лиши македонските граѓани од чувството на припадност и достоинство што го дава Илинденското востание. Денес Македонија е повторно поробена држава, протекторат, вазал, банана-држава, а за тоа исклучиво се виновни дел од македонските политичари, кои во изминатите години ја трансформираа Македонија од слободна земја во поробена земја – беше кажано на конференцијата.


Потфрлање и во ревијалниот дел

Неодамнешното одбележување на Илинден помина и со одредени процедурални пропусти, кои, сепак, не останаа незабележани од острото око на стручната јавност. Така, во ревијалниот дел на централната манифестација на Мечкин Камен естрадни настапи имаа само припадници на албанската малцинска заедница, што остава впечаток како да сме бинационална држава. Организаторот, веројатно, требало да се погрижи со понекоја точка да бидат застапени и другите малцински заедници, како Власи, Срби, Турци итн.