Хегемонијата на тапет: Алжир изгласа закон со кој бара извинување и репарации од Франција
- Сето ова на некој начин е слично на она што Франција своевремено го правеше во Алжир, па кога Франција не се извинува и не плаќа за направените злодела, тоа не го прави ниту Бугарија, која и покрај потпишаниот договор со поранешна СФРЈ за плаќање репарации на Македонија, еднострано се повлече од договореното. Токму во таквиот пристап може да се бара логиката во асиметричниот „француски предлог“, бидејќи е изготвен од луѓе што очигледно не можат или не сакаат да признаат дека основите на едни погрешни агресивни политики никогаш не можат да бидат темел на нешто што треба да ја отвори европската перспектива на земјава
Ниту една земја не треба „да се посипува со пепел“, амнестирајќи се и оградувајќи се од своите постапки во минатото, особено ако се тие фактографски документирани. Доблесно е да ги прифати последиците од своите погрешни политики, да се извини, да го компензира она што може да се компензира и да отвори простор за нормална соработка, необременета со никаков историски багаж или црни петна.
Со ваков предизвик во втората половина на 20 век се соочија многу колонијални сили, а притисокот за прифаќање на одговорноста не престанува ниту сега, особено ако се има предвид фактот дека суверенистичкиот пристап што се шири низ светот ги засега и народите што токму поради колонијалните политики биле спречени во нивниот нормален развој.
Алжир со закон ќе го бара она што му следува
Деновиве е актуелно едно ново такво барање испратено од страна на алжирскиот парламент, кој едногласно донесе закон со кој француската колонизација на земјата се прогласува за кривично дело, барајќи извинување и репарации. Пратениците, стоејќи во салата со шалови во боите на националното знаме, извикуваа „Да живее Алжир“, аплаудирајќи за донесувањето на законот, во кој се наведува дека Франција има „правна одговорност за колонијалното минато во Алжир и трагедиите што ги предизвика“.
Според Ибрахим Бугали, прв човек на Парламентот на Алжир, гласањето ќе испрати „јасна порака, и внатрешно и надворешно, дека националната меморија на Алжир не може да се избрише, ниту е предмет на преговори“.
Во законот се наведени злосторствата на француската колонизација, кои вклучуваат нуклеарни тестови, вонсудски убиства, физичка и психолошка тортура, како и систематски грабеж на ресурси. Понатаму законот нагласува дека целосната и праведна компензација за целата материјална и морална штета предизвикана од француската колонизација е неотуѓиво право на алжирската држава и народ.
Франција владееше со Алжир во периодот од 1830 до 1962 година, период обележан со масовни убиства и масовни депортации, што резултираше со крвавата војна за независност од 1954 до 1962 година.
Според податоци на алжирските власти, во војната загинале 1,5 милион луѓе, додека француските историчари го проценуваат вкупниот број на смртни случаи на 500.000, од кои 400.000 биле Алжирци.
Тоа што Франција го правеше во Алжир, го правеше и Бугарија во Македонија за време на Втората светска војната
Барањето на Алжир за извинување и репарации упатено до Франција следува откако оваа земја и натаму продолжува да го негира колонијалниот проект, упатувајќи повремено некакви извинувања за поединечни случаи, пред сè за тортура.
Францускиот претседател Емануел Макрон во повеќе наврати и самиот говори за „злосторства“ и „морална одговорност“, но во пракса Франција како држава не презема никакви чекори за да го компензира она што 130 години го правела во Алжир.
Во принцип, тоа говори доволно за светогледот на француската политика кон ваквите прашања, па затоа никакво изненадување не треба да биде ниту односот на Франција кон улогата што Бугарија ја имаше во Македонија за време на Втората светска војна.
Имено, под бугарска управа на земјава во периодот од април 1941 до септември 1944 година беа извршени голем број злосторства и тортури врз македонскиот народ од страна на окупаторската бугарска војска, а по наредба на тогашната бугарска управа од земјава беа депортирани над 7.000 Евреи, кои беа испратени во логорите на смртта во Треблинка.
Сето ова на некој начин е слично на она што Франција своевремено го правеше во Алжир, па кога Франција не се извинува и не плаќа за направените злодела, тоа не го прави ниту Бугарија, која и покрај потпишаниот договор со поранешна СФРЈ за плаќање репарации на Македонија, еднострано се повлече од договореното.
Токму во таквиот пристап може да се бара логиката во асиметричниот „француски предлог“ бидејќи е изготвен од луѓе што очигледно не можат или не сакаат да признаат дека основите на едни погрешни агресивни колонизаторски политики никогаш не можат да бидат темел на нешто што треба да ја отвори европската перспектива на земјава. Напротив, тие основи се истите оние што се вовед во погазувањата на правата на еден народ на сопствена држава, на идентитет, на јазик, историја, култура, национална гордост, која никој нема право да ја брише. Тоа Алжир го истакнува во овој нов закон, барајќи извинување и репарации од Франција. Интенцијата на „францускиот предлог“ е идентична, да ја избрише македонската национална свест. Со други зборови, во оној момент кога Франција ќе биде подготвена да се соочи со својот колонијален проект, да се извини и да плати за штетите што ги направила врз Алжир и Алжирците, можеби дури тогаш ќе ја сфати апсурдноста на „францускиот предлог“, кој не е ништо друго, туку обичен рецидив на старата колонијална доктрина на уништување на народите и нивните држави.
Тешко е да се каже извини, уште потешко да се прифати одговорност
Малку колонијални сили дале јасно, недвосмислено и формално извинување за колонизацијата. Почесто има „изрази на жалење“, „морална одговорност“ или извинувања за конкретни злосторства, а не за целиот колонијален систем.
Германија е таа што делумно, но јасно се извини за своите колонијални проекти. Во 2021 година Германија официјално се извини за геноцидот врз народите Хереро и Нама во Намибија (1904–1908). Формално го призна како геноцид, со финансиски пакет (иако не како репарации во правна смисла). Ова е најчист пример на целосно државно извинување за колонијално злосторство. Германија се извини и за злосторствата направени од страна на нацистите за време на Втората светска војна. На некои држави им беа исплатени репарации.
И Италија конкретно се извини за своето колонијално владеење. Во 2008 Италија ѝ се извини на Либија за колонијалното владеење, преку договор потпишан од тогашниот италијански премиер Берлускони и поранешниот либиски водач Моамер Гадафи. Тоа извинување вклучуваше и финансиска компензација.
Холандија негува постепен пристап во извинувањето за колонијализмот. Во периодот 2022–2023 холандската влада официјално се извини за ропството, како клучен дел од колонијалниот систем. Потоа следуваа извинувања и за ексцеси на насилство во Индонезија.
Од друга страна, има колонијални сили што дале изрази на жалење, но избегнуваат „извинување“
Белгискиот крал Филип во 2020 година изрази „длабоко жалење“ за злосторствата во Конго.
Во 2022 година Белгија призна системски расизам, но внимателно го избегна зборот „извинување“.
Франција никогаш формално не се извини за колонизацијата на Алжир. Макрон зборува за „злосторства“, „морална одговорност“ и поединечни извинувања (на пример за тортура), но не за самиот колонијален проект.
Ниту Обединетото Кралство нема општо извинување за Британската Империја. Дало извинувања за конкретни случаи (на пример, Мау-Мау во Кенија), но не и за колонизацијата како систем.
Има и такви колонијални сили што никогаш не се извиниле, ниту, пак, дале некакви изјави со кои би ги признале погрешните колонијални политики.
Шпанија нема официјално извинување на пример кон Латинска Америка, Португалија признава историја, но без извинување, Јапонија има извинувања за воени злосторства, но контрадикторни и политички нестабилни во однос на колонијализмот (Кореја, Кина)
Како и да е, формално и јасно извинување за колонизацијата е исклучок, не правило.
Повеќето држави стратешки го избегнуваат зборот „извини“ поради правни, финансиски и политички последици. Таму каде што има извинување, најчесто е за конкретен геноцид или злосторство, но не и за колонијализмот како идеологија и систем. П.Р.
Хегемонијата, неоколонијализмот и економската експлоатација наметнати од некои големи сили сѐ поизразито се отфрлаат од земјите од африканскиот континент
Не е веќе само реторика, туку силен замав на практика за отфрлање на империјализмот во Африка
- Алијансата на сахелските држави од Африка неделава одржа самит во главниот град на Мали. На самитот африканската група држави Сахел се согласија дека заеднички ќе реагираат и ќе се помагаат за апсолутно да ги отфрлат доскорашните наметнати т.н. „империјалистички и хегемонистички услови“ на одредени развиени земји над африканските држави, за да се прекине бескрупулозната експлоатација по многу основи
Претседателот на Нигер, генерал Абдурахамане Чиани, зборувајќи на самитот на Алијансата на сахелските држави (АЕС) во главниот град на Мали, Бамако, неделава предупреди дека „на ниту еден странски актер, меѓународна организација или лоби нема да му биде дозволено да диктира услови на африканските држави од споменатата алијанса АЕС, за тоа како треба тие да постапат и да се стават во целосна функција на неоколонијалистите“.
Во вторникот, зборувајќи на самитот на AEС во главниот град на Мали (Бамако), претседателот на Нигер, Чиани, ја претстави Алијансата на сахелските држави (AEС) како „проект за суверенитет роден од фрустрација поради долгогодишното странско воено вклучување и политички притисок и експлоатација во Сахел“.
– Одлуките што се однесуваат на нашите народи се донесуваат во Уагадугу, во Бамако, во Нијамеј, на територијата на конфедерацијата, од страна на властите на конфедерацијата… и никаде на друго место.
Империјалистичките сили, вклучувајќи ја и поранешната колонизаторка Франција, се обидуваат да „предизвикаат хаос“ во рамките на Алијансата на сахелските држави (AEС) – рече претседателот на Нигер, генерал Абдурахамане Чиани, што беше прифатено со френетичен аплауз.
Нигерискиот лидер рече дека сиромаштијата и несигурноста на Сахел се предизвикани од нееднакви и неправедни партнерства и надворешно влијание, тврдејќи дека „нема напредок… без вистинска независност“.
Што се случуваше на неделниот самит на африканската Алијанса на сахелските држави
Алијансата на сахелските држави (АЕС) е основана во септември 2023 година од три поранешни француски колонии, по државни преврати во секоја земја, а во тешки услови на џихадистички бунтови поврзани со Ал каеда и Исламската држава (ИСИС), кога беа физички ликвидирани илјадници лица, а раселени милиони, низ целиот регион во изминатата деценија. Понатаму, Алијансата на сахелските држави беше надградена во конфедерација во јули 2024 година, кога Мали, Буркина Фасо и Нигер напуштајќи го т.н. Западноафрикански регионален блок (бидејќи оваа организација е обвинета дека е коруптивна и им служи на надворешни, империјалистички сили), при што споменатите три држави, Мали, Буркина Фасо и Нигер ѝ се придружија на АЕС.
Лидерите на Алијансата на сахелските држави постојано во јавноста изнесуваат несоборливи докази за тоа „на кој начин Франција се меша во внатрешните работи на африканските земји и на кој начин Франција економски ги експлоатира африканските држави од Сахел, со помош на внатрешни сили“. Нов момент е што лидерите на Алијансата на сахелските држави изнесоа во јавноста основани сомненија дека безбедносните служби на Франција, со длабока инволвираност на Киев, им даваат „поддршка на терористички групи што дејствуваат во Сахел“.
Понатаму, на споменатиот самит на земјите на Сахел (АЕС) беше договорено оваа африканска група на држави да им „стави крај на сите предаторски договори и пристрасни обврски што им служат само на интереси спротивни на интересите на африканските земји и африканското население“. На самитот беше опишана безбедноста на овие африкански држави како „стратешки приоритетен избор, наспроти кој било друг надворешен политички диктат што е некомпатибилен“ со социокултурните вредности на земјите на Сахел, нарекувајќи ја кризата „егзистенцијална закана“. За издвојување е дека за време на самитот, вториот по ред откако е основана АЕС, оваа група на африкански држави ја основа Конфедерациската инвестициска и развојна банка (BCID-AES) и капитализираше со 500 милијарди швајцарски франци (околу 820 милиони долари). Наедно, беше претставена новата телевизија АЕС, наменета да му се спротивстави на она што официјалните лица го опишуваат како „непријателски наративи од странските медиуми“. П.Р.
Со зајакнување на суверенизмот во Африка паѓа неоколонијалното влијание на западните држави
Француската армија полека но сигурно истиснувана од државите од Сахел
За потсетување, во септември 2023 година Мали, Буркина Фасо и Нигер потпишаа договор за меѓусебна одбрана, бидејќи трите земји (од Сахел) имаат цел да си помагаат една на друга против можни закани од оружен бунт или надворешна агресија. Повелбата, позната како Алијанса на државите од Сахел, ги обврзува потписниците да си помагаат една на друга – вклучително и воено – во случај на напад врз која било од нив. Исто така, ги обврзува трите земји да работат на спречување или задушување оружените бунтови.
– Ја потпишав со шефовите на државите Буркина Фасо и Нигер таканаречената повелба Липтако-Гурма, со која се воспоставува Сахелската алијанса, со цел да се воспостави рамка за колективна одбрана и меѓусебна помош – наведе воениот лидер на Мали, Асими Гоита, на својот профил на Икс.
Регионот Липтако-Гурма – каде што се среќаваат границите на Мали, Буркина Фасо и Нигер – е опустошен од оружени бунтови во последниве години.
– Овој сојуз ќе биде комбинација од воените и економските напори на трите земји – изјави министерот за одбрана на Мали, Абдулае Диоп, пред новинарите во Бамако, главниот град на Мали, додавајќи „наш приоритет е борбата против тероризмот во трите земји“.
Оружениот бунт што избувна во северниот дел на Мали во 2012 година се прошири во Нигер и Буркина Фасо во 2015 година.
За потсетување, сите три држави беа членки на заедничките сили на алијансата Г5 Сахел, поддржани од Франција, со Чад и Мавританија, кои беа формирани во 2017 година за справување со вооружените групи поврзани со Ал каеда и групите ИСИЛ (ИСИС). Од 2020 година тие беа предмет на државни удари, најново во Нигер, каде што војската го собори претседателот Мохамед Базум во јули, кој соработуваше со Западот за борба против вооружените групи. Генералите што ја презедоа власта во Нигер им рекоа на француските војници дека мора да ја напуштат земјата. Западноафриканскиот регионален блок ЕКОВАС се закани со воена интервенција во Нигер поради државниот удар, но регионалниот блок ја ублажи својата воинствена реторика во последните недели. Мали и Буркина Фасо брзо одговорија велејќи дека секоја таква операција ќе се смета за „објава на војна“ против нив. Односите меѓу Франција и трите земји се влошија по државните удари. Франција беше принудена да ги повлече своите трупи од Мали и Буркина Фасо и е во напнат конфликт со армијата што ја презеде власта во Нигер. Мали исто така побара од мировната мисија МИНУСМА на ОН да ја напушти земјата. Воените владетели на Нигер побараа од Франција да ги повлече своите трупи и амбасадорот, бидејќи Франција одби да го признае новото воено владеење. П.Р.































