Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несомнено она што не сакаат да го видат и да го признаат домашните политичари, многу пореално го согледуваат луѓето од страна, кои точно
знаат кои се клучните моменти со кои се демонтираше македонската држава и нејзиниот унитарен карактер, ставајќи го акцентот на рамковниот договор, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба, а сега сето тоа дополнето со барањето за уставни измени

Во јавноста во Албанија и Бугарија сè погласни се тврдењата на носители на високи државни функции дека „Македонците всушност остануваат без своја држава“?!

Во низа разговори со повеќе интелектуалци, академици, професори, историчари и правници изминатиов викенд, сублимиравме нивно заедничко мислење и став, при што посебно беше издвоен динамизираниот „процес на ремоделирање на Македонија како држава на македонскиот народ и сите други малцински заедници“. Притоа, во разговорите беше подвлечено дека истиот тој процес „полека влегува во своето финале, а исклучително силните притисоци за внесување на Бугарите во македонскиот устав се всушност заради заокружување на целата операција и конечно затворање на македонското прашање на Балканот“. Тезата за „затворање на македонското прашање“ и динамиката на истото тоа во поновата историја, во разговорите беше поткрепена со „воениот конфликт што започна во Македонија пред нешто повеќе од 20 години, по што следуваше потпишувањето на рамковниот договор, настан што всушност беше вовед за редефинирањето на државата, со единствена цел таа да не биде матична држава на македонскиот народ, туку држава на граѓани од разни етнички групи, означени со кованицата „делови од народи“, иако во согласност со меѓународните конвенции секаде се нарекуваат „малцинства“.

Неколку печати на обезличувањето на државата

Потпишувањето на Договорот за соработка и пријателство со Бугарија во 2017 година, како и на Преспанската спогодба една година подоцна, стави печат на обезличувањето на државата, а сега со уште една уставна интервенција треба целосно да се заѕида идејата за Македонија како држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа.
Своите согледувања дека работите се движат во таа насока неодамна ги изнесе и Илир Кула, експерт за безбедност и геополитички аналитичар, кој своевремено беше и државен политички советник на двајцата поранешни претседатели на Албанија, Илир Мета и Реџеп Мејдани.
Кула во гостување во албанските медиуми одговарајќи на прашањето за ситуацијата во Македонија беше многу јасен и дециден во констатацијата дека Македонците всушност остануваат без своја држава!
– Работата со С. Македонија заврши. Како „македонско овошје“. Албанците ја презедоа државата. Со Охридскиот договор ја ставија структурата на државата под своја контрола. Албанци се претседателот на парламентот, двајца заменици-претседатели на Владата, министерот за надворешни работи, претседатели на општини… Значи, Албанците ја зедоа државата, Грците им го зедоа името, и тоа со насилство и уцени. Не им го отвораме патот за ЕУ итн. Србите им ја сакаат црквата, бидејќи не им ја признаваат, а Бугарите им го сакаат идентитетот. Што им преостанува на кутрите Македонци – отворено праша Кула.

Она што ни се случува е катастрофално, тотален апартхејд

Несомнено она што не сакаат да го видат и да го признаат домашните политичари, многу пореално го согледуваат луѓето од страна, кои точно знаат кои се клучните моменти со кои се демонтираше македонската држава, ставајќи го акцентот на рамковниот договор, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба, а сега сето тоа дополнето со барањето за уставни измени.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, за жал, целосно се согласува со констатацијата на Кула, притоа додавајќи дека Македонија се најде во ваква ситуација само затоа што некој упорно сака да остане на власт, без оглед што се распродаваат националните интереси и се обезличува државата.
– За жал, точна е констатацијата на Кула. Она што ни се случува е катастрофално, тотален апартхејд. Владејачката партија за да остане на власт нема нешто што нема да распродаде, едноставно станува збор за луѓе без морал, без вера, без чувство за припадност, без етика. И поради нивната алчност за власт и бенефиции што им ги носи владеењето, Македонија умира како држава – истакнува Пекевски.
Ништо поинаку не размислуваа и голем дел од другите соговорници од кои побаравме одговор и коментар за ставовите изнесени од страна на поранешниот советник не некогашните албански претседатели Мета и Мајдани.
– Неговата забелешка е точна. Тој ги наведе сите клучни моменти што придонесоа за денешниот непрепознатлив изглед на државата. Факт е дека историјата се повторува и продолжува да ѝ се повторува на Македонија, за жал секогаш оној неубавиот дел од историјата – заклучуваат соговорниците.