Кој кого сака да замолчи и зошто

НИКОЛА ДИМИТРОВ НЕМАЛ ДОВЕРБА ВО БУЈАР ОСМАНИ

Вицепремиерот за евроинтеграции во заминување Никола Димитров порача дека нема доверба во министерот Бујар Османи за спорот со Бугарија, како и во други членови на Владата, додавајќи дека неговата смена е направена за да го замолчат.
– Демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков, затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат – рече Димитров за време на вчерашната прес-конференција во Клубот на пратениците.
Тој додаде дека во два наврата таа битка кулминирала во Брисел и во Скопје, кога јасно ставил до знаење дека преку поставените граници немало да дозволи да се помине по која било цена. Димитров уште порача и дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со преговорите со Бугарија, кој останува на истата функција и во новата влада.
– Имам едно чувство дека таму има еден драјв за успех по секоја цена, што мислам дека не е продуктивен и е опасен. Можеби и грешам. Се надевам дека грешам. Меѓутоа, моја граѓанска должност, како човек што со години работи на оваа кауза, е да бидам буден и да го следам процесот и јавно и гласно ќе алармирам тогаш кога мислам дека работите одат во лош правец – истакна Димитров.
Според него, СДСМ му го понудила амбасадорското место во Вашингтон, за, како што наведе, да го замолчат.

На ваквите негови изјави реагираа од Кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев, со појаснување дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор со Бугарија.
– Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите што се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а, пак, таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог, кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија – се вели во реакцијата од Кабинетот на Заев.
На ова се надоврза и првиот вицепремиер Артан Груби, кој порача дека преговорите со Бугарија се водат транспарентно и македонските граѓани немаат причина за недоверба кон министерот Османи.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го посочија Димитров како главен виновник за заплеткување на односите со соседите.
– Димитров е кариерист, кој ги заплетка и комплицира односите со сите наши соседи и го поларизира општеството – се вели во партиското соопштение. С.Т.