Како свештенослужител пред Престолот на Севишниот Бог, немам намера да молчам пред неправдата што непосредно го угнетува мојот македонски народ, а посредно и целиот свет. Оваа неправда има отворена намера да му ја затруе душата на народот со разни бесмислици, сака да му ја зацрни и одземе секоја светла иднина, претворајќи го во безлична маса, во дрво без корен, во послушен и аутистичен ентитет, кој единствено има право да биде согласен со секој апсурд што ќе му биде сервиран, вели во својата анализа за актуелните случувања владиката Агатангел
Најпрво би сакал да му се извинам на македонскиот народ, бидејќи од здравствени причини не сум во можност да присуствувам на протестите што имаат благочестива цел, а тоа е спречување на свесното ништење на македонскиот идентитет, односно на македонскиот јазик, историја и култура. Иако физички не сум присутен, сепак моите молитви се секогаш на ваша страна, бидејќи вашето дело е праведно и секој што барем малку знае за Бога е ваш верен придружник. Ја користам оваа пригода да ви се обратам лично вам, да ве поддржам и поткрепам, но и отворено да ја посведочам вистината, без разлика на тоа дали таа некого би го здоболела или не. Од вистината и од Божјата правда, нема бегање, а нам како христијани ни е сосема својствено и природно јасно и гласно неа да ја браниме во овој суров и од гревот ослабен свет.
Првиот знак на безумноста е отсуството на срам. За жал, сè повеќе сме убедени дека, покрај срамот, и разумот заедно со него одамна си имаат заминато од нашата татковина. Ако промената на името беше јасна и отворена победа на неофашизмот, кој на европскиот украсен астал, пропагандно, со надеж за посветла иднина, ни беше сервиран во бели ракавици, тогаш, сегашното газење на македонскиот јазик, идентитет и историја, што преку Бугарите како европски измеќари ни се послужува, е блуткава и расипана храна што дури ни најздравиот дигестивен систем не е во состојба да ја свари и преработи. Ако при промената на името на државата бевме сведоци на ретка појава на наивност, тогаш во актуелниов обид за ништење на македонскиот јазик, идентитет и историја гледаме школски пример за лудост, во кој фабрички е вградена нечесната и отворена намера. Сега ни е сосема јасно дека никој овде не е случајно наивен, или дека бил понесен од некоја повисока народна цел, туку е целосно свесен за своите претходно смислени постапки, кои врз нашите глави се истураат со сета своја бруталност, безумност и неразумност. Во Библијата е кажано дека каков е изгледот на урнатината, таква на безумниот му е мудроста, па токму заради тоа со неразумниот е бесмислено да се разговара или, пак, да му се објаснува, бидејќи ум сосила никому не може да му се придодаде.
Колку порази како народ и држава треба да доживееме, за конечно да сфатиме со кого и со каква нечестивост си имаме работа. Еднаш засекогаш нека ни биде јасно дека Европа, но и Америка, како нејзин непосреден газда и владетел, повеќе не се она што биле некогаш. Погледнете колку ним во моментот им е грижа за нивните граѓани. Америка се дрзна да краде на избори, а Европа, додека троши милијарди евра на вооружување, истовремено ги советува своите граѓани како потопло да се облекуваат за да ја преживеат зимата. Имаме впечаток дека за ова како да постои тивка согласност во нивните општества, бидејќи за овие појави нивните медиуми здружено молчат, а нивните интелектуалци или се занемени, или се поткупени, или пак свесно си ги закопале главите во земјата. Само овие два примера се совршена илустрација за духот, кој како демонско сениште се има надвиснато на небото врз западниот свет. Само неразумниот човек е подготвен да купи памет од ваквите неразумни продавачи. Нашиот умен народ ваквата состојба ја нарекол винички есап и трговија.
Францускиот претседател е совршена праслика на британскиот премиер од 1938 година, кој во име на мирот, како повисок интерес, на Хитлер, без да го праша тамошниот народ, му ги предал на тацна цела Австрија и Чехословачка, за овој подоцна да се осоколи и да му донесе на светот бура од несреќи, во која пострадаа меѓу 60 и 80 милиони невини луѓе. Ете со кого денеска си имаме работа. Ваквата ментална состојба денес има намера да ни ја крои судбината. Бугарите, во овој момент, се само лоши актери и невешти имитатори, кои уште еднаш избраа да застанат на погрешната страна на историјата. Ако им беа малку невидените катастрофи од двете светски војни и еден Тодор Живков, кој во рацете на Сталин и Советите предадено им служеше како маша при нивната борба со Тито и Западот, тогаш денес во нивната историја си породија мали „Тодоровци“, кои својата злоба ненаситно си ја хранат со поттикнување немири, кавги, недоразбирања и негирања. Таквите многу сакаат да зборуваат за измислена бројка на обесправени Бугари во Македонија, но, сепак, никако немаат намера да си погледнат во сопствениот двор, па да си видат каква нечовечност им владее во сопствените граници, и во однос на правата, но и во однос на слободата на мислата на оние што одбиваат да се чувствуваат како Бугари. Нашите никако да ги потсетат на ваквата нивна реалност. Европа, којзнае по кој пат, како по правило, замижува пред оваа неправда, оти тие ги разбираат единствено правилата на насилникот. За Европа не е никаков проблем еден културен центар да носи име на докажан терорист, кој, патем, да потсетиме, бил личен пријател на Гебелс и на Хитлер.
Јас, како свештенослужител пред Престолот на Севишниот Бог, немам намера да молчам пред неправдата што непосредно го угнетува мојот македонски народ, а посредно и целиот свет. Оваа неправда има отворена намера да му ја затруе душата на народот со разни бесмислици, сака да му ја зацрни и одземе секоја светла иднина, претворајќи го во безлична маса, во дрво без корен, во послушен и аутистичен ентитет, кој единствено има право да биде согласен со секој апсурд што ќе му биде сервиран. Не можам да се изначудам колку плиткост и наивност владее во нашиве редови. Понекогаш за ваквите луѓе е подобар избор молчењето, оти ако си ја воздржат устата од говорење, може и ќе ни заличат на мудри и благоразумни. Ова не се мои зборови, вака за неразумните се изразил премудриот Соломон.
Прв во редот на кандидатите за молчење е нашиот министер за надворешни работи, кој ако е чесен човек, треба комплетно да се повлече од оваа расправа што ни ја наметнуваат Бугарите, бидејќи нивните барања задираат во идентитетските прашања на Македонците, а тој самиот не е Македонец, па неговото однесување личи на човек што сака да го уредува дневниот престој на својот сосед. Знаеме сите зошто тој постапува вака. Тој не е поставен од народот, па да се плаши од неговиот суд. И тој и сите други околу него се тука за да ги бранат туѓите интереси. Добро памтиме со какви игри си ги зграбија министерските столчиња.
Уште пострашно е однесувањето на министрите од македонскиот блок. Ним сакам посебно да им се обратам. Вразумете се! Оставете ја Европа да се бори со својот фашизам, впрочем тоа е нивен производ, нивна измислица, и изгледа секоја нивна наредна генерација е осудена да ги повторува грешките на своите дедовци. Сфатете, конечно, дека денешните Западноевропејци се познати по својот опортунизам и по непочитувањето на договореното, тоа е нивна илјадагодишна традиција. Отворете ги историските книги, па ќе се уверите дека сум во право. Типичен пример за ова што го зборувам се токму крстоносците, кои наместо да ја бранат Византија, со децении го пљачкале Цариград. Тие до коска се немилосрдни колонисти, кои до последна капка ја цедат крвта на оној што ќе го поробат. Отворете ја картата на нивните колонии, па ќе видите каков пустош таму владее до денешни дни. Тие не градат патишта, мостови, универзитети, здрави и нормални општества. Нивна единствена цел е лакомото користење на ресурсите и бесплатната работна сила, која се подготвени безочно да ја исцедат до самата смрт. Не разбирам како може да се нема основно чувство за духот на својот народ. Македонците отсекогаш биле антифашисти и никогаш немале страв да се спротивстават на фашистичките мрачни сили, дури и тогаш кога пред нивниот налет се поклонила цела Европа. Потребно ли е за некој да не биде навреден, да ги потрупаме илјадниците партизански гробови и споменици што во знак на благодарност ги изградиле нашите татковци. Внимавајте како ќе бидете запаметени во историјата, оти таа е неумолива, никому не му простува и брутално се пресметува со предавниците, а вас особено нема да ве поштеди.
Затоа, сега ви е последната шанса да бидете храбри и одлучни. Најпрво вратете го името, признајте си ја грешката, и така повратете си ја почитта од сопствениот народ, кој правилно знае да цени, но и да му простува на покајникот.
Митрополит Повардарски Агатангел (Станковски)