Некои велат дека Париз е како убава девојка што секој ја посакува. Oва поетско искажување нуди можност да помислиме дека е можно такво нешто, колку и да изгледа неверојатно и невозможно. Сепак, град со толку историски, културни и уште повеќе туристички белези, секој што сака може да ја гледа таквата метропола како убава девојка и сосема е нормално таквиот простор да биде посакуван од многумина.
Париз сега се облекува во ново руво, да речеме во бело, во чисто. Белото, чистото и светлото на Париз му личат, можеби затоа е наречен Град на Светлината. Поради чистото и светлото во овој период од годината, сигурно и во почетокот на идната, во Париз се случуваат значајни градежни зафати, градот дејствува како големо чистилиште. На фасади од објекти што се наоѓаат на некои значајни авении се симнуваат скелиња, на други се поставуваат, а сето тоа се прави за да се отстрани сивата нечистотија наталожена со месеци или години. Со нивната масивност и тежина посебна драмска атмосфера прават камионите што одат до одредените локации каде што се вршат градежни работи собирајќи отпадок од чистењето. Операта „Гарние“ целата е покриена со оптегнати најлони, на кои се насликани детали од прекрасната фасада од оваа национална институција, сето тоа е направено за професионални екипи за реставрација да можат внатре да работат на мир и надвор од погледот на многубројните туристи.
На ист начин се дејствува и на многуте споменици, кои по завршените конзерваторски работи ќе можат да се откријат за подобро да се види нивната ликовна убавина.
Половина од фасадата на музејот „Лувр“, која гледа кон авенијата Риволи, простор што во одредени денови станува шеталиште за пешаците, значи тој дел од фасадата на „Лувр“ е веќе исчистен и ако се спореди чистиот со тој што допрва треба да се исчисти, се добива впечаток дека едниот и другиот дел се нешто друго, нешто различно и не претставуваат една целост од познатиот музеј.
Најголемата градежна и конзерваторска активност се случува околу катедралата „Нотр Дам“, која беше оштетена од пламените јазици што ненадејно ја зафатија старата дама пред неколку години. Сега целата опкружена-оградена со дрвени и железни скелиња изгледа како некаква ликовна инсталација или мамутска скулптура. Одговорни луѓе од општината на Париз тврдат дека сите зафати почнати околу реновирањето и реставрација на катедралата ќе бидат завршени навреме и Париз повторно ќе блесне, ќе биде убав, дури уште поубав отколку што беше, тогаш ќе изгледа како убава девојка што многубројните посетители што се подготвуваат да дојдат во престолнината на Есмералда и Квазимодо сигурно неизмерно ќе ја посакуваат.
И славните букинисти не останаа настрана од проектот за чистење на Париз. Некои раководни личности од градот отидоа дотаму што предложија букинистите, кои исто така преставуваат значаен симбол на градот, еден временски период да бидат отстранети од кејот на Сена! Во јавноста се создадоа големи расправии за ова прашање, а што ќе се случи од сето тоа, останува да видиме.
Несомнено треба и нужно е да си го поставиме прашањето зошто и чуму толку брзање и желба за чистење и белење. Кои се поводот и причината за сето тоа? Олимписките игри, да, токму тие. Летните олимписки игри се причината за ваквото генерално чистење на Париз. Не дека порано не се чистело или белело, се работело и порано во оваа насока, но не со вакво темпо. Барем мене така ми се чини.
Значи, да заклучиме, поводот се Летните олимписки игри што ќе се случат во 2024 година и ќе се одржат во Париз, односно во Франција. Неколку дена ми беа потребни да разберам зошто речиси во сите продавници за прехранбени производи може да се видат и купат платнени ќесиња на кои пишува „Париз 2024“. Значи, вревата и бучавата е за Олимписките игри, затоа и под земја и над земја се прават такви градежни зафати. Французите ги бидува да направат вакви пријатни изненадувања и да им посакаме Париз за време на Олимписките игри да ни го понудат во посебно издание, кое ќе личи на млада девојка што многумина ќе ја посакаат. Со такви впечатоци го напуштив Париз и тргнав кон дома.
Од радиото на таксито што ме носеше од скопскиот аеродром до населбата Ченто слушам дека во посета на нашата земја уште денеска (тоа беше пред неколку дена) ќе пристигне Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија! Урсула во Македонија? Да не случајно сме патувале со ист авион, се запрашав? Не, не е можно да сме патувале со ист авион! Да бевме во ист авион, ќе видев дека во авионот е и Урсула, ама не видов таква личност, барем да заличеше на Урсула. Ова ми изгледа како да сум повлекол нога за посета на Македонија од важни личности од ЕУ и светов, како што е Урсула фон дер Лејен. Без разлика со кој авион пристигнала, важно е дека дојде, и тоа од Брисел! Убав град е Брисел, него исто така може некој да го гледа како убава девојка и исто така да биде многу посакуван, ама јас се враќам од Париз, разликата меѓу овие два града е во тоа што во 2024 година во Париз ќе се одржат Олимписките игри, во Брисел нема да има олимписки ама може да се случи да приредат други – поинакви игри.
На пример Урсула ни направи чест и прво со нас го започна патувањето низ Западен Балкан. Во Македонија има што да се види, Урсула може да провери дали ние сме извршиле и завршиле со нашето политичко и општествено чистење. Секој може да се запраша зошто Урсула би доаѓала (не како убава девојка) како прва дама при ЕК, ако нема некоја конкретна идеја и задача. Да речеме да види што станува со нашиот устав, дали тој е отворен и прочистен или остана таков „нечист“ и „валкан“?
Урсула фон дер Лејен на многу културен начин, како што ѝ личи на префинета дама што стои на чело на ЕК, ни соопшти дека со нетрпение го очекуваат нашето влегување во ЕУ, а прозорецот кон таа насока постојано е отворен. Почитуваната Меркел ни зборуваше за „врата“, сега Урсула ни посочува „прозорец“. Зарем е важно од каде ќе влеземе во ЕУ – дали од прозорец или од врата? Важно е дека Урсула фон дер Лејен ни ги потврди нашиот „посебен идентитет“ и „македонски јазик“. Урсула како што дојде така и си отиде, не се осмели да ни каже како ќе го отвориме нашиот „посебен Устав“, уште помалку како ќе го затвориме и, што е најважно, не ни посочи кои методи да ги употребиме, како што тоа го правеа едни ЕУ-функционери што нѐ подучуваа да употребиме „балкански“ или не знам каков друг начин. Како умни луѓе можеби треба да ни кажат да извршиме едно чистење однатре и однадвор на корупцијата и криминалот што владеат во нашата „посебна“ држава Македонија.
Автор: Коле Манев