Барањето ново име за Македонците се чини стана особен предизвик за Габриел Ескобар, заменик на помошник-државниот секретар на САД задолжен за Балканот. По пробниот балон со нарекување на Македонците како „северномакедонци“ (за што доби негативни реакции), Ескобар во едно неодамнешно интервју во кое говори за предизвиците во регионот на Западен Балкан, во контекст на српско-косовското прашање, ги нарекува Македонците „православен народ“. Дали супститутивните форми за именување на Македонците што ги избира Ескобар укажуваат дека САД отвораат нови опции во однос на македонското прашање или не?!
Од Македонци во „северномакедонци“, а сега во „православен народ“
Пет години по потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој на Република Македонија ѝ се додаде географска одредница во името, а според политичарите што го потпишаа – „со договорот (и посебно со меѓународната заедница како гарант) се гарантира именувањето на народот како македонски, односно Македонци“, речиси постојано се наметнува прашањето – кој во меѓународната заедница не ја почитува оваа спогодба меѓу Македонија и Грција. И кој веќе ги заборавил или ги игнорирал гаранциите и ветувањата од меѓународната заедница кон Македонија и Македонците? Имено, токму претставници од меѓународната заедница (ООН, ЕУ, САД) беа „сведоци“ при потпишувањето на Преспанската спогодба во Нивици и, секако, своевидни гаранти за доследно почитување на нејзините одредби од сите страни вклучени во договорот.
Текот на настаните по потпишувањето на договорот покажува една парадоксална тенденција, од која произлегува дека само Македонија е обврзана да ги спроведува одредбите од договорот, додека другата страна, Грција, и меѓународните гаранти можат да се однесуваат како со тоа да е воспоставена нова реалност, во која треба да се најде и ново име за Македонците, кое наводно им е гарантирано со Преспанскиот договор.
Сѐ почести примери од највисоки странски државни функционери за наше преименување
Барањето ново име за Македонците се чини стана особен предизвик за Габриел Ескобар, заменик на помошник-државниот секретар на САД задолжен за Балканот. По пробниот балон со нарекувањето на Македонците како „северномакедонци“ (за што доби негативни реакции), Ескобар во едно неодамнешно интервју во кое говори за предизвиците во регионот на Западен Балкан, во контекст на српско-косовското прашање, ги нарекува Македонците „православен народ“.
– Едно нешто што тие го прават правилно, единственото нешто што го прават правилно во С. Македонија, во контекст на регион што од многу аспекти како негативна страна се карактеризира со етничко ривалство, С. Македонија е вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и православниот народ. Значи, сега е модел на демократска граѓанска држава. Она што сега треба итно да го направат е да се придвижат напред кон спроведување на договорите што ги имаат и да работат на уставните измени – вели Ескобар.
Потоа, Ескобар накратко се осврнува на договорот постигнат со посредство на ЕУ за Македонија да ја промени преамбулата на Уставот и да ги признае етничките Бугари како конститутивна етничка група.
– Сега нивната преамбула веќе признава неколку етнички групи. Не мислам дека ова е проблем. И, исто така, мислам дека С. Македонија има особено добро досие за заштита на правата на малцинствата. Но тие треба да го направат тоа. И ние се надеваме дека ќе го направат тоа. И се надеваме дека тогаш, конечно, целосно ќе ја отвориме вратата за нивната европска интеграција, бидејќи да бидам искрен, С. Македонија може многу, многу брзо да затвори поглавја. Тие се реформски настроени – додава Ескобар во интервјуто, осврнувајќи се на Македонија.
Во суштина, ставот на Ескобар за брзо решавање на отворените прашања на Западен Балкан, кои, сепак, се сериозни предизвици за земјите од регионот, се темели на аргументот дека САД и ЕУ, во контекст на солидарноста во НАТО, „не можат да го трошат нивниот пропусен опсег на конфликти внатре во територијата на Европа“
– Европа треба да биде слободна, мирна и обединета додека се соочуваме со реални безбедносни закани надвор од континентот, надвор од нашиот трансатлантски простор. Значи треба да го направиме тоа – дециден е Ескобар, иако во сето „брзање“, очигледно, особено внимава да не ги нарече Македонците – Македонци.
Дали со супститутивните форми за именување на Македонците, кои ги избира Ескобар, се укажува дека САД отвораат нови опции во однос на македонското прашање
Според познавачите и хроничарите на глобалните и регионалните предизвици, во актуелниот миг, секако со длабоки корени во минатото, супститутивните форми што ги избира американскиот заменик на помошник-државниот секретар за именување на Македонците укажуваат дека САД полека отвораат и други опции во однос на македонското прашање.
– Изјавите на Ескобар воопшто не изненадуваат. Тој меѓу првите нѐ нарече „северномакедонци“, што ја потврдува само политиката дека меѓународната заедница се обидува да го затвори македонското прашање, но со бришење на македонскиот народ. Повторувањето дека мора да ги спроведеме договорите од меѓународните претставници оди и понатаму, исто како она на ЕУ во преговарачката рамка, каде што се споменуваат и т.н. протоколи, односно записници од меѓувладини конференции, што е надвор од сите меѓународни принципи и дипломатски традиции. Треба да ни биде јасно дека со инсистирањето за уставните промени се оди на бугаризација на македонскиот народ и кога тоа ќе биде постигнато, нема веќе да мора да измислуваат „православно население“, туку македонскиот народ ќе си добие свој синоним. Гледаме дека САД полека но дефинитивно ги отвораат картите во однос на македонското прашање – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Во однос на препораката барање од Ескобар за Македонија „итно да се придвижи напред кон спроведување на договорите што ги има и да работи на уставните измени“, професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија, смета дека македонската страна се придржува до договорите и ги спроведува, но сите други инволвирани во процесите на нивно спроведување излегуваат надвор од нив, што е неприфатливо.
– Заменикот на помошник-државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, треба да знае дека ние ги почитуваме неговите препораки за почитување и спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, покрај оној со Грција, т.е. Преспанскиот договор. Но не можеме да ја почитуваме Декларацијата на бугарското собрание, напишана, изгласана и потпишана две години подоцна од потпишувањето на Договорот за добрососедство, која претставува целосна негација на македонското постоење како национален идентитет, со историја и македонски јазик. Според тој договор формиравме историска комисија, која треба да работи според историските факти, а не да ги толкува според политичките желби и аспирации на Бугарија. За жал, нашите политичари, под бугарско влијание прифатија да преговараат според таа невалидна декларација, па дури прифатија да биде вградена и во македонската преговарачка рамка со ЕУ, а го потпишавме и оној кобен протокол. Но она што не можеме да го исполниме е да го отвориме Уставот и да ги ставиме Бугарите во преамбулата, зашто такво нешто воопшто не е наведено во Договорот за добрососедство. Сите учесници во тој процес на спроведување на договорот излегоа надвор од него, со „амин“ на ЕУ. Во принцип, во еден договор, особено базиран врз меѓународното право, не може да се бара нешто од една страна, што реципрочно не може да го исполни и другата страна. Ако Бугарија не може да го менува Уставот за да демонстрира признавање на правата на малцинствата, непринципиелно од меѓународната заедница е да бара од Македонија да го менува Уставот за да ги имплементира Бугарите во него. Едноставно – нема реципроцитет и принципиелност во ваквите барања и очекувања од Македонија.
Под притисок на соседите веќе неколкупати го имаме менувано Уставот, па како партија имам намера да предложиме и да работите на системски промени во нашиот политички систем, за секое понатамошно отворање на Уставот, да биде распишан референдум и секако да се почитуваат резултатите од референдумот. Тоа се промените што од темел треба да се направат во нашиот политички систем, а не да им ги задоволуваме барањата и желбите на соседите – вели професорката Солза Грчева.
За именувањето на Македонците како „православен народ“, од страна на Ескобар, професорката Грчева вели дека тоа е резултат на погубниот за Македонија Преспански договор, до кој претставниците на меѓународната заедница, наводно, се придржуваат.
– Коренот на сите зла што ни се случуваат сега, па и навредливото именување на Македонците е Преспанскиот договор. Но именувањето на Македонците како „православен народ/население“, во суштина е несреќен избор на Ескобар за придржување до Преспанскиот договор, со намера да го избегне она „северномакедонци“, за што доби негативни реакции. Не може да се тврди дека сите Македонци се православни. Можеби најголемиот дел од Македонците навистина се православни, но има и католици, и протестанти, па и Македонци муслимани, а и атеисти. Сведувањето на еден народ, нација на религиска квалификација е многу анахроно во современиот меѓународен контекст и, секако, навредливо и непримерно изразување од високопозициониран дипломат на голема светска сила. Но со Преспанскиот договор, со промената на името на државата Македонија, ние всушност се откажавме од атрибутот на македонизмот и именувањето како Македонци, кои станаа ексклузивитет на Грција – вели професорката Солза Грчева.