Имајќи предвид дека измените на Уставот се подготвуваа далеку од очите на јавноста, со јасно дистанцирање на повеќето уставни експерти во земјава, кои посочија дека не сакаат да бидат дел од нетранспарентен процес, дилемата со која се соочува македонската јавност е врз што го заснова оптимизмот министерот Османи, со кој тој дури влегува во дефинирање временска рамка за интервенциите во Уставот, кога е апсолутно свесен дека нема двотретинско мнозинство за промена на Уставот?! Дополнително прашање е за какви рокови говори, кој му ги поставил и која ќе биде цената на брзоплетото бркање на тие рокови ако се знае дека на поголемиот дел македонски граѓани воопшто не им е јасно зошто се потребни уставни измени ако условот за зачленување во ЕУ е исполнувањето на Копенхашките критериуми
Министерот Османи со лицитирањето временски рокови за уставни измени го оживува Замирањето на пресингот за интервенции во Уставот
Како што привршува скрининг-процесот на усогласувањето на законодавството на Македонија со она на Европската Унија, така повторно се враќа реториката дека „земјава ќе успее навреме да ги спроведе уставните измени и да почне со отворањето на преговарачките поглавја“.
Иако фактичката состојба на терен е далеку од обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието, некои од политичарите од власта и натаму продолжуваат со истата мантра, дека роковите за уставни измени ќе бидат запазени.
– Моја задача е да сум оптимист и да работам да се случи тоа. Според моите сознанија, процесот ќе заврши успешно, се надевам навреме – изјави неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање.
Имајќи предвид дека измените на Уставот се подготвуваа далеку од очите на јавноста, со јасно дистанцирање на повеќето уставни експерти во земјава, кои посочија дека не сакаат да бидат дел од нетранспарентен процес, дилемата со која се соочува македонската јавност е врз што го заснова оптимизмот министерот Османи кога е свесен дека нема двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Дополнително прашање е за какви рокови говори, кој му ги поставил и која ќе биде цената на брзоплетото бркање на тие рокови ако се знае дека на поголемиот дел македонски граѓани воопшто не им е јасно зошто се потребни уставни измени ако условот за зачленување во ЕУ е исполнувањето на Копенхашките критериуми. Нејасно е како со некакви „запирки“ и козметички дотерувања ќе се задоволат многу поголемите бугарски апетити, но и како трчањето по некакви рокови ќе се одрази врз државата и дали ќе продуцира дополнителни проблеми во иднина. На сите овие прашања нема јасен одговор, туку се шири некаков нереален оптимизам и се пласира мантрата дека „сето тоа е во името на посветлата иднина“.
Одговорната македонска дијаспора се бори да не се направат штети врз
државата
Истите прашања си ги поставуваат и многу експерти и познавачи на уставните услови, кои не можат да ја разберат потребата некој сам да си поставува рокови, кога се знае дека секоја измена на Уставот треба да биде постапка што ќе се води транспарентно, во стриктно законски утврдена процедура, за содржини за кои ќе се развие поширока општествена дебата, во чие подготвување ќе бидат вклучени врвните уставни експерти, но и политичари, за да може на крајот сето тоа да биде постигнато со широк општествен консензус, што ќе овозможи тие промени да функционираат на подолг рок, а не да бидат уште едно сквернавење на највисокиот правен акт во државата. Со свои предлози како треба да се одвива целата постапка излегоа многумина, а реагираше и дијаспората, која поттикната од она што некои кругови во земјава не го знаат или можеби не сакаат да го видат, предлага свој модел како Македонија да ги направи уставните измени и на крајот да излезе посилна како држава.
Претседателот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски, следејќи го процесот на уставни измени во земјава и увидувајќи дека тоа се прави набрзина и насила, предлага модел како да се направи тоа по примерот на некои европски држави, но и на САД.
– Предлагаме уставните измени да бидат такви што во нив јасно ќе се посочи дека Македонија е држава на Македонците и другите граѓани што живеат во неа. Ваквиот модел е застапен во српскиот, во бугарскиот, како и во францускиот устав. Тоа е граѓански устав, таков имаат Бугарите и нема да можат да се бунат ако и ние така го конципираме нашиот устав. Впрочем, и Американците имаат граѓански устав без воопшто да ги наведуваат сите народи што живеат таму – појаснува Илијевски.
Тој ги повика најголемите македонски партии во земјава да се изјаснат околу овој предлог и да почнат да ги туркаат уставните измени во таа граѓанска насока.
Уставни измени исклучиво по наш модел
И додека експертите, дијаспората, невладините организации, интелектуалците продолжуваат да лицитираат со модалитетите на уставните измени, „Нова Македонија“ на оваа тема се осврна во повеќе наврати, задржувајќи го конзистентниот став дека какви било уставни измени треба да го одразуваат државотворниот карактер на македонскиот народ, преку истакнувањето на Илинден, АСНОМ и референдумот за независност од 8 Септември, како главни столбови на македонската државност.
Ако веќе се инсистира на уставни измени, се наметнуваат некакви рокови и се шири неоправдан оптимизам, тогаш потребно е решение што ќе биде во согласност со македонските национални интереси, а не со оние на Софија. Тоа подразбира уставни измени со кои ќе се истакне носечката државотворна улога на македонскиот народ, кој ќе биде издвоен како главен конститутивен народ, заедно со признавањето на македонскиот јазик како единствен официјален јазик на целата територија на државата. Решението за промена на Уставот и содржината на промените не може никој да ги диктира и наметнува, туку мора да бидат резултат на внатрешна суверена одлука на сите. Ако веќе се внесуваат Бугарите во Уставот, одлуката за тоа како и каде ќе бидат споменати повторно мора да биде донесена врз основа на широка дебата и општествен консензус прифатлив за сите, решение што утре нема да предизвикува дополнителни поделби и дестабилизација на државата, туку ќе претставува врзивно ткиво меѓу конститутивниот македонски народ и сите малцински заедници што живеат во земјава.
Имајќи предвид дека Уставот, поточно највисокиот правен акт, е одраз на сувереноста на една држава, секаков обид да се наметнат решенија однадвор всушност претставува најбезобѕирно мешање во внатрешните работи. Затоа е и суверено правото дали, какви и кога ќе направиме уставни измени, без некој дополнително да ја замајува јавноста дека ќе се фателе некакви рокови, кои никој и не ги наметнал.