Македонија и Бугарија уште пред неколку години потпишаа заеднички протокол со кој се предвидува идентификување и преземање мерки против каква било форма на говор на омраза во јавниот простор. Никој не смее да поддржи говор на омраза. Ниту тие кон нас, ниту ние кон нив, нагласи тогаш министерот за надворешни работи Бујар Османи при обелоденувањето на протоколот. За жал, оттогаш до денес уште повеќе се интензивираа случаите на провокации, навреди, омаловажување и говор на омраза, и тоа само еднонасочно, исклучиво од страна на Бугарија кон Македонија
Како Софија го официјализира говорот на омраза против Македонците
Бугарија продолжува со својата валкана политичка игра на извртени тези, измислици и подметнувања кон Македонија, користејќи ја секоја можна пригода да испрати нова доза провокации, навреди или обвинувања кон нашата држава. Најнов таков пример е пораката на бугарскиот министер за надворешни работи Иван Кондов, кој деновиве, на заедничкиот состанок во Брисел на министерите за надворешни работи на ЕУ со колегите од Западен Балкан, бескрупулозно изјави дека „во Македонија има државно спонзориран говор на омраза, еднострани провокативни акции, прекршување на човековите права, а за такви нешта нема место во европското семејство“ (!?).
Изјавата на Кондов во Брисел ја пренесе и бугарското министерство за надворешни работи, а доаѓа по изјавата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој кажа дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.
Игнорантски однос на Софија кон заедничкиот протокол за идентификување и преземање мерки против каква било форма на говор на омраза во јавниот простор
Македонија и Бугарија уште пред неколку години потпишаа заеднички протокол со кој се предвидува идентификување и преземање мерки против каква било форма на говор на омраза во јавниот простор.
Министерот Османи тогаш појасни дека преку овие точки во протоколот министерствата ќе го следат трендот и доколку увидат дека некој намерно провоцира, ќе ги информираат надлежните институции дека некој намерно провоцира и прави пропаганда.
– Никој не смее да поддржи говор на омраза. Ниту тие кон нас ниту ние кон нив – нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи при обелоденувањето на протоколот.
За жал, оттогаш до денес уште повеќе се интензивираа случаите на провокации, навреди омаловажување и говор на омраза, и тоа само еднонасочно, односно само страна на Бугарија кон Македонија.
Оттаму, да се говори за државно спонзориран говор на омраза во Македонија е тотална измислица и апсурд, велат аналитичари и комуниколозите. Во Македонија сите граѓани максимално ги уживаат сите меѓународно загарантирани човекови права и слободи, што, за жал, не може да се каже и за Бугарија, каде што македонското малцинство со години е угнетувано и не му се дадени никакви права од страна на бугарските власти, категорични се нашите соговорници.
Безбројни примери како државниот апарат на Бугарија е вклучен во континуирана деструктивна кампања кон македонскиот народ и држава
Во однос пак на бугарските наводи за „државно спонзориран говор на омраза во Македонија“, тоа веројатно најсликовото и најточно ја дефинира токму Бугарија, односно нејзиниот однос и политики во изминатите години. Или, со други зборови, ако некој спонзорира и поттикнува говор на омраза, тоа го прави токму Бугарија преку своите политичари и институции, велат познавачите на политичките состојби и хроничари на говорот на омраза од Бугарија.
За ова има голем број примери, но еве само мал дел од нив, регистрирани од соговорниците.
Самото непризнавање на македонскиот јазик, како најважно идентитетско обележје на посебноста на еден народ, е најизразит пример на говор на омраза кон Македонија и македонскиот народ. Таквиот бугарски говор на омраза е директно државно спонзориран и поттикнуван во рамките на бугарските институции, почнувајќи од бугарското собрание, кое носеше срамни и негирачки одлуки за Македонија, па преку изјави на претседателот на државата, министрите во Владата или бугарските европратеници. Сите тие се државни институции и државни функционери преку кои Бугарија на некој начин го спонзорира својот говор на омраза кон Македонија. Оттаму, тезата за државно спонзориран говор на омраза Бугарија треба да ја бара и решава во рамките на сопствената држава.
– Бугарија не го признава македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот народ, а бара внесување на дел од бугарскиот народ во истата држава каде што македонскиот народ е мнозински. Значи, не зборуваме само за Македонците во Бугарија. Софија оди чекор понатаму и не ги признава ниту Македонците во Македонија, во друга држава, во нивната држава, каде што тие се мнозинство. Оваа точка ги прави апсурдни и сите одредби за говорот на омраза. Како ќе се бориме заемно против омразата ако Бугарија го официјализира говорот на омраза против Македонците преку тврдењето дека македонскиот јазик не постоел? Преку најдрско мешање во срцето на внатрешните работи на друга држава? – вели Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи.
А дека државно спонзорираниот говор на омраза е и премногу присутен во рамките на бугарската политика кон Македонија сведочат и следните примери.
Пред неколку години тогашниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов јавно се закани и изјави дека е подготвен да испрати инженерски полк и тенкови за да ги отстранат спомениците и спомен-плочите во Македонија на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“. Ако тоа не е отворена закана и говор на омраза, тогаш што друго би било?! Истиот политичар и во многу други наврати користеше навреди кон Македонија и Македонците, при што во една пригода изјави дека Охрид бил бугарски град.
Но бугарските навреди и омраза кон Македонија не завршуваат тука.
И бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски најавуваше дека нема да постојат граници меѓу Македонија и Бугарија, па ќе било отворено од Охрид до Црно Море, оти од двете страни живеела една нација?! Во друга пригода Џамбаски порача и дека Македонија е втора бугарска држава на Балканот.
Бевме сведоци и кога во бугарскиот парламент, во рацете на дел од пратениците, можеа да се видат написи „Македонија е Бугарија“. Што е ова ако не отворен говор на омраза, навреда и негација на цел еден посебен народ и држава со своја вековна традиција?
Европратеникот Андреј Ковачев, пак, порача дека прославата на 11 Октомври од страна на Македонија е политичка провокација. На ова имаше бурни реакции во јавноста
– Кога некој провоцира и ти негира еден таков светол датум како што е денот на македонското вооружено востание против фашистичкиот окупатор, тоа е многу повеќе од говор на омраза – тврдат историчарите.
Во навредите и говорот на омраза кон Македонија не заостанува и бугарскиот претседател Румен Радев. Неговата најнова провокација беше неодамна, кога јавно запраша „кога ќе ги внесете роднините на Гоце Делчев во Уставот“…, алудирајќи дека Делчев е Бугарин.
Радев и претходно упатуваше провоцирачки и навредливи пораки кон Македонија, како онаа кога рече дека македонскиот идентитет е фалсификат на комунистичката интернационала.
Своевремено и доаѓањето на бугарската државна делегација, предводена од премиерот Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова, на отворањето на клуб на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ во Битола, во македонската јавност беше протолкувано како отворена провокација.
– Да се величат поддржувачи на фашизмот, како што е Ванчо Михајлов, и тоа во срцето на антифашистичка Македонија, е израз на политичка дрскост, тешка провокација, што се граничи со омраза кон сѐ што е македонско – оценија тогаш аналитичарите.
Освен во Битола, такви или слични изблици на фашизам и шовинизам од страна на бугарски политичари потоа имаше и во Скопје и други градови во Македонија.
Неодамна и Александар Јорданов, бугарски европарламентарец и поранешен амбасадор на Бугарија во Македонија, за време на состанокот на мешаниот парламентарен комитет Македонија – ЕУ, среде македонското собрание, рече дека Гоце Делчев е Бугарин, дека браќата Миладиновци објавиле бугарски, а не македонски народни песни. Токму оваа негова изјава предизвика силни реакции на негодување во македонската јавност.
Истиот бугарски политичар во една своја објава на Фејсбук користи тешки навреди и говор на омраза кога за Македонците користи квалификации како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“ и порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија. Подоцна фразата „србомански измет“ ја заменил со „србомани“, што во никој случај не ја намалува тежина на навредите и изразите на отворена омраза. Претходно тој припадниците на прилепскиот партизански одред што го кренаа востанието на 11 октомври 1941 година ги нарече терористи.
И по сите овие примери, повеќе од јасно е каде навистина има државно спонзориран говор на омраза. Нашиот весник се обрати и до МНР и до Секретаријатот за европски прашања за тоа каков е нивниот став во однос на ваквите бугарски тврдења и клевети за државно спонзориран говор на омраза, но до затворањето на денешното издание на весникот оттаму не добивме одговор.
И додека Бугарија со сиот државен апарат е вклучена во деструктивна кампања кон македонскиот народ и држава, во Македонија со државни пари се финансира само работната група што има задача да работи на уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Во Македонија исто така со државни пари се финансира и македонскиот дел од заедничката мешана историска комисија што работи на историски прашања од минатото. Но досега работата на оваа комисија беше многу често блокирана и условувана токму од страна на Бугарија поради преголемото влијание на политиката, а не на научните факти и докази.