Неодамнешната анкета на Европскиот совет за надворешни односи го откри ставот дека Кина е „неопходен партнер“ за Европа, кој преовладува речиси во секоја европска земја каде што е спроведена анкетата. Новите инвестиции од европските компании во Кина се зголемиле за 70 отсто, на 12,1 милијарди американски долари во 2022 година. Минатата година билатералната трговија меѓу Кина и ЕУ достигна ново највисоко ниво од 847,3 милијарди долари.
Кинеската стратегија за воспоставување тренд на мир, развој и победничка соработка очигледно се спроведува доследно. Речиси паралелно со важната средба на кинескиот претседател и американскиот државен секретар, премиерот на кинеската влада Ли Кианг беше во четиридневната посета на Германија, прва станица од неговото прво патување во странство откако ја презеде функцијата. За време на посетата, посветена на соработка и пријателство, Ли имаше разговори со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, копретседаваше со меѓувладините консултации и се состана со германската бизнис-заедница.
Двете земји се согласија да ја прошират соработката во нестабилниот свет и упатија заеднички повик против каква било форма на раздвојување.
Веднаш по пристигнувањето во Германија, кинескиот премиер Ли рече дека Пекинг е подготвен да работи со Берлин за понатамошно истражување на потенцијалот за соработка и притисок за нов развој во билатералните врски, истакнувајќи дека оваа посета ќе го продолжи традиционалното пријателство на двете земји и ќе ја продлабочи нивната соработка. За време на својата посета, Ли присуствуваше на семинар со претставници на германската бизнис-заедница, велејќи дека комуникацијата лице в лице може да ги продлабочи разбирањето и довербата меѓу луѓето. Истакнувајќи дека Кина и Германија уживаат широк простор и голем потенцијал за соработка во области како што се дигиталната економија, вештачката интелигенција и зелениот развој, Ли рече дека се верува дека со заеднички напори на претприемачите на двете земји, соработката меѓу Кина и Германија ќе продолжи да постигнува нови резултати.
Ли и Шолц беа сведоци на потпишувањето на голем број билатерални договори за соработка во областа на климатските промени, иновациите, напредното производство и стручното образование. Двете страни исто така се согласија да воспостават механизам за дијалог и соработка за климатските промени и зелената транзиција.
– Кина и Германија можат да станат партнери во зелениот развој – рече Ли.
Важноста на врските на ЕУ, т.е. земјите-членки на Унијата со Кина им е јасна на европските лидери. За време на својата државна посета на Кина во април, францускиот претседател Емануел Макрон ја покажа својата државничка способност држејќи ги во фокус интересите на Франција и на европскиот континент. Според одредени германски аналитичари, тоа е дел од стратегијата на Макрон дека Европа мора да му одолее на притисокот да стане американски следбеник. Ј.П.