Ѓорѓија Пулевски – творецот на првата печатена македонска граматика и правопис

„Слогница речовска“ на Ѓорѓија Пулевски била објавена во 1880 година во Софија. Некои од истражувачите посочуваат дека таа, всушност, е првата печатена македонска граматика, но и правопис, бидејќи обработува правила за правилно пишување на македонски јазик во поглед на правописот и граматиката. Првичната замисла на Пулевски била да издаде серија книги за граматиката и правописот на македонскиот јазик што би се користеле во образованието во Македонија, но таа идеја не се остварила и се испечатила само денешната „Слогница речовска“

Во прилог на одбележувањето на „Отворените денови на Институтот за македонски јазик“

Во македонската историска меморија Ѓорѓија Пулевски останува вечно запаметен како еден од највеликите дејци што оставиле неизбришлива трага во развојот на македонската културна мисла, но и како еден од најголемите бранители на македонските интереси во втората половина на 19 век. Во минатото, односно во периодот 1945-1991 година, одредени аспекти на дејноста на Пулевски беа запоставени од страна на македонската наука. Ова се должи на тогашната политичка констелација, како и поради неговите ставови за потеклото на македонскиот народ, кое го поврзуваше со историјата на Античка Македонија.
Меѓутоа, македонската научна мисла го препозна и го ценеше неговото значење. Во овој контекст е и искажувањето на Гане Тодоровски дека доколку сакаме целосно да ги разбереме и да ги протолкуваме ликот и делото на Крсте Петков Мисирков, тогаш ќе мора да укажеме и на неговите претходници во Македонија. Според Тодоровски: „Меѓу нив секако би дошле Ѓорѓи Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Мушевич и Темко Попов, во прв ред, како и Спиро Гулапчев, Евтим Спространов, Коста Шахов и Марко Цепенков на еден поширок и индиректен план. Делувањата на овие македонски дејци во добра мера го објаснуваат појавувањето на Мисирков и ја осветлуваат генезата на неговите идеи.“
Споменувањето на Пулевски од страна на Гане Тодоровски како една личностите што му го поплочиле патот на Мисирков не е случајно. Пулевски активно учествува во ослободителните борби на Македонците, а во Македонското (Кресненско) востание од 1878 година како војвода предводи востаничка чета. Меѓутоа, неговата културна и национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар, можеби е позначајна од неговата политичка и револуционерна дејност.

Во втората половина на 19 век, македонскиот народ беше подложен на туѓи пропаганди, кои имаа цел да ги асимилираат македонските национални особености или во крајна мера да ги прикажат како бугарски или српски. Токму во овој критичен момент за македонските национални интереси, Ѓорѓија Пулевски се пројави како афирматор и заштитник на македонскиот јазик и историја, односно на македонските корени. Во овој контекст се и неговите дела: „Речник на три јазика“ објавен во 1875 година, „Самовила македонска“ напишана во 1878 година, „Македонска песнарка“ објавена во 1879 година, „Слогница речовска“ издадена во 1880 година, како и „Славјанско-маќедонска општа историја“ објавена во 1892 година.

„Речник на три јазика“

Речникот е објавен на три јазика, македонски, албански и турски во 1875 година. Сите три јазика се пишувани со фонетски правопис и со кирилско писмо. Македонската кирилица користена од Пулевски се разликува од современата само во тоа што гласовите ќ и ѓ се предадени со буквите ћ и ђ и гласот ѕ е предаден со буквата з.
Во речникот можеме да ја забележиме тенденцијата на Пулевски да твори на македонски јазик, а тоа е евидентно од следното: „Наинапред создал бог небо и земја, а земјава беше безлице, и пуста, и темница, беше како некоја дупка штоје без дно, само здих господов седигаше над водата, и рече господ нека бидет видело, и биде видело, а кога виде господ, виделото аљје убаво, тога господ ја раздели видељината, от темницата, и виделината ја нарече господ дан, а темницата ја нарече ноћ, и тога се сторји утро доиде, и вечер, првијот ден“.

„Самовила македонска“

Поемата е напишана во 1878 година, непосредно пред Македонското (Кресненско) востание. Во неа Пулевски ги искажува силните стремежи и традиции на македонскиот народ, сакајќи со силен патриотски набој да го крене македонскиот народ на ослободителна борба против поробувачите, потсетувајќи го на сопственото славно минато и историја на Македонија од времето на Филип Македонски и Александар Македонски. Оваа поема е првата објавена поетска творба на Ѓорѓија Пулевски и истовремено е првата македонска револуционерна песна со јасна националноослободителна определба во македонската литературна историја.
Во поемата можеме да го прочитаме следното: „Дал’ сте чуле, Македонци, стари људи оту говорат: От Македонци појунаци над них не било-Цар Александар Македонски тристо лета пред Христа; Со Македонци сву вселену повладал; Наш краљ Филип – Славјанин је, Цар Александар – Славјанин; Наши баби Славјанки ги родиле. Македонци, сетите се за јунакство македонско, та спроти старих вије сега да следувате; Не је страмота своје искати, ни за жал за своје умрет.“

„Македонска песнарка“

Стихозбирката се состои од две книшки и е објавена во 1879 година во Софија. Ова дело се карактеризира со силен македонски патриотски дух и ги повикува Македонците да се кренат во борба за својата слобода и за слобода на Македонија. Во песните тој вклучува обраќања кон Македонците, но и кон европската јавност, реагирајќи против решенијата на Берлинскиот конгрес во 1878 (по Руско-турската војна и ослободувањето на Бугарија) со кои се оставила Македонија пак под турското ропство. Исто така и во песните на оваа стихозбирка Ѓорѓија Пулевски ја истакнува непосредната поврзаност на Македонците со Античките Македонци, а Александар Македонски и Филип Македонски ги споменува како наши македонски цареви.
Една од песните во стихозбирката е и песната „Македонцим ув прилог“. Во оваа песна Пулевски повторно се повикува и ги потсетува Македонците на нивното славно минато и историја со нивните кралеви Филип Македонски и Александар Македонски. Понатаму тој реагира против решенијата од Берлинскиот конгрес со кои Македонија била оставена под турското ропство, за на крајот да ги повика своите сонародници Македонци да се кренат и јуначки да се борат како под царот Александар и историјата стара да ја оживеат.

„Слогница речовска“

Слогница речовска била објавена во 1880 година во Софија. Некои од истражувачите посочуваат дека таа, всушност, е првата печатена македонска граматика, но и правопис, бидејќи обработува правила за правилно пишување на македонски јазик во поглед на правописот и граматиката. Првичната замисла на Пулевски била да издаде серија книги за граматиката и правописот на македонскиот јазик што би се користеле во образованието во Македонија, но таа идеја не се остварила и се испечатила само денешната „Слогница речовска“, која била наменета за шесто одделение во основното образование. Покрај тоа, Пулевски планирал да издаде и втор дел од книгата, но и тоа не се остварило, па така, денес е познат само првиот и единствен дел.
При пишувањето, Пулевски користел писмо што, според него, би било разбрано од сите Словени. Така, писмото е составено од македонски и од старословенски букви.

„Славјанско-маќедонска општа историја“

Ова обемно дело, кое се состои од 1.688 ракописни страници и е посветено на македонската историја, е објавено во 1892 година. Според некои од истражувачите, ова, всушност, е првиот труд посветен на македонската историја. Пулевски се обидува да ги проучи балканска и словенска историја и ги бара нишките на македонскиот развој.
Во оваа историја, Пулевски ја прави првата периодизација на македонскиот развој, давајќи ја паралелно и историјата на соседните народи за да се разберат историските процеси во Македонија, но навлегува и во прашања од секојдневието, во обичаите на нашите луѓе од разните краишта, па дава дури и граматички преглед на македонскиот јазик и ветува преглед и на македонската книжевност. За пишување на историјата, Пулевски скоро три децении стрпливо собирал материјали, проучувајќи ги достапните извори и литература, при што во текстот постојано се повикува и цитира педесетина автори. Пишувањето на ова големо и значајно дело за македонската историја, Пулевски го започнал во Белград во 1865 и потоа го продолжил и го завршил во Софија во 1892 година.
Самиот автор го создал ова дело со цел да служи и како наставно помагало во образованието на идната слободна и независна македонска држава. Обемниот и навистина опширен ракопис посветен на минатото на Македонија, кој во огромна мера опфаќа и историски настани од историјата на цела Европа и делови од Азија и од Северна Африка (раскажувања за англиските интереси – „желји“ во Индија и во Египет), всушност претставува и воопшто првата концепција на македонската историографија, која националната историја ја смета за непрекинат редослед уште од времето пред и на Античка Македонија. Д.Ст.


Ѓорѓија Пулевски како хрватскиот Старчевиќ

Некои хрватски интелектуалци го споредуваат Пулевски со хрватскиот деец Анте Старчевиќ, кој ги поставил темелите на националното движење на хрватскиот народ. Постојат многу паралели помеѓу нив. Старчевиќ, како и Пулевски, се занимавал со проучување на историјата и на филологијата, а остануваат запаметени и неговите книжевни критики, драми, политички сатири (како што се „Писмата до Унгарците“) итн. Во текот на својот живот, Старчевиќ главно бил насочен кон афирмација и заштита на хрватските национални особености, како и правото на Хрватите за самоопределување и интегритетот на хрватските земји. Бил пратеник во хрватскиот парламент и основач на Партијата на правата. Тој е меѓу првите Хрвати што јасно пропагирале создавање хрватска држава, поради што бил наречен татко на татковината. Останува запаметен по зборовите: „Народот што постојано бара заштитник не е достоен за слобода“.