Традиционално, двапати во годината фондацијата „Проф.д-р Љупчо Ајдински“ доделува парични награди и признанија. Во чест на денот кога е роден професорот Љупчо Ајдински, 28 април 1930 година, фондацијата и овој пат ќе им додели парични награди на студент со попреченост, ученик со попреченост и дефектолог од праксата, како и плакети, односно признанија. Свеченоста ќе се одржи денеска на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, во 13 часот.
Целта на фондацијата е продолжување на хуманите активности кон лицата со попреченост, подобрување на нивната вклученост во секојдневните активности, унапредување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните семејства.
Наградите до 2012 година се доделуваа лично од проф. д-р Љупчо Ајдински. По смртта на професорот Љупчо Ајдински и неговата сопруга, фондацијата продолжи со својата хумана мисија, што беше и негова најголема желба. Одборот на фондацијата го сочинуваат членови на потесното семејство, а со неа раководат претседателот проф. д-р Горан Ајдински, раководителот на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, претседателот на Сојузот на специјални рехабилитатори и истакнати дефектолози од практиката. П.Р.