Годинава првпат беше воведена и дисциплината такла, односно стил на скокање од височина во водите на реката Црн Дрим, што предизвика огромен интерес. Во ревијалниот дел се одржа ватерполо-турнир, кој и годинава беше во соработка со ватерполо-репрезентацијата на Македонија. Натпреварите во ватерполо, пливање, кајак, суп и во такла ги проследија над илјада граѓани, а посебен медал за највозрасен учесник доби 73-годишниот натпреварувач во такла Раде Настоски
Во Струга „Илинден 2024“ – масовен настан за прослава и чествување на најсветлиот македонски празник
Во чест на големиот празник Илинден, во Струга на 2 август се одржа традиционалниот спортски фестивал „Илинден 2024“. Спортско-рекреативниот клуб Соларис, кој се јавува како непосреден организатор на настанот, го востанови фестивалот пред три години, точно на Илинден, како форма на чествување на празникот, симболично афирмирајќи го спортот и потенцирајќи ја неговата улога во општествениот развој преку неговата вредност за градење на целовитоста на една личност од секој аспект – биолошки, социолошки и психолошки.
– Чествувањето на македонската државност низ призмата на еден спортско-рекреативен клуб значи чествување и афирмација на овие вредности кај најголемата субдимензионалност на спортот – рекреативецот. Оттаму, недвосмислен беше изборот на 2 август за ден на востановување еден спортски фестивал, кој низ своите изданија се трансформира и во компетитивен, но не сурова компетитивност, туку компетитивност на етика и ферплеј. Дополнително, кон овој датум се надоврза улогата на градот Струга и струшката околија во двата Илиндена и придонесот кон создавањето на македонската држава – рече проф. д-р Лиза Пантековска, членка на организацискиот одбор.
Годинава првпат беше воведена и дисциплината такла, односно стил на скокање од височина во водите на реката Црн Дрим, што предизвика огромен интерес. Во ревијалниот дел се одржа ватерполо-турнир, кој и годинава беше во соработка со ватерполо-репрезентацијата на Македонија. Натпреварите во ватерполо, пливање, кајак, суп и во такла ги проследија над илјада граѓани, а посебен медал за највозрасен учесник доби 73-годишниот натпреварувач во такла Раде Настоски.
– Сега, по завршувањето на фестивалот, спласнувањето на еуфоријата и секако притисокот со кој се носевме последниве месеци, слободно можам да кажам дека направивме одличен спортски настан, достоен на големината на името што го носи. Спортскиот фестивал „Илинден“ несомнено се етаблира во масовен настан, кој покрај тоа што го прославува најсветиот празник на Републиката, обедини во спортска борба еден букет на поранешни спортисти, државни прваци, рекордери, кои за час ги потсети какво е чувството да се биде на спортските борилишта, но и обични граѓани што досега немале привилегија да го доживеат тоа искуство. Од друга страна, фестивалот прерасна во конгломерат на општественото сеприсуство на нашата држава, па, така, видовме базар на плејада изработувачи на ракотворби, уметнички дела, здравствени препарати и слично. Видовме безброј радосни лица, искрени насмевки. Видовме деца што ги бодрат своите родители, возрасни што навиваат за своите деца и внуци. Видовме едно вистинско празнично славење на саможртвата на илинденците во знак на искрена благодарност за Македонија што ја имаме денес. Во мое лично име и на членовите на организацискиот одбор, волонтерите, срдечно им честитам ним, но и на сите други учесници и посетители. Сите заедно напишавме историја. Се гледаме на наредното издание – рече Коста Хиохи, претседател на СРК Соларис, организатор на фестивалот. Д.Ст.