И тоа се случува. Вербалниот деликт повторно е пред портите… Но не на државите и општествата што транзитирале и излегле од некаков „авторитарен систем“, како што се „бившите комунистички држави“… Интересното е што во стапицата на споменатиот рецидив од минатото, имено „вербалниот деликт“, е на праг да падне и самата Европска Унија, и покрај силно декларираната демократија во сите општествени области, вклучувајќи ја и „демократската посветеност на правата за слобода на говор“
Рецидиви од темното минато во срцето на колепката на демократијата:
И тоа се случува. Вербалниот деликт повторно е пред портите… Но не на државите и општествата што транзитирале и излегле од некаков „авторитарен систем“, како што се „бившите комунистички држави“… Интересното е што во стапицата на споменатиот рецидив од минатото, имено „вербалниот деликт“, е на праг да падне и самата Европска Унија, и покрај силно декларираната демократија во сите општествени области, вклучувајќи ја и „демократската посветеност на правата за слобода на говор“.
ЕУ на тенок мраз
Неодамна, поради финансиски врски со Хамас и Палестински исламски џихад (ПИЏ), шест лица беа вклучени на европската листа на санкционирани. Но, најинтересното е што (покрај финансиските недозволени врски), новата регулатива предвидува на црната листа да бидат и „лица што јавно поттикнуваат и ги поддржуваат насилните акции на Хамас“, односно со вербални истапи… Токму за тоа меѓународните правни експерти се во дилема дека „може да се каже дека лесно ја минува границата од забрана на говор на омраза кон вербален деликт“!
Истовремено, ЕУ работи и на друг колосек, но многу побавно: дебатира дали треба да се санкционираат, пред сè со забрана на патувања, односно со укинување на визите за екстремистичките Евреи, доселениците на Западниот брег.
– Иако нема меѓународни, универзални правно обврзувачки дефиниции за говор на омраза, сепак меѓународната судска практика, како и практиката на Европскиот суд за човекови права, покажува дека поддршката на тероризмот влегува во концептот на тој забранет говор, односно говор на омраза – велат експерти по меѓународно јавно право од Правниот факултет при УКИМ.
Имено, Хамас на ниво на ЕУ е терористичка организација, а за таква организација го сметаат и САД, а особено некои европски држави. На ниво на ЕУ најновата одлука за лицата поврзани со Хамас прецизира што ќе биде неприфатливо во иднина. Но она што предизвикува сомнежи дека говорот на омраза од позиција на тероризам може да се „излизга“ на теренот на вербалниот деликт е што, според таа одредба, на листата на санкционирани може да се најдат лица што „ја поткопуваат или се закануваат на стабилноста или на безбедноста на Израел, во врска, во име или со поддршка на Хамас“.
Слободна интерпретација во националните законодавства?!
Тенденциите, односно обврската на земјите членки, а особено на кандидатите за членство во ЕУ, за усогласување на законските регулативи со оние на Унијата, создаваат предизвик во имплементацијата на регулативите, често оставени на „слободна интерпретација“ во националните законодавства. На пример, говорот на омраза нема строги правни дефиниции што сѐ се подразбира под тој термин. Иако има насоки и препораки, најмногу произлезени од практиката на Европскиот суд за човекови права, што сѐ би се санкционирало под тој термин е оставено на националната регулатива. Генерално, од практиката на ЕСЧП е познато дека поттикнувањето етничко насилство, поддржувањето тероризам и воопшто поттикнувањето насилство (спрема жени, одредени социјални групи) влегуваат во дефиницијата за говор на омраза. Но, сепак, останува предизвикот за правилна процена на контекстот, за говорот на омраза да не биде злоупотребен за цензура и да го добие обликот на вербален деликт.
– Процената на елементите на говор на омраза е сериозен предизвик и во ЕУ, каде што има силни судови со голема применета практика во вакви случаи. Со таков предизвик неодамна беа соочени голем број европски интелектуалци, кои на социјалните мрежи изразија осуда на убиство на цивили во Газа. Според актот за дигитални услуги на ЕУ, регулаторот во рок од 24 часа мора да отстрани содржини што ги препознава како говор на омраза на социјалните мрежи. Токму поради „синонимното изедначување“ на Хамас со Палестина, т.е. Газа, интелектуалците што го осудија убиството на цивили во Газа беа блокирани на социјалните мрежи, практично цензурирани 24 часа. Нецелосната дефинираност на говорот на омраза може да доведе до нејасен контекст, нејасна ситуација, која може да предизвика цензура, односно загрозување на слободата на говорот – наведува како пример за тенката линија меѓу говорот на омраза и цензурата професорка од Правниот факултет при УКИМ со која се консултиравме на темава.
Контекстот на говорот на омраза во домашната судска практика
Главниот предизвик со воведувањето на говорот на омраза, како инкриминација во правната практика, е кој и на каков начин би го оценувал контекстот, што не би дозволило тој да премине во цензура или вербален деликт. Според експертите, главна брана против цензурата е развиена судска практика, која врз основа на искуствена примена би ги „диференцирала“ цензурата и вербалниот деликт од злоупотребата на термините како говор на омраза, човекови права, слобода на говор…
Во Македонија сѐ уште не постои толку богата судска практика
– Во Македонија сè уште постои општ концептуален проблем со разбирањето на говорот на омраза, кој не се разликува доволно од акти на лична навреда и клевета и не се фокусира на поттикнувањето омраза и дискриминација против одредена идентитетска група, како што се етничките, верските или сексуалните малцинства. Иако ситуацијата на препознавање на говорот на омраза е значително подобрена во изминатите неколку години, што е пред сѐ резултат на активностите на меѓународните организации и на граѓанскиот сектор, сепак се потребни натамошни напори за адресирање на концептуалните недоразбирања и појаснувања во насока на тоа дека не секоја омраза е и говор на омраза. Тоа е едната причина. Другата причина е што говорот на омраза не ужива универзално прифатена формулација, односно правно обврзувачка дефиниција, и тоа е резултат на два главни фактори, имено, различното толкување на слободата на говорот меѓу земјите или регионите, како и меѓусебно поврзаните диференцијации во концептуализацијата на штетата или повредата – наведува професорката Елена Михајлова Стратилати во една своја правна анализа.
Ако вербалниот деликт е рецидив од едноумието, што бара тогаш во ЕУ?
Вербалниот деликт е поширок поим, карактеристичен за законодавството во бившите комунистички општествени системи, кој ги опфаќа сите видови кривични дела што се однесуваат на изразување непримерни или штетни зборови или изјави спрема други лица, настани или општествени институции. Обично, вербалниот деликт се поврзува со недемократски режими, кои „не дозволуваат слобода на говор и се посветени на ограничувања во формирањето на јавното мислење, надвор од официјалниот наратив“.
Тогаш, што бара овој деликт во најдемократскиот блок на држави во Европа?
За потсетување, вербалниот деликт бил присутен и во македонското законодавство, во времето кога Македонија беше дел од југословенската федерација, но бил укинат по силната јавна дебата иницирана од професорот Ѓорѓе Марјановиќ. Додека овој деликт бил дел од законодавството, често бил мешан со клеветата. Постоењето на искуството од таквата практика на „мешање на кривичните дела“ остава простор за сомнеж дека таквиот рецидив може да се провлече и во судската практика со говорот на омраза.