Дури тројца влијателни политичари, како Емануел Макрон, Александар Вучиќ и Стјуарт Пич, деновиве предупредија на опасноста од прелевање на воениот конфликт од Украина и почеток на нова голема војна во Европа и на Балканот. Дали и колку овие изјави за безбедносни закани се класично ширење страв заради нивни политички цели или, пак, постои реална основа за тоа?
Воените експерти и генерали имаат свое интересно видување за најновите случувања и можностите за прелевање на конфликтот

Европски политичари во страв од прелевање
на воениот конфликт во ЕУ и на Балканот

Војната во Украина покажа дека и во третата декада од 21 век е можен оружен конфликт на европска почва. Сега уште позагрижувачки се гласините дека овој конфликт би можел да се прелее и на други европски подрачја, особено на Балканот, кој се години се посочува како константна невралгична безбедносна точка во срцето на Европа.
Најновите изјави што доаѓаат од високи европски политичари, но и од политичарите во регионот, не исклучуваат можност кризата во Украина да се прелее и на овие простори.
– Нашите сили се единствената полноправна армија на европскиот континент. Мораме да се подготвиме за можен оружен конфликт со висок интензитет и да ги зголемиме инвестициите во армијата – порача неодамна францускиот претседател Емануел Макрон, не исклучувајќи ја можноста од почеток на голема војна во Европа.
И британскиот пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич, изрази загриженост дека војната во Украина би можела да се прелее и на Балканот.
– Тоа е навистина трагична ситуација. И војната на нашиот континент е предизвик за сите нас. И треба да бидеме подготвени да работиме заедно за да се осигуриме војната да не се прелее и да не се прошири на Западен Балкан – истакна неодамна Пич.
За сериозноста на ситуацијата предупреди и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој тврди дека добил загрижувачки информации за безбедноста на Балканот.

– Добив некои чудни информации на Телеграм во текот на попладневните часови… Тоа се однесува на ситуацијата во регионот, но ќе успееме да го зачуваме мирот – рече Вучиќ.
Сите овие изјави, кои доаѓаат од повеќе страни, само потврдуваат дека има одредни сигнали дека нешто крупно се крчка, но вистинското прашање во овој момент што јавноста во Македонија, но и во регионот си го поставува е дали овие безбедносни закани се само класично ширење страв или, пак, постои реална основа за голема војна во Европа и на Балканот
Познавачите на безбедносните состојби сметаат дека нема реална закана по безбедноста на Македонија, вклучувајќи и на регионот, туку дека станува збор за класично ширење страв од страна на високата политика заради остварување на некои политички цели.
– Нема реална закана за безбедноста на Македонија и Балканот, туку станува збор само за изјави со кои некој сака да нè заплашува. Тоа е висока политика. Со тоа што тие политичари, еве како Макрон, даваат такви изјави за наводна загрозеност на безбедноста на Балканот, се врши притисок врз некои држави, како Македонија и Бугарија, добро да размислат што прават – смета армискиот генерал во пензија Митре Арсовски.
Според него, кога високата политика не наоѓа начини да ги реши отворените прашања, почнува со метод на заплашување да притиска за поголема флексибилност кај земјите.
– Макрон може така да зборува бидејќи му доаѓаат изборите. Се добива впечаток како да ја ставил раката на Балканот и да ни порачува премногу да не го тресеме регионот. Едноставно, по заминувањето на Меркел тој сака да се промовира во нов европски лидер и тоа го прави. Сепак, францускиот претседател не смее да заборава дека Балканот е буре барут и ако се запали, ќе експлодира – категоричен е генералот Арсовски.
Анализирајќи зошто во овој момент, кога беснее војната во Украина, земјите од Западен Балкан повторно се ставаат во дестабилизирачки контекст, армискиот генерал е на ставот дека тоа се прави за да се постигне одредена цел.

– Бугарија има претензии кон Македонија и тоа отворено го кажува, преговорите меѓу Косово и Србија западнаа во ќор-сокак, ништо подобри не се ниту состојбите во БиХ, Албанија и во Црна Гора. Изјавите што ги даваат Макрон, или другите европски политичари, како Пич, па и Борел неодамна, се во насока да се предупредат раководствата во балканските држави да не преземаат некои чекори на своја рака, туку да преземаат мерки што се важни за Европа. Конкретно во нашиот случај, Македонија да ѝ попушти на Бугарија ако сака да влезе во ЕУ. Затоа се овие изјави за заплашување – истакнува Арсовски.
Појаснувајќи зошто исклучува можност од реална закана по безбедноста во регионот и прелевање на конфликтот од Украина на овие простори, генералот посочува на актуелниот геостратегиски распоред.

– Како може конфликтот од Украина да прескокне европски држави што се пред нас, како Унгарија, Австрија, Словенија, Хрватска, Романија, сите се тие членки на Алијансата. Од кого ние да стравуваме? Па нели ние сме во НАТО? Нивниот член 5 што вели? Ако една земја е нападната, сите одиме во одбрана. Не може политичарите да даваат такви застрашувачки изјави. Сите нè плашат, како ние Балканците да сме боси во главата – заклучува генералот Арсовски.
И други безбедносни експерти се согласуваат со констатациите на македонскиот генерал, истакнувајќи дека европските политичари со ваквите изјави само го билдаат сопствениот рејтинг и вршат суптилен притисок да се затворат отворените прашања во регионот.
– Макрон е пред избори, така што разбирливо е дека ќе сака да се претстави како фактор што ја контролира ситуацијата во Европа. Реално нема закана за прелевање на војната од Украина на Западен Балкан бидејќи повеќето земји тука се веќе членки на НАТО. Можни се некои изолирани инциденти, но само во насока на притисок за решавање на некои отворени прашања важни за Европа – велат експертите.