Европската Унија официјално го усвои осмиот пакет санкции против Русија, како одговор на нелегалната анексија на четири украински региони, јави дописничката на МИА од Брисел. Главен фокус на овој пакет е ограничувањето на трговијата со руска нафта за трети земји, надвор од ЕУ.

Конкретно, ЕУ со ова воведува ценовен плафон за морскиот превоз на руска нафта во земји што не се членки на ЕУ, каде што санкциите врз нафтата се веќе усогласени. Европската Унија сака да го намали приходот од нафта за Москва, која својата трговија ја пренасочува надвор од ЕУ поради санкциите.

Ќе биде забрането да се превезува руска нафта од декември 2022 година или нафта што се извезува од Русија, по морски пат, и да се дава техничка или финансиска помош за оваа цел. Ценовниот плафон што се воведува ќе овозможи превоз само доколку цената на купената нафта е под одредена граница. Датумот на стапување во сила и износот на плафонот сѐ уште не се усогласени на ниво на ЕУ. Унијата се надева дека со ова ограничување на цената ќе се намалат приходите на Кремљ, иако голем број прашања остануваат неодговорени, како на пример начинот на кој ќе се контролира реалната цена на натоварената нафта, или промената на знамето на бродовите што ја превезуваат за да ги избегнат санкциите.

ЕУ потсетува дека во сила се и забрани за осигурителните компании и банките, што би требало да помогне да се намали обемот на превезена нафта.