Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во историски момент, кога негирањето на посебноста на идентитетот и историјата на една нација служи како оправдување за брутална војна на агресија и културно уништување, на ЕУ ѝ треба систем за рано предупредување против креаторите на политиките што го следат иредентизмот и го доведуваат во прашање постоењето на други нации, вели Улф Брунбауер, директор на „Лајбниц“, институтот за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург. Експертите се едногласни дека Бугарија се обидува да ја наметне својата националистичка патологија како официјална политика на ЕУ и тоа не смее да помине

СТРАНСКИ И ДОМАШНИ ЕКСПЕРТИ СО ЈАСНА ПОРАКА ДО БРИСЕЛ

Голем број универзитетски професори, политиколози и историчари од целиот свет повеќепати досега посочија дека евроинтегративниот процес требаше и треба да ѝ помогне на Македонија да прерасне во модерна држава, но блокадите и уцените од Атина и од Софија го понижија македонското општество и доведоа до апсурдна ситуација, да се оспоруваат македонските легитимни права на сопствена идентификација, во јазична, културолошка и историска смисла. Македонската општествена и политичка јавност исто така во еден подолг временски период предупредуваше дека ветоизирањето на европската интеграција на нашата држава од страна на соседите ќе ја отвори Пандорината кутија, што негативно ќе се одрази и врз внатрешните општествено-политички процеси и во самата Европска Унија. Ваквите укажувања неодамна беа поткрепени од проф. д-р Улф Брунбауер, историчар и директор на „Лајбниц“, институтот за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Германија. Според истакнатиот германски професор, односот на Брисел кон Македонија и бугарското вето се опасен преседан, бидејќи националистичките патологии може да станат официјална политика на Европската Унија во иднина. Во однос на оваа проблематика, македонските експерти сметаат дека Брисел молчи пред бугарскиот национализам затоа што е зафатен со други поголеми геополитички прашања.

Барањата на Софија се неоправдани и неправедни

Брунбауер во својата опсежна анализа истакнува дека по грчкото вето и Преспанскиот договор, Македонците со огорченост реагирале на бугарското вето и нејзините уцени, затоа што повторно една соседна земја го оспорува нивниот национален идентитет и го користи правото на вето во ЕУ за да ги уценува. Според Улф Брунбауер, бугарското вето не придонесе за унапредување на Договорот за пријателство, а барањата на Софија се неоправдани и очигледно неправедни. Германскиот професор исто така нагласува дека компромисот предложен за време на француското претседавање со Советот на ЕУ, во јуни 2022 година, ја префрли одговорноста уште еднаш на Македонија и постави опасен преседан, бидејќи некои од другите држави-членки може да постапат слично како Софија и да се обидат да ги претворат своите националистички патологии во официјална политика на ЕУ во иднина.
Кога пред три години бугарската влада одлучи да го поврзе своето одобрување за пристапување на Македонија во ЕУ со долгиот список на барања поврзани со историјата и идентитетот што Скопје требаше да ги исполни, таа ја отвори Пандорината кутија, која тешко дека повторно ќе се затвори. Според Улф Брунбауер, бугарските аргументи што се користат како оправдување на тврдењата за Македонија остануваат исти; во актуелниот спор, бугарската страна нема произведено никакви суштински нови идеи од оние што ги анализираше Штефан Требст пред 40 години.
– Барањата на Бугарија кон Македонија беа неоправдани и очигледно неправедни. Да наведам пример: додека Бугарија инсистира на вклучување на Бугарите како конститутивен народ во македонскиот устав, таа опстојува да негира постоење на македонско малцинство во Бугарија, и покрај 30-годишните напори на Обединетата македонска организација Илинден-Пирин, која се обидува да ги застапува интересите на малцинството, да биде регистрирана и тоа го прави наспроти неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП 2022). Повеќе од две години Бугарија не презема политички последици за своето опструкциско однесување, и покрај тоа што ги поткопува наведените приоритети на ЕУ – нагласува германскиот професор.
Според Улф Брунбауер, компромисот предложен за време на француското претседавање со Советот на ЕУ, во јуни 2022 година, ја префрли одговорноста уште еднаш на Македонија и постави опасен преседан, бидејќи националистичките патологии може да станат официјална политика на Европската Унија во иднина.
– Во историски момент, кога негирањето на посебноста на идентитетот и историјата на една нација служи како оправдување за брутална војна на агресија и културно уништување, на ЕУ ѝ треба систем за рано предупредување против креаторите на политиката што го следат иредентизмот и го доведуваат во прашање постоењето на други нации. Сепак е малку веројатно дека нивните обиди некогаш ќе се претворат во реалност. Дефинитивно не треба да ги награди со присилување на нивната жртва да го промени својот став – вели Улф Брунбауер, директорот на „Лајбниц“, институтот за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург.

Власта е таа што треба да знае дека за идентитетот не се преговара

Проф. д-р Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вели дека со сиот респект за странските лица што реагираат на внесувањето идентитетски барања во рамката на ЕУ, сепак одговорноста за состојбата во која е донесена Македонија како држава треба да ја бараме дома, во нашите институции.
– Точно е дека е ова опасен преседан, кој подоцна можеби ќе го сретнеме и во други балканско-европски констелации, но власта на една држава е таа што треба да знае дека за идентитетот не се преговара. Во нашиот случај, таквата уцена за успех ја прогласија и Владата и Собранието (со усвојување на оние „заклучоци“ и фактичка поддршка за владината одлука), а за жал и добар дел од медиумите што се под политичко и/или странско спонзорство. Јавното мислење го покажа спротивното: огромно мнозинство знаеше во каква замка се влегува – вели Билјана Ванковска
Според неа, во нашиот случај имаме слаба и неуспешна држава и затоа се прифаќа поданичката позиција на умилкување на Бугарија, како и на другите големи сили, со жртвување уште една димензија на идентитетот, за да се создаде привид дека се напредува во преговорите.
– Сакам да кажам дека со национализам игра Бугарија (а ЕУ молчи пред тој факт затоа што е зафатена со геополитичка сметка), ама и нашата влада си игра со лаги и гол популизам кога тврди дека претходно се преговара со ЕУ. Од друга страна, сигурна сум дека во скоро време ЕУ нема да се прошири, има т.н. нова методологија и ѝ дозволува буквално на секоја држава да се изживува со своите соседи, или дури и со земји што не се соседи. Уште есента 2019 година, кога сите беа шокирани од ветото на Макрон, изјавив дека ЕУ го прифаќа т.н. „грчки фактор“, односно дека секоја земја-членка ќе може да стане Грција (или во сегашниов случај Бугарија) со апсурдни барања и ставање вето – нагласува проф. д-р Билјана Ванковска.