Македонската јавност сѐ уште е видно потресена од трагичниот настан со грабнувањето и убиството на малолетната Вања Ѓорчевска, како и убиството на Панче Жежовски. Бруталноста при извршувањето на кривичните дела, констатирани уште во предистражната постапка на ОЈО и МВР, поттикна лавина реакции на граѓаните во државава, при што беа забележливи и исклучително невообичаени одгласи на социјалните мрежи, најчесто поврзани со главноосомничениот за извршување на монструозните кривични дела. Бидејќи тој им беше недостапен за органите на прогонот, едно од тежишните прашања од јавен интерес беа и неговото пронаоѓање и испорачување на македонските власти. Бидејќи лицето што беше во бегство веќе е лишено од слобода во Турција, сега најактуелно и најинтересно е прашањето за неговото испорачување (екстрадиција) во Македонија и кога лицето би можело што поскоро да се екстрадира во Македонија. Во консултација со повеќе експерти, во продолжение презентираме кои се предизвиците: условите што треба да бидат исполнети, но и пречките што можат да ја искомплицираат ситуацијата, а граѓаните да бидат подготвени доколку не бидат задоволни од динамиката на развој на ситуацијата
Неколку аспекти поврзани со постапката за екстрадиција на првоосомничениот за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска и за убиството на Панче Жежовски
Откако осомничениот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и на 74 -годишниот Панче Жежовски, Љ.П., завчера беше уапсен во Република Турција, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вонредна прес-конференција соопшти дека на повеќе од сто страници е напишана кривичната пријава во која се опфатени пет лица, сега, како што најави, се работи на подготвување на документацијата за започнување на постапката за екстрадиција на првоосомничениот, за да биде изведен пред македонските судски органи.
Неколку институции ќе бидат директно вклучени во составувањето и доставувањето на барањето за екстрадиција, а сите очекуваат нивно брзо дејствување.
Кривичниот суд, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и Министерството за надворешни работи се институциите од кои зависи колку брзо ќе се донесе во земјава главноосомничениот за грозоморното убиство.
Министерот Лога: Постапката на екстрадиција почна со почетокот на вчерашниот работен ден
Како што пред неколку дена министерот за правда Кренар Лога беше дециден и во изјавата дека сторителите треба да ја доживуваат казната до крајот на својот живот во нивната свест, за тоа што го имаат направено, така и вчераутро остана доследен и со почетокот на работниот ден ја започна подготовката на соодветната документација за екстрадицијата на Љ.П. од Турција во Македонија.
За она што може да се очекува во наредниов период во врска со екстрадицијата разговаравме со наши истакнати правници и добивме опширни одговори. Според адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ, на лицето најверојатно ќе му биде определен екстрадициски притвор во Турција, кој може да трае 180 дена.
– Во текот на траењето на екстрадицискиот притвор Министерството за правда треба да ја достави потребната документација за лицето за да се утврдат сите факти по однос на идентитетот, кривичната постапка, доказите, особено дека кривичното дело е предвидено во согласност со законите во Турција. Не сум убеден дека осомничениот ќе го користи правото да бара скратена екстрадициска постапка со потпишување изјава дека бара веднаш да биде екстрадиран во Македонија и затоа очекувам екстрадициската постапка да трае неколку месеци. Екстрадицискиот притвор се засметува во идна казна доколку осомничениот биде осуден – ни изјави Туфегџиќ.
Според адвокатот Дељо Кадиев, откако барањето ќе се достави до турските власти, сѐ ќе зависи од нив.
– Доколку осомничениот се согласи да биде екстрадиран, тогаш прашање на неколку дена е додека тој да биде донесен во земјава. Министерството за правда треба да поднесе барање до сите докази што претходно МВР ги набавило. Сите изјави од сведоците што биле обезбедени, како и доказите, сѐ ќе треба да се достави со барањето за екстрадиција – вели тој.
Постапката за екстрадиција не е едноставна
Екстрадиција на лице врз основа на распишана меѓународна потерница се дозволува за кривични дела за кои според домашното законодавство е пропишана казна затвор од најмалку една година. Екстрадиција се дозволува заради извршување правосилно изречена ефективна казна затвор доколку лицето што се бара има казна за доиздржување од најмалку четири месеци.
Судски извори за „Нова Македонија“ велат дека постапката започнува од Кривичниот суд, од каде што со сите докази и сознанија од предистражната постапка треба да достават оформен предмет до Министерството за правда. Правда, пак, треба да подготви барање за екстрадиција до турските власти. Но, пред да го достави барањето за екстрадиција, потребно е сите документи што ќе се поднесат со барањето да бидат преведени на турски јазик.
Откако Министерството за правда ќе го оформи барањето, тоа се доставува до Министерството за надворешни работи, од каде што ќе треба барањето да го поднесат до турското министерство за надворешни работи. Потоа, сѐ е во рацете на турските власти. Тие ќе треба да донесат одлука и да започнат со процесот за екстрадиција на осомничениот.
Кон барањето за екстрадиција се приложуваат податоци за утврдување на идентитетот на лицето чија екстрадиција се бара. Значи, опис, фотографија, отпечатоци од прсти. Потоа се доставува уверение или други податоци за државјанство, обвинение, пресуда или одлука за притвор или на некој друг акт со исто правно дејство, во оригинал или заверен препис во кој треба да бидат назначени името и презимето на лицето чија екстрадиција се бара.
Треба да се достават и опис на делото, законскиот назив на кривичното дело и докази за основани сомневања и препис од одредбите на Кривичниот законик на Македонија што треба да се примени или е применет спрема лицето чија екстрадиција се бара. Ако делото е сторено на територија на трета држава, тогаш е потребен препис од одредбите на Кривичниот законик на таа држава.
Инаку, екстрадицијата е регулирана според глава 31, „Постапка за екстрадиција на обвинети и осудени лица“, од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како и од билатерални договори што се наведени на веб-страницата на Министерството за правда.
Како треба да постапат процедурално турските власти?
Со оглед на тоа што осомничениот е фатен од страна на турските власти, постои законски предвидена процедура што да ја почитуваат турските власти треба.
Турските власти ќе треба да утврдат дека уапсениот чија екстрадиција се бара не е турски државјанин и дека делото поради кое се бара не е извршено на територијата на Турција, против турската држава или против турски државјанин.
Исто така делото за кое се бара екстрадиција на осомничениот треба да е кривично дело и по турскиот и по македонскиот закон. Потоа ќе треба да утврдат дека не настапила застареност на кривичното дело или застареност на извршувањето на казната, како и дека тоа дело не е опфатено со амнестија по македонскиот закон.
Странецот (во Турција), во случајов Љ.П. чија екстрадиција се бара, да не е веќе осуден од македонските судови за истото дело, или да не е правосилно ослободен за истото дело, освен ако се стекнати услови за повторување на постапката, или пак за него да е поведена кривична постапка во Турција.
Да биде утврдена идентификација на лицето чија екстрадиција се бара, како и да има доволно докази за основано сомнение за лицето чија екстрадиција се бара. Да има доволно докази дека го сторил кривичното дело или, пак, дека постои правосилна пресуда.
Министерството за правда побара од надлежните турски власти Палевски да биде задржан во притвор
Министерството за правда побара од надлежните турски власти Љупчо Палевски да биде задржан во притвор поради екстрадиција сѐ до завршувањето на постапката. Очекуваме од Република Турција веднаш да постапи по нашето барање, соопшти вчера македонското министерство за правда.
Во официјалното соопштение се додава дека Министерството за правда вчера во 9.20 часот добило официјално известување од Интерпол дека лицето Љупчо Палевски, барано со меѓународна потерница, е лишено од слобода во Турција. Министерството за правда ја почна постапката за екстрадиција и ги собира сите документи од институциите што се потребни за нејзина реализација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите за да може Министерството за правда да постапува.
„Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, се потенцира во соопштението. Притоа, таксативно се набројува кои ќе бидат следните активности на Министерството:
1. Треба да ги примиме списите
2. Треба да се подготви барање за екстрадиција
3. Сите документи треба да се преведат на турски јазик (ОЈО ги преведува своите, а Министерството за правда барањето за екстрадиција)
4. Се праќа по ДХЛ (претходно праќаме електронски преку Интерпол)
„Во однос на законската постапка за екстрадиција ве информираме дека Министерството за правда постапува по добиено известување дека лице барано по меѓународна потерница е лоцирано или лишено од слобода во странска држава. Откако ќе се добие тоа известување (најчесто од МВР – СМПС – ИНТЕРПОЛ) се прибавуваат списи од органот кој ја издал наредбата да се распише меѓународната потерница. Кога ќе се добијат списите од органот кој ја издал меѓународната потерница се пристапува кон изготвување барање за екстрадиција. Министерот за правда, или лице овластено од него, го потпишува барањето за екстрадиција. Потоа комплет списите се праќаат до централниот орган (најчесто Министерство за правда) на државата каде што е бараното лице.
По завршување на постапката пред странската држава се договара преземање на лицето преку министерствата за внатрешни работи (канцелариите на ИНТЕРПОЛ). За сите активности Министерството за правда ќе ве информира навремено“, пишува во официјалното соопштение на Министерството.
На крајот е упатен апел до медиумите да ја проверуваат секоја информација и да не се шират дезинформации за случајот со двојното убиство.
Кои се пречките што може да се јават при постапката за екстрадиција и таа да се одолжи?
Според адвокатот Дељо Кадиев, постапката може и да се одолжи, па и закочи.
– Осомничениот може да ја прифати екстрадиција, но може и да ја одбие, со тврдење дека станува збор за политички прогон, дека не го сторил делото, да побара азил, да тврди дека нема докази дека тој го сторил делото за кое е осомничен и сето тоа може да ја забави постапката. Во тој случај, турските власти ќе треба сѐ да проверат, па така целиот процес на екстрадиција да трае и неколку месеци – вели Кадиев.
Тој нагласи дека осомничениот може да тврди дека целиот процес е тенденциозен и дека во земјава нема да добие фер судење, а за да го прави тоа, доколку сака, ќе има основа, благодарение на изјавите и категоризациите на прес-конференциите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Изјавите поврзани со неговата политичка партија и со него, категоризациите дека е монструм се страшно голема грешка на министерот, и за тоа Стразбур сигурно ќе нѐ осуди. Има неколку случаи, неодамна Франција беше судена поради такви изјави, бидејќи висок полициски службеник даваше слични изјави, па судот во Стразбур ја осуди – укажа Кадиев.
Од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја
Екстрадицијата е регулирана според глава 31, „Постапка за екстрадиција на обвинети и осудени лица“, од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како и од билатерални договори што се наведени на веб-страницата на Министерството за правда.
Членот 31 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја вели дека:
(1) Министерството ќе го извести странскиот надлежен орган за сите правосилни кривични пресуди што им се изречени на неговите државјани кои се заведени во казнената евиденција.
(2) По барање на странскиот надлежен орган Министерството ќе достави: 1) препис од пресудата; 2) изводи и други податоци од казнената евиденција и 3) податоци и за лица кои се државјани на замолена држава, а кои се под истрага или против кои е покрената кривична постапка во Република Македонија.
(3) За кривичните дела правење и пуштање во оптек фалсификувани пари, неовластено производство, пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, трговија со луѓе, прикажување на порнографски материјал на дете, како и за други кривични дела во однос на кои со меѓународни договори се предвидува централизација на податоците.
(4) Домашниот надлежен орган пред кој се води кривичната постапка е должен, без одлагање, да ги достави до Министерството за внатрешни работи податоците за кривичното дело, за сторителот и правосилната пресуда.
Успешни и неуспешни обиди за екстрадиција
Половично е искуството на успешност во врска со практикувањето на институтот екстрадиција, преземен од надлежните во земјава
Има многу случаи во кои осомничени или, пак, веќе осудени успешно биле екстрадирани во земјава, меѓутоа има и голем број случаи каде што екстрадицијата тапка во место. Па, така, земјава има избегани осуденици и обвинети во високопрофилни случаи на корупција или насилство, кои, за жал, не се екстрадирани во земјава.
Македонските надлежни органи ниту го реализираат ниту се откажуваат од
барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Груевски
Еден таков пример е бившиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од чија екстрадиција Македонија не се откажува, но не се ни реализира. Груевски живее во политички азил во Будимпешта, откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО. Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување двегодишна затворска казна поради незаконска набавка на „мерцедесот“, како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта го одби барањето, затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети, бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.
Косовските власти одбија да ги екстрадираат обвинетите во случајот „Монструм“
Од друга страна, претходно косовските власти одбија да ги екстрадираат обвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исламиловиќ. Станува збор за прво и второобвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, кое се случи на 12 април 2012 година. За нив Министерството за правда трипати досега испратило барања за екстрадиција со ветување дека ќе добијат фер судење, нешто за што косовските власти велат дека се сомневаат оти ќе им биде пресудено врз национална основа. Од Косово сѐ уште се чека и екстрадиција на обвинет од криминалната терористичка група што на 9 мај во кумановското Диво Насеље уби осум полицајци.
Случајот „Даравелски“
Едно од постарите и попознати во јавноста барања за екстрадиција е она за поранешниот прв цариник Драган Даравелски, кој во 2007 година беше осуден во отсуство на седум години затвор. По неговото бегство од земјава и по потерницата од Интерпол беше уапсен во 2016 година во Србија, но тој не ѝ беше испорачан на Македонија. Во јануари годинава тој беше уапсен на Табановце. Осуден беше со правосилна судска пресуда дека додека бил директор на Царинската управа ја злоупотребил службената положба и сторил финансиски малверзации со кои го оштетил буџетот. Сепак, делото застаре, со што Даравелски беше пуштен на слобода.
Миле Хаџински исто така беше екстрадиран во Македонија. Тој беше осуден на 20 години затвор за свирепото убиство на својата девојка Мери Јошевска, а светските медиуми за него пишуваа откако станал член на бандата „Пинк Пантер“. Беше екстрадиран од Франција.
Екстрадиран беше и осомничен македонски државјанин за настаните во Диво Насеље. Тој беше екстрадиран од Србија, а гонет од македонските власти за сторени кривични дела тероризам и терористичка организација.
Поранешниот припадник на специјалните единици при МВР Игор Спасов, осуден на 14 години за убиството на Мартин Нешкоски, исто така беше екстрадиран од Бугарија, каде што беше уапсен во Софија.