Природно е без никакво двоумење или сомнеж, функционерите на секоја сериозна држава во критични моменти да го стават на располагање сопствениот интелектуален, мисловен и творечки капацитет во функција на наоѓање решенија како граѓаните што побезболно да се справат со последиците од кризата, која зема сè поголем замав. Наместо тоа, сведоци сме на појава кога некои наши функционери ја напуштаат земјата за да одат во соседството и таму коваат некакви регионални стратегии и расправаат за некакви виртуелни проекти, кои за време на сериозна криза навистина немаат висок степен на приоритет…
Несериозен однос на албанските министри во македонската влада
Во време кога Европа и светот прават стратегии и анализи како да ги намалат последиците од кризата во Украина, министрите Албанци во македонската влада наместо да бараат решенија за предизвиците пред кои е исправена Македонија, тие отидоа на состанок со челните луѓе во соседна Албанија.
Посетата се случи во исто време кога во земјава се одржуваше Советот за национална безбедност на кој се дискутира за безбедносните и другите аспекти од украинската криза и нивните можни импликации врз Македонија, што говори за еден несериозен однос на владините функционери од албанскиот политички блок во исклучително чувствителен момент.
Нејасно е во кое својство владините министри, предводена од нивниот партиски шеф Али Ахмети, беа на состанок со албанскиот премиер Еди Рама, како владина или како партиска делегација.
Пред средбата со Рама во Албанија, слична министерска посета Ахмети организираше и во Косово, поради што домашната јавност со право си го поставува прашањето чии интереси застапуваат албанските министри во македонската влада, на граѓаните од кои биле изгласани и на земјата во која ги уживаат сите привилегии или, пак, на некои други регионални центри.
Без никакво сомнение, функционерите на секоја сериозна држава во критични моменти го ставаат на располагање сопствениот интелектуален, мисловен и творечки капацитет во наоѓање решенија како граѓаните што побезболно да се справат со последиците од кризата, која зема сè поголем замав, наместо да ја напуштаат земјата и да одат во соседството и таму да коваат стратегии и да расправаат за коридори и проекти на чија реализација и досега се чекало со децении, така што ништо немаше да се смени ако оваа дискусија се одложеше за уште некој месец.
Ваквиот потег уште повеќе ја разнишува довербата кај народот, кој во исклучително чувствителниот момент на преговорите со Бугарија, а сето тоа сега подзасилено со воениот конфликт во Украина, со право се прашува дали овие политичари навистина се борат за интересите на сопствената земја или, пак, за некоја друга одамна испланирана кауза.
– Во моментот секој гест се следи и секој гест добива пренагласено толкување, така што сигурно не е момент за вакви етнички екскурзии. Ова е период кога вакви работи апсолутно не се потребни по ниедна основа – вели поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.
Тој се согласува дека во моменти на сериозна криза, политичарите треба да бидат дома и да се посветат на решавање на домашните проблеми.
– Местото на сите политички чинители е дома. Не е ова време за рашетување наваму-натаму, се разбира, освен при самити и договорени обврски, НАТО, ЕУ, ОБСЕ, ОН, но во овој момент ѓаволот ја однесе шегата и треба тука да се размислува како заеднички да се настапи, државно, национално. Тие политичари се избрани од нашите граѓани и треба да ги застапуваат овдешните интереси. Не е време за вакви екскурзии во секој случај – истакнува Боцевски.
Според него, случувањата во Украина налагаат поголема сериозност и хомогенизација на сите во државата.
– Сега е потребен еден севкупен напор на сите политички партии во Македонија што ќе овозможи еден вид хомогенизација на општеството и што ќе овозможи еден вид обединет одговор кон овие предизвици. Ова е прва конвенционална војна на почвата на Европа по години и години и најдобро е во овој момент Македонија обединета да зачекори во периодот што следува – истакнува Боцевски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ваквиот потег, за жал, само потврдува дека некои избрани државни функционери ја третираат Македонија како да е биполарна држава.
– Ова не е првпат што Ахмети ги собира албанските министри во македонската влада и оди во странска земја. Претходно отиде во Косово, а сега еве и во Албанија. Тоа како да сака некој да демонстрира дека ние де факто сме држава во која постојат две посебни влади, македонска и албанска?! Тоа е нонсенс, а никој не го санкционира – вели Пекевски.
За него е енигма во кое својство еден шеф на политичка партија оди да се среќава со странски државник и притоа ги носи министрите, во својство на државни, а не на партиски функционери.
– Дали станува збор за партиска или, пак, за државна средба? – се прашува Пекевски.
Тој понатаму уште додава дека посетите на министрите од редовите на ДУИ на Албанија во време кога заседава македонскиот совет за национална безбедност само ја поткопуваат довербата во политичарите, кои треба да ги бранат македонските национални интереси во исклучително чувствителните преговори со Бугарија.
– Од она што можеме да видиме како Османи ги води преговорите со Бугарија, се добива впечаток дека ги води во насока на оштетување на македонскиот идентитет. Очекувам дека кризата во Украина ќе биде брзо решена и дека за ЕУ ќе биде добра поука, при што таа конечно ќе сфати дека брзо и правично решение за отфрлање на бугарската блокада мора да има, во смисла на исполнување на принципите на меѓународното право – заклучува Пекевски.