НАМЕСТО ЕНИГМАТСКИ ЛИДЕРСКИ СРЕДБИ, ПОТРЕБНИ СЕ ДОЛГОРОЧНА СТРАТЕГИЈА И ВИЗИЈА ЗА ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА
Последното искуство покажа дека македонското општество не смее да се потпира на очекувањата од лидерските средби, туку главна водилка треба секогаш да биде долгорочна, визионерска национална стратегија со педантно утврдени генерални насоки каде и како ќе оди државата. Тоа мора да биде константата за сите политички чинители, без оглед кој да е на власт. Политичарите можат само да додаваат одредени нијанси низ тоа „патување“ кон крајната цел, за да се забрза и подобри целиот пат, но не да скршнуваат од веќе утврдениот курс
Долго очекуваната лидерска средба предизвика голем интерес кај македонската јавност, која со право си го поставуваа прашањето дали лидерите на двете најголеми партии конечно за нешто ќе се договорат, но наместо едноставен одговор „се договоривме“ или „не се договоривме“, јавноста и два дена по лидерската продолжува да ги сложува делчињата од мозаикот и да размислува што всушност „писателите сакаа да кажат“.
Зошто повторно се остава впечаток дека јавноста сама треба да извлече заклучок по самата средба? Зошто воопшто се остава простор да егзистира констатација дека „сето ова е еден голем театар на апсурдот и попусто изгубено време како за државата така и за граѓаните?!“ Сите засегнатите граѓани со право се прашуваат: Дали ќе има или ќе нема уставни измени, дали се договара широка владина коалиција или, пак, не, ќе оди ли ДУИ во опозиција или и натаму ќе ги (зло)употребува привилегиите на власта, ќе има ли предвремени избори или ќе се чека редовниот рок… Многу неодговорени прашања за само два часа разговор и резултатска енигма во Клубот на пратениците.
Тактика и стратегија: Лидерска средба наспроти национална стратегија
Главниот проблем е што лидерските средби никогаш не ги даваат одговорите на клучните прашања бидејќи двајца, тројца или петмина лидери немаат ниту политички габарит, ниту толкава способност да изнајдат решение што ќе биде надвор од нивните партиски планови, туку многу повеќе водат сметка решенијата што ги носат во најголем дел да се поклопуваат со нивната визија како полесно да се освои или задржи власта.
Но владеењето е една работа, а визијата за иднината на државата е сосема нешто друго и затоа академската и стручната јавност со години повикува да се изготви сеопфатна национална стратегија со која еднаш засекогаш ќе се утврди патот по кој ќе се движи и развива државата. И таа стратегија треба да го опфаќа меѓународната политика, внатрешните состојби како судство, образование, здравство, администрација, економија, институции, екологија, сите главни столбови врз кои почива една здрава држава. Наративот дека наша стратегиски цел се НАТО и ЕУ сам по себе не значи ништо, ако во меѓувреме нема стратегија како да се остварат тие цели. Кога нема стратегија, има лидерска средба за секое прашање, па дури и за најбаналните.
Последното искуство покажа дека македонското општество не смее да се потпира на очекувањата од лидерските средби, туку главна водилка треба секогаш да биде национална стратегија со прецизни насоки каде и како ќе оди државата. Тоа мора да биде константата за сите политички чинители, без оглед кој да е на власт. Политичарите можат само да додаваат одредени нијанси низ тоа „патување“ кон крајната цел, за да се забрза и подобри целиот пат, но не да скршнуваат од веќе утврдениот курс.
Во земји во кои постои национална стратегија, таа се спроведува со векови преку политики што ги практикуваат сите влади. Таков е случајот со САД, со Велика Британија, со Франција, со Германија, но на националните стратегии подолго од еден век работат и Бугарија, Грција, Албанија, Србија и многу други земји. Впрочем, присвојувањето на името „Македонија“ беше дел од грчката национална стратегија, како што национална стратегија е обединувањето на сите Албанци или, пак, како што за Бугарија е романтичарскиот сон за Македонија.
Да имаше стратегија, немаше Македонија да остане со прстот во устата по потпишувањето на Преспанскиот договор
Да постоеше национална стратегија со Преспанскиот договор, уште тогаш можеше да се обезбеди негова имплементација откако земјава ќе влезеше во ЕУ, што ќе беше мудра и издржана стратегија, а не вака, Македонија да направи болни отстапки, а за возврат да не добие ништо. Затоа Грција сега не имплементира ништо од договорот. Да беше спротивно, тогаш и Грција ќе беше малку проактивна во имплементацијата на договореното бидејќи ќе сакаше Македонија побрзо да напредува кон ЕУ за да се реализира промената на името, но и Македонија ќе имаше мотив повеќе да чекори забрзано кон Унијата за да ја оствари својата стратегиска цел. Ова ќе беше вин-вин позиција за двете земји.
За жал, Македонија нема никаква национална стратегија, туку иднината на државата се крои на разни лидерски средби по кои секогаш произлегува само едно прашање: Што понатаму?
Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски смета дека оваа држава повеќе од три децении е без никаква стратегија, а политичарите што ја предводат се без визија за нејзината иднина.
– За жал, од 1991 година, кога се донесе Уставот, Македонија воопшто не направи некој општ политички консензус за виталните или за интересите на државата, како што е влез во НАТО, влез во ЕУ, консензус за положбата на националните малцинства, за реформа на јавната администрација и слично. Ние немаме општ консензус за ништо, а не, пак, за подготвување национална стратегија – вели професорот Давитковски.
Според него, немањето консензус за ништо е резултат на, како што ја нарекува, „криза на лидери“, односно немање вистински луѓе со знаење и способност да ја водат државата.
– Само тонеме, тонеме и уште повеќе ќе тонеме. Страв ми е дека, со оваа последна таканаречена лидерска средба ние практично немаме перспектива, па не случајно младите ни бегаат од државата. Со овие таканаречени лидери нема перспектива, тие се само за гола власт, за тендери, мито и корупција и нема тие да ја поведат никогаш државата напред. Воопшто за државотворност да се нема сенс, тоа не можам да го разберам – категоричен е Давитковски.
Тој додава дека доволно е да ги погледнеме примерите од државите со кои порано бевме дел од една заедничка држава.
– Словенците и Хрватите имаа стратегија, постигнаа внатрешен консензус за клучните прашања и еве сега каде се нивните земји. Никој не ги користеше прашањата што се од национален интерес за да дојде на власт. Ова кај нас е несфатливо. Не можам да поверувам некој толку лошо да ѝ мисли на сопствената земја и на сопствениот народ, да не сака да направи стратегија во која државните интереси ќе бидат ставени на прво место, а не партиските. Имаме партиска администрација, заробен судски совет, нефункционални институции, смени на искусни стручњаци, тоа говори дека немаме стратегија и консензус за ништо – истакнува Давитковски.
Негово мислење е дека кога постои визија во кој правец треба да се движи земјата, тогаш ќе постои и стратегија по која ќе се остварува таа визија. Сепак, професорот Давитковски не гледа такво визионерство меѓу македонските политичари.
– Се нема сенс за државност. Да се биде лидер треба да се има визија, но нашиве политичари немаат визија и затоа државата ни се движи како без компас – заклучува Давитковски.