Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан на 1 август 2017 година меѓу Република Македонија и Република Бугарија уште од денот на самото потпишување е проследен со низа нејаснотии и различни толкувања од двете потписнички страни. На посебни критики беше и сѐ уште е изложен во голем дел од македонската јавност што мисли дека е непропорционален и на македонска штета. Минатата година националната политичка сцена беше преокупирана со дилемата дали Бугарите треба да бидат запишани во Уставот, проект што Владата не успеа да го реализира. Во договорот такво барање нема
Уште еден поглед кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан на 1 август 2017 година меѓу Република Македонија и Република Бугарија
Нема сомнение дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Бугарија беше потпишан со добри намери. Но често се случува добрите намери да бидат поплочени со лоши дела. Таква е ситуацијата со тој договор. Предизвиците од договорот се разгоруваат со најавената кампања за собраниските избори што ќе се одржат на 8 мај годинава. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги возбуди страстите преку лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој во едно интервју изјави дека, „доколку победи на избори и формира влада, можно е да побара преиспитување на договорот и евентуални промени на преговарачката рамка со Европската Унија“.
Имено, Мицкоски рече: „ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија и да разговара да видиме – доколку има желба од таа страна – како ќе излеземе од оваа мртва состојба во која оваа влада и авантурите на Османи, Ковачевски и Пендаровски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес“. Во таа смисла додаде дека е можно да се напише едно писмо-нота до Софија за да се разговара како да се промени преговарачката рамка.
Од страна на СДСМ, од страна на политичари, аналитичари, новинари и други „експерти“ таквиот став на Мицкоски е проследен со ироничен тон, наречен дури и – невозможна мисија. Тие тврдат дека е илузија да се развива таква идеја бидејќи не постоеле правни можности да се стори тоа. Но не е така…
Договорот може да се измени или да се раскине
Која било македонска влада, старата или новата, има право и може формалноправно, дипломатски да поведе постапка да се измени или да се раскине договорот во секое време. Таквата постапка може да се отвори ако се оцени дека договорот се крши, дека не се спроведува, дека од ред причини не може да се реализира или дека во крајна линија носи штета.
Тоа право на двете држави им го дава членот 13 од договорот. Во продолжение пренесуваме што вели членот.
Член 13
1. Овој Договор подлежи на ратификација согласно уставните барања на договорните страни. Овој Договор влегува во сила на датумот на размената на ратификационите инструменти на двете Договорни страни и останува во сила за неопределен временски период.
2. Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете договорни страни.
Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член.
3. Секоја договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.
Напишаното е јасно и гласно. Договорот може да биде изменет со согласност и преку размена на писмено известување меѓу двете страни, а да се раскине само со писмо од едната страна, во случајов македонската. Раскинувањето се врши само со една дипломатска нота од Министерството за надворешни работи.
„Книгата“ е затворена, но во секое време може повторно да се отвори, да се препрочита и да се напишат нови реченици
Горенаведените параграфи од договорот се фактите прифатени и од Македонија и од Бугарија. Со заемна политичка волја може да се извршат измени, а со еднострана одлука на едната држава може да следува раскинување. Друго е прашањето дали некоја влада ќе оцени да се искористи таквата можност. Значи, договорот не е Библија, книгата е затворена, но во секое време може повторно да се отвори, да се препрочита и да се напишат нови реченици. Таквиот потег би бил легален и легитимен. Друго е прашањето на моментот, на геостратегиските односи и интереси, на ставовите на меѓународната заедница, како и на оцена на можните поволни или неповолни последици.
Можната проверка или новото читање на договорот несомнено може да ги затопли сега замрзнатите односи, верувајќи дека новиот конструктивен дијалог за сите аспекти на билатералните односи, како и за регионални и меѓународни прашања, ќе придонесе за понатамошен развој на врските меѓу двете држави на рамноправна основа.
Имајќи ја предвид географската (и историската) блискост меѓу двете држави и двата народа ќе заживее стремежот да се создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал. Сега најголем дел од тие обврски се во мирување и на обострана штета.
Сите ветувања се или заборавени или мртви
Властите на Бугарија и Македонија може да изнајдат нови патишта да ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да ѝ помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство што ќе биде од обострана и од европска корист.
Во рамките на „освежувањето“ на договорот, може да се иницираат, витализираат и да се поддржуваат акциите за зголемувањето на туристичката размена, како и развојот на соодветни форми на соработка во областа на туризмот. Ќе се помине на олеснување на царинските и гранични формалности за патниците и стоките, а ќе се поттикнува и ќе се реализира активна и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалните грижи, спортот и други дејности.
Сите горенаведени области за соработка напишани во договорот од 2017 година денес се или заборавени или мртви. Новиот приод сето тоа може да го оживее, да го засили и да го унапреди во корист на граѓаните на двете држави.
Де јуре – затворените прашања останаа де факто – отворени прашања…
Како што е познато, договорот го потпишаа тогашните претседатели на владите, Зоран Заев и Бојко Борисов, двајца политичари што денес не се на тие државни позиции. Заев и Борисов тогаш беа и лидери на владејачките партии во нивните земји – Заев претседател на СДСМ, а Бојко Борисов на ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија).
Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од страна на премиерите беше оценето како историски момент што отвора перспективи за двете земји за интензивна и цврста соработка на билатерален и мултилатерален план.
„Затворивме прашање со кое го трасиравме патот на пријателството и добрососедството. Бугарија со ова станува сојузник на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“, нагласи тогашниот македонски премиер.
Тогашниот министер за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, го нарече договорот „историски“. Слична беше оцената на Федерика Могерини и Јоханес Хан од Европската Унија.
Да за НАТО – вето за ЕУ
Но наместо историски пресврт се случи спротивното. Наместо сојузник и помагач, Бугарија стана главната сопирачка за почнување на преговорите за прием на Македонија во ЕУ. Даде поддршка за членството во НАТО, но со вето ја стопира постапката за влез во ЕУ.
Наместо развој на пријателство, толкувањето на договорот стана непресушен извор на нови недоразбирања и ширење меѓусебна недоверба. Бугарските власти ја искористија едната единствена реченица во договорот во која се споменува „заедничка историја“ и врз таа основа диктираат услови за кои е прашање дали се прифатливи за македонскиот народ и државата Македонија.
Нападниот едностран притисок и форсирањето за беспоговорно прифаќање на бугарските ставови предизвика отпор меѓу Македонците, тој нивен став го засили и отпорот кон прифаќањето на уставните амандмани, односно запишувањето на Бугарите во Уставот, услов што го наметна и Европската Унија преку преговарачката рамка.