Граничните премини Клепало (со Бугарија, кај Берово од македонска страна) и Маркова Нога (со Грција, кај с. Долно Дупени, Преспа, од македонска страна) се децениски проекти за Македонија, многу постари од најновите билатерални договори, но и покрај декларативните заложби и од соседска страна, се чини дека работите на теренот тешко се поместуваат од вербалното изразување намери
ЗА (НЕ)ОТВОРАЊЕТО НА НОВИТЕ ПРЕМИНИ СО БУГАРИЈА И СО ГРЦИЈА
Отворањето нови гранични премини со соседните земји на Македонија членки на ЕУ е предвидено и како конкретен „придружен елемент“ на билатералните договори од пред шест-седум години, односно Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција. Навистина, граничните премини Клепало (со Бугарија, кај Берово од македонска страна) и Маркова Нога (со Грција, кај с. Долно Дупени, Преспа, од македонска страна) се децениски проекти за Македонија, многу постари од најновите билатерални договори, но и покрај декларативните заложби и од соседска страна, се чини дека работите на теренот тешко се поместуваат од вербалното изразување намери.
Ќе се придвижи ли нешто по четвртина век за граничниот премин Клепало?
Неодамна, сепак, е одржана средба меѓу високи владини претставници на Македонија и Бугарија токму околу активностите за ставање во функција на граничниот премин Клепало, а сега проекциите за негово отворање се поместени на 2029-2030 година.
Овој граничен премин треба да ги поврзе градовите Берово (Македонија) и Струмјани (Бугарија). Дури и бугарските медиуми забележуваат дека проектот е болна тема за Македонија, бидејќи патот и точката до границата од македонска страна се изградени пред речиси 25 години. Бугарија постојано ветува дека ќе го направи тоа, но тоа не се случува. Пред две години македонската страна доби ветување дека точката ќе биде готова во 2023 година. Сега новото ветување од бугарска страна е тоа да се случи до 2030 година. Ова е најголемиот проект за прекугранична соработка што се реализира во тековниот програмски период 2021-2027 година. Инвестицијата изнесува над 11 милиони евра. Корисници на проектот се Регионалната управа во Благоевград и Царинската управа на Република Северна Македонија.
На неодамнешниот состанок за овој проект присуствувале заменик-министерката за регионален развој и јавни работи на Бугарија, Ангелина Бонева, и раководителот на секторот за ЕУ при Министерството за локална самоуправа на Македонија, Вулнет Арифи.
– Новите гранични премини, со Бугарија и со Грција, Клепало и Маркова Нога се стратегиски проекти за Македонија и од наша страна во голема мера се завршени инфраструктурните работи. Тоа се проекти што од двете страни се спроведуваат на владино ниво. За граничниот премин Клепало, кој ќе биде наменет како за транспорт на лесни и тешки возила, ќе има и комерцијален дел, а би требало да функционира со полн капацитет како и веќе постојните гранични премини. Секако, ќе се гради по современи европски стандарди. Од наша страна веќе се врши обука за царината, како да се распоредат средствата од европската инвестиција. Од бугарска страна треба да се спроведат инфраструктурни зафати (изградба на пат, како и објекти), додека од наша страна можеме да почнеме со внатрешно поставување ИТ-опрема. За спроведување на сите зафати, до функционалниот момент на граничниот премин од двете страни е предвиден рок на изведба до 2029 година – вели Вулнет Арифи, раководителот на секторот за ЕУ при Министерството за локална самоуправа и одговорен за меѓудржавни СБС-програми.
Од бугарска страна, заменик-министерката за регионален развој и јавни работи Ангелина Бонева изразила надеж дека започнувањето на реализацијата на овој долгоочекуван проект, по четвртина век, биде проследено со стручност и професионалност, како и досега, и нема да се дозволи емоциите да го забават.
– За мене тоа е мост што ќе станува сè понеопходен и важен за да ги поврзе на друг начин локалните заедници од двете страни на границата. Инвестицијата е неповратна и ние целосно обезбедивме финансирање за неа – и европско и национално. Тоа не беше случајно избрано за стратегиски проект од нашата програма – вели Ангелина Бонева од МРЈЈР од Бугарија.
Без рокови за граничниот премин Маркова Нога со Грција
Кога станува збор за граничниот премин Маркова Нога со Грција, кај селото Долно Дупени во Преспа, Вулнет Арифи од Министерството за локална самоуправа, одговорен за меѓудржавни СБС-програми, вели дека досега во овој стратегиски проект за Македонија се инвестирани 1,3 милион евра и дека се работи континуирано. За изработка на идеен проект и за подготовка на документацијата, Министерството за внатрешни работи има добиено еден милион евра, а УНДП работи и инвестира во подготовката на царинскиот дел на граничниот премин.
– Се работи од наша страна и на подготовка на граничниот премин Маркова Нога со Грција. Конкретно, во моментов работиме на поставувањето на трафостаницата за граничниот премин, но можеме да започнеме и со поставување на ИТ-опрема. Додека од грчка страна се работи на поставување на трасата за патот до граничниот премин – вели раководителот од секторот за ЕУ при Министерството за локална самоуправа, Вулнет Арифи.
Одложувањето на отворањето на граничните премини, пред сѐ, е политички притисок од соседите – Грција и Бугарија
Брисел да увиди дека нашите европски соседи нѐ држат во изолација со спорните договори
Спроведувањето и успешноста на Програмата на ЕУ за меѓугранична соработка, во голема мера е условена од олеснување на можноста за комуникација и реални врски меѓу населението на соседните земји. Секако, во тој контекст, функционалноста на граничните премини има важна улога. Но дали секогаш земјите членки на ЕУ се ангажирани во спроведувањето на програмите на ЕУ?
– Одложувањето на отворањето на граничните премини од страна на нашите соседи, пред сѐ, е политичко прашање. Во суштина сѐ се сведува на неспроведување на катастрофалните договори за нас со Софија и Атина. И двата соседа се повикуваат и го спроведуваат само тоа што им одговара, а игнорираат сѐ што може да биде и од наш интерес. Не е во прашање европеизацијата на Македонија, туку подобар живот на локалното население. Македонија, иако е далеку од Брисел, се однесува многу поцивилизирано од двете соседни ЕУ-држави. Зошто се случува тоа, во голема мера е наша вина. Ние трчаме да исполниме сѐ, дури и тоа што е бесмислено од договорите со Бугарија и со Грција, а тие со прст не мрднуваат. Затоа што така понизно се однесуваме, повеќе и не можеме да очекуваме. Сепак, во овој контекст, покарактеристичен е случајот со Грција, која заедно со нејзините западни партнери ни подметна колонијален договор и така се однесува – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Новинарката и поранешна амбасадорка Мелпомени Корнети, за одложувањето на отворањето на граничните премини со Бугарија и Грција, согледува конкретни причини од двете соседни страни на Македонија.
– Мошне реална е претпоставката дека Бугарија го одложува отворањето на граничниот премин Клепало, како „возврат“ за стагнирањето на проектот на железничката пруга до бугарска граница од наша страна. Додека, причината на Грција за одолжување на проектот со граничниот премин кај Маркова Нова е атавистичкиот страв од таа страна за поврзување на македонското население од двете страни на границата. Државите со институционална меморија не простуваат во меѓународните односи постапки што се спротивни на нивните национални интереси и наоѓаат начин „дипломатски“ да одговорат – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети. Ј.П.