Народните избраници од утре се на испит на зрелоста пред Македонија, пред граѓаните, пред народот, пред домашната и светската јавност…
И додека политичките партии од власта и опозицијата ги вршат последните подготовки и координации за својот настап на утрешната седница, јавноста и граѓаните со доза на нетрпение и неверба се прашуваат каков е капацитетот на македонското собрание за заштита на македонските национални интереси?!
Поучени од некои претходни искуства, кога беа буквално пре(про)дадени, изиграни и изневерени токму од своите пратеници, сега и граѓаните и јавноста со право се во недоумица кон кого всушност имаат (или треба да имаат) одговорност народните избраници. Дали кон лидерите на своите партии, дали кон странските емисари, кои изминатиот период се растрчани во кампања на (раз)убедување или, пак, кон својот народ, од кого го добиле мандатот за институционално застапување? Дилема не треба да има, а сепак има!
УТРЕ ПОЧНУВА СОБРАНИСКАТА СЕДНИЦА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ
Од утре очите на целокупната македонска јавност ќе бидат повторно вперени кон македонското собрание, каде што почнува седницата за уставните измени. Да речеме дека сега сѐ е во рацете на народните избраници, кои треба да одлучат што понатаму во однос на уставните измени, од кои во голема мера зависи иднината или опстанокот на државата, во зависност од политичкиот дискурс што можевме да го чуеме досега.
И додека политичките партии од власта и опозицијата ги вршат последните подготовки и координации за својот настап на утрешната седница, јавноста и граѓаните ги јаде јанѕа и се прашуваат каков е капацитетот на македонското собрание за заштита на македонските национални интереси. Поучени од некои претходни искуства, кога беа буквално предадени, продадени, изиграни и изневерени од своите пратеници, сега и граѓаните и јавноста со право се прашуваат кон кого имаат или треба да имаат одговорност народните избраници. Дали кон лидерите на партиите од кои доаѓаат, кон странските емисари, кои изминатиот период се растрчани во кампања на (раз)убедување, или кон сопствениот народ, од кого го добиле мандатот и од кого земаат високи плати, од неодамна зголемени и за дополнителни 78 проценти? Одговорот на ова прашања во секоја здрава и нормална демократија би требало да е лесен и разбирлив, но досегашните искуства и горката реалност сепак предупредуваат и никого не оставаат рамнодушен.
Што крие фамозната бројка 80 што сѐ почесто да е присутна во јавноста?
Интересно, додека партиите од власта се обидуваат да стигнат до магичната бројка од 80 пратеници, потребни за изгласување на уставните измени, исто толкава бројка, односно 80 проценти, од Македонците се против внесувањето на Бугарите во Уставот, покажуваат најновите истражувања на јавното мислење. Ако вака искажаната волја на народот се преслика во законодавниот дом, тоа би требало да значи дека барем 80 проценти од народните избраници (или 96 актуелни пратеници) би требало да ја почитуваат волјата на народот и да гласаат против уставните измени. Но во високата политика не е секогаш така, па често се манипулира со бројките. Така беше и при промената на името на државата, кога мнозинство македонски граѓани бојкотирајќи го референдумот искажа политичка волја дека се против промена на името, но тогашните пратеници не го послушаа гласот на народот и подоцна со квазиполитички и противправни методи беше сменето името на државата. Како ќе биде овој пат со промените на Уставот останува да видиме. Сепак, политичките аналитичари тврдат дека ако денот по утрото се познава, пред нас повторно е еден мачен, неизвесен, долг политички период во кој политичките партии, и од власта и опозицијата, секоја на свој начин, ќе се обидат политички да профитираат и да го оцрнат противникот.
– Тоа дополнително ќе ја фрагментира и поларизира домашната политичка сцена околу една измислена и лажна дебата, за наводно про и контра Европа, наместо пратениците заеднички да се концентрираат на заштитата на македонските национални интереси. Една таква дебата и нудење решенија за заштитата на македонските национални интереси би била многу попродуктивна и би испратила многу помоќна порака и дома и пред светот.
Сепак самиот факт што директно од одмор, или од плажа, пратениците седнуваат во собраниските клупи да гласаат за уставните измени говори за несериозноста, немањето чувство и државнички капацитет кон едно вакво важно и суштинско прашања за државата – велат аналитичарите.
Како дополнителен аргумент тие го посочуваат и претходното искуство со експресното завршување и гласање во собраниската комисија за уставни прашања токму во врска со амандманите за внесување на Бугарите во Уставот. Тогаш дебатата во собраниската комисија, која требаше да трае 10 дена, заврши експресно, само за неколку часа.
– Ваков парадокс на кратење на демократијата и десеткратно намалена суштинска дебата поврзана со уставните измени веројатно се нема случено во ниту една држава во светот, најмалку во земја-кандидат за влез во ЕУ. Недостигот од желба за дебата во собраниската комисија за уставни прашања е навистина срам и пораз за целата држава. Со ваквиот однос на пратениците, и од власта и од опозицијата, се доведува во прашање и контролната, надзорната и регулаторната улога на Собранието и неговите тела, што всушност е меѓу неговите најважни задачи. Пратениците уште тогаш мораше да покажат инцијатива и да вложат многу поголеми напори за студиозно, суштински и аналитички да се претресе и разгледа секој најмал детаљ во однос на предложените уставни измени. Оттаму, тешко е за очекување дека сега ќе се смени нешто. И власта и опозицијата ќе останат закопани во своите партиски ровови и на своите добропознати ставови – велат соговорниците.
Според нив, коренот на проблемот за ваквото однесување и немањето чувство за одговорност кај пратениците е во сегашниот изборен модел, што се манифестира во нефункционалност на Собранието и недостиг од самостојност во работата на пратениците, како и недостиг од одговорност кон своето избирачко тело.
Чии интереси застапуваат пратениците во Собранието
Дека народните избраници се практично отуѓени од сопствениот народ потврдуваат и редица истражувања и анкети на јавното мислење, кои покажуваат дека граѓаните генерално имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, не се задоволни од нивното работење и сметаат дека народните избраници воопшто не ги застапуваат интересите на граѓаните.
Во последното обемно истражување на Институтот за демократија (ИДСЦС), НДИ и Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), спроведено во првиот квартал до 2023 година, граѓаните довербата во Собранието ја оцениле со 3, на скалата од 1 до 10.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27 отсто од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, речиси половина (46 отсто) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата наместо да ја намалува. Високи 70 отсто од испитаниците сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Тие сметаат и дека пратениците не се подготвени за функцијата што ја имаат и се сомневаат во нивните способности, покажуваат резултатите од анкетата.
– Граѓаните во С. Македонија се загрижени што пратениците ефективно не одговараат на потребите на граѓаните и сметаат дека пратениците ги застапуваат своите лични интереси (80 отсто), интересите на политичката партија (75 отсто) и бизнис-интересите (64 отсто) – истакна Роберт Скот Хислет од НДИ, презентирајќи ги резултатите од истражувањето.
Овие показатели дека пратениците најмногу ги застапуваат своите лични интереси (како што сметаат 80 отсто од анкетираните) се поразителни за македонската демократија. Еве, и тука пак се појавува магичната бројка 80, за жал пак на штета на интересите на граѓаните.
Во однос на квалитетот на собраниската дебата, истражувањето покажува дека досегашните излагања на пратениците се многу малку или воопшто не се аргументирани.
Според Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија (ИДСЦС), за да се подобри перцепцијата за Собранието клучна е неговата активна надзорна улога врз извршната власт.
– Ако сакаме Собранието да се претвори во вистински законодавен дом, како врховна институција на суверенитетот на граѓаните, тогаш надзорната функција односно контролата на властa, барањата одговорност, како и земање предвид на сите извештаи на ДЗР и посочените пропусти од антикорупциската комисија, е нешто што мора да се направи во следниот период – смета Трошановски.
На овој собраниски состав веројатно не му останува многу време да ја подобри перцепцијата во јавноста за својата (не)работа. Но затоа, пак, има сосема доволно време барем да понуди една квалитетна, сеопфатна, аргументирана собраниска дебата во интерес на македонскиот народ и држава.
Стигна порака од Софија, ќе возврати ли со иста мера Македонија
Пред почетокот на собраниската седница за уставни измени стигна порака и од Софија. Бугарија, која досега не спроведе ниту една од 18-те пресуди на Меѓународниот суд за човекови права што се во полза на македонските здруженија од Бугарија, сега ни кажува што треба ние да правиме ако сакаме во ЕУ.
– Република С. Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската Унија – изјави заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е потпретседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското собрание и поранешна министерка за надворешни работи.
Захариева ги повика, како што вели, „македонските соседи и пријатели да не се плашат од промените“.
– Измена на Уставот на Република С. Македонија не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Република Северна Македонија и тоа мора да се прифати – потенцира поранешната шефица на бугарската дипломатија.
По ваквата нејзина порака, за очекување е некој од домашните политичари или институции да испрати идентично барање до Бугарија, со напомена дека и Македонците се реалност во Бугарија и дека Софија не треба да се меша во внатрешните работи во Македонија, туку треба дома да ги исполни европските пресуди и барања за давање целосни граѓански права на Македонците во Бугарија. Тоа не би требало да биде голема работа токму за Софија, може да се нагласи во дописот.
Во моментов тоа би било вистински македонски потег во вистинско време.