Фото: Игор Бансколиев

Денес, 129 години по основањето на Македонската револуционерна организација, доколку се земе предвид надворешното политичко опкружување, како и постојаните негирања на македонските национални особености, девизата за сплотување на Македонците во име на Македонија сѐ уште е актуелна

ПО 129 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА МРО

Христо Константинов, истражувач на македонското ослободително движење, заклучува дека основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), позната и како Внатрешна организација, предводејќи го народот против експлоатацијата и апсолутизмот, покажале голема проникливост за концептите на револуционерното движење – ослободувањето на Македонците е дело на самите тие. Константинов исто така вели дека основачите ги зеле предвид и туѓите пропаганди и затоа ја поставиле девизата: „Македонци, сплотете се во името на Македонија како Македонци!“. Денес, 129 години по основањето на Македонската револуционерна организација, доколку се земе предвид надворешното политичко опкружување, како и постојаните негирања на македонските национални особености, девизата за сплотување на Македонците во име на Македонија сѐ уште е актуелна.
Но која била Македонската револуционерна организација? Таа се манифестирала во сложен и егзистенцијален период за македонскиот народ. Пред појавата на македонското ослободително движење во Македонија недостигале основни човекови права, а ситуацијата била усложнета со поделбата на македонскиот народ, поделба што била предизвикана од влијанието на туѓите пропаганди, кои сакале да ги асимилираат македонските национални особености.

Таквите околности влијаеле врз идеолошкото оформување на Македонската револуционерна организација, но не случајно македонското дело се обликувало како автохтона идеологија со изразен национален и политички сепаратизам, односно заштита на македонските особености и интереси. Поради тактички причини, МРО ја прифатила идејата за автономија на Македонија, односно таа требало особено грижливо да ги насочува своите дејства на линија на најмало спротивставување на нејзината активност, односно да си постави такви цели и да си даде таков карактер на својата борба со што во најголем степен ќе биле намалени, ако не и парализирани внатрешните и надворешните спротивставувања.
На автономијата се гледало како на единственото решение, а за тоа постоеле повеќе причини. Автономијата имала поткрепа во меѓународните акти, не го нарушувала интегритетот на Османлиската Империја, не се нарушувало сизеренството на султанот и не ги засегала интересите на балканските држави. Всушност, автономијата им овозможувала на Македонците да ја земат сопствената судбина во свои раце. Но автономијата не била крајната цел, МРО се залагала за оформувањето на Македонија како одделна држава, затоа еден од главните принципи бил: Македонија за Македонците, во смисла соседните народи да не се мешаат во македонските работи.
Повеќе историски извори и документи го потврдуваат концептот за самостојна држава. Ив. Иванов истакнува дека можеле да се најдат одделни лица во потесен круг што спасот го гледале во оформување на одделна македонска управа или во посебно македонско црковно управување. Фредерик Мур истакнува дека внатрешните дејци сметале дека Македонија како држава, со својата географска положба би можела да послужи како јадро за конфедерација на Балканот. Вил С. Монро вели дека револуционерното движење во Македонија честопати било претставувано како бугарски продукт. Но Монро заклучува дека Внатрешната организација немала за цел присоединување на Македонија кон Бугарија.

Според К. Алемендингер, целта на Внатрешната организација била целосна независност на Македонија. Рускиот автор В.В. Водобозов, кој ја посетил Македонија, вели дека македонските револуционери се плашеле од насилното присоединување на Македонија кон некоја од балканските држави. Затоа до Младотурската револуција, македонските автономисти мечтаеле за создавање посебно македонско царство, независно од Турција.
Хенри Ноел Брејлсфорд вели дека водачите на македонското револуционерно движење не биле Бугари, туку Македонци, кои никогаш не ја предавале својата независност под каков било надворешен притисок. Меѓу водачите на македонското движење дури има и едно силно течение, кое е склоно да биде критично, а на моменти дури и непријателски настроено кон Бугарија. Според Брејлсфорд, Македонците својот поглед го држеле кон Егејско Море и немале силна желба својата судбина да ја врзуваат со онаа на бугарското кнежевство.

Д.Ст.