Детектирање на криминалните поведенија и преземање одговорност

Ние треба да си ја заштитиме државата, ние треба да гозаштитиме интересот на државата!

Пратениците ги штитат интересите на државата, не на компанијата. Ако пратениците дојдат во ситуација, а и нашата влада, се доведат да ги штитат интересите на компанијата, наспроти државата, таа влада е корумпирана влада. Доколку се стават на тацна заштитата на државата и заштитата на компанијата, предимство имаат заштитата на државата и интересите на граѓаните. Јас лично мислам дека државата не ги штити интересите на граѓаните во овој договор, туку, напротив, дозволува сеча на дрва, дозволува отворање концесии, дозволува легализирање нелегален имот, дозволува нарушување на правата на работниците. Значи во многу елементи покажува дека не ги штити правата на граѓаните, туку ги штити интересите на компанијата. Тоа се аргументите.


Имаме промена на законите за да можат да се приспособат на веќе склучен договор!?

Во нормални држави, во кои владее правото, договорите се склучуваат врз основа на законите. Не може да се смени законот за да егзистира договор, тоа е она што е спротивно од Уставот. Некој склучил незаконски договор, некој во владата прифатил обврски надвор од законот. Некој што мора да води сметка за примена на законите решил да преземе обврски што излегуваат од рамките на законот и правната рамка. Тој некој сега бара од Собранието да донесе таква одлука со која ќе се озакони неправото.


Да! Има криминал!

Да! Има криминал, не може да нема криминал, доколку сака некој да ги извитопери демократските процедури. Значи, во моментот кога некој сака да промени закони поради веќе склучен договор, кога сака да направи суштински промени на законите, по скратена постапка, кога сака да ги заобиколи демократските процедури, да спречи дискусија, да спречи инволвирање на граѓаните во дискусијата, значи дека има криминал. Значи, ова е апсолутен, сигурен и недвосмислен доказ дека станува збор за криминални дејства, кои се сака да се забошотат со или под европското знаменце. Значи, кога сакавме да ја промениме претходната власт, еден од елементите, еден од значајните елементи, кој го изнесуваме како проблематичен во дејствувањето на таа власт, беше донесувањето на законите по скратена постапка. Секое донесување закон по скратена постапка значи дека се урнисува, се урива демократијата. Демократијата е бавна, бавна е затоа што подразбира инволвирање на граѓаните, инволвирање експерти, инволвирање на стручната јавност, транспарентност, разговор, спротивставување аргументи.