Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски
факултет во Скопје, ексклузивно за „Нова Македонија“
Ден радосен, историски, кој отвора нова страница од нашата црковна историја, но ден за радост и на целото православие, збогатено со уште една сестринска црква. Единство постигнато единствено врз основа на евангелска љубов и братско разбирање, преку молитвите на сите, но посебно благодарение на подвигот на двајцата поглавари на нашите цркви, на благочестивата посветеност на архиепископот Стефан и на родителската и љубовна грижа на патријархот Порфириј. Само големи луѓе ја пишуваат историјата, а обајцата се покажаа како вистински духовни великани. Инаку, посебна радост е што сето ова се случува на денешен ден. Минатите години бевме сведоци на немили принудени празнувања, кои ни ја бришеа празничната радост, ама се виде дека насила браќа не се станува. Вака братски, љубовно и сложно се слави Денот на светите сесловенски просветители и рамноапостоли Кирил и Методиј, кои сега се радуваат со сите нас. Нека ни е за многу години!