Според Делирадев, борбата за „ослободување на македонскиот народ од политичкото, економското и духовното ропство, беше револуционерна борба и против апсолутистичката и полуфеудална Турција и кон соседните балкански монархистички држави: Бугарија, Србија, Грција, а подоцна и Албанија на Витовци и Зогувци“. Павел Делирадев исто така јасно запишал дека распарчениот македонски народ, веднаш по првата балканска катастрофа, ја возобновил борбата, со идеалите на првоапостолите на револуцијата. А од оваа борба била создадена Народна Република Македонија, како „втора решителна и понапредна фаза кон идеалите на Гоце Делчев и Јане Сандански“
Од историските архиви: Спомени и пишувања на личности што биле директни учесници во историските настани
Во архивите постојат голем број историски извори, кои даваат дополнително светло на историското минато на македонскиот народ. Особено значење имаат спомените и пишувањата на оние личности што биле директни учесници во историските настани. Меѓу нив е Павел Делирадев, еден од приврзаниците и блиските соработници на македонскиот водач Јане Сандански во почетокот на 20 век.
Кој е Павел Делирадев?
Делирадев е еден од главните противници на бугарската шовинистичка политика, особено во однос на македонското прашање. Но за волја на вистината, тој по потекло е Бугарин. Во првата деценија на 20 век, Делирадев е во идеолошкиот круг на Сандански и во текот на хуриетот, заедно со другите сережани, престојува во Солун. Според пишувањето на српскиот весник „Политика“, во јуни 1908 година, во деновите на објавувањето на Манифестот до сите народности во империјата, Делирадев одржал говор во кој јасно тврдел дека „непријателите на слободата на народот се: султанот, кралот Петар, кралот Георги и кнезот Фердинанд“.
Павел Делирадев е еден од ретките што меѓу двете светски војни ги преживеа судирите помеѓу групациите во македонското револуционерно движење, кога по наредба на Иван (Ванчо) Михајлов беа ликвидирани многумина идејни приврзаници и пријатели на Јане Сандански. По Балканските војни, Делирадев се повлекува од политичките и револуционерните случувања, но при крајот на Втората светска војна се пројавува како еден од најгласните приврзаници и поддржувачи на идејата за создавање на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ.
За македонската државност низ историјата
Во историските моменти кога беа поставени темелите на современата македонска држава, Делирадев пишуваше: „Блиски по јазикот и културата на Бугарите и Србите, Македонците не пројавија големи усилија за создавање на своја држава дури и во доцното средновековие, ако не ги сметаме за држави малите феудални кнежества на Слав, Крале Марко, Константин Драгаш… Пред нив, доволен македонски облик добила и државата на Самуил, меѓутоа таа не можеше да се задржи против новите завојувачки пориви на Византиците при царувањето на императорот Василиј Втори“.
За идеологијата на македонската револуционерна кауза
Делирадев како еден од учесниците во македонското револуционерно движење од почетокот на 20 век, од прва рака бил запознаен со стремежите на револуционерните сили. Според него, политичката смисла на македонското географско единство беше дадена кон крајот на 19 век од Внатрешната македонско-одринска организација, а подоцна од ВМРО. Затоа Павел Делирадев вели дека македонските револуционери се стремеле: „Македонија треба да се обособи и политички во своите набележани од природата географски граници. Извојувањето на политичката независност во рамките на тие граници го пронајде својот класичен израз во лозунгот: Македонија на Македонците“.
Според Делирадев, борбата за „ослободување на македонскиот народ од политичкото, економското и духовното ропство, беше револуционерна борба и против апсолутистичката и полуфеудална Турција и кон соседните балкански монархистички држави: Бугарија, Србија, Грција, а подоцна и Албанија на Витовци и Зогувци“.
За балканскиот шовинизам
Делирадев јасно определува дека Турција настојувала да ја задржи по секоја цена бунтовничката Македонија, а балканските државички се стремеле да го приграбат тоа турско наследство и не сакале да разберат дека: „единствениот законски наследник на таа несреќна, ама богата и убава земеа е македонскиот и само македонскиот народ“.
Според Делирадев, затоа и Внатрешната организација истовремено војувала на неколку фронта. Во таа борба против тешкото ропство и воинствените шовинистички посегнувања, „македонскиот народ ги откриваше своите пријатели“ и ја укрепнуваше дружбата со нив.
За некои пројави кај македонската емиграција
Делирадев вели дека широките народни маси продолжиле по патот на Гоце и Јане, но збогатените слоеви во Бугарија и во Србија, покрај трговијата со делото ја поткрепувале и шовинистичката политика на оние држави, во кои се најдоа. Според Делирадев, тие во својата ненаситна жед за брзо збогатување, лесно ги промениле фамилијарните имиња. Според пишувањата на Делирадев: „За пари тие може да се чинат и Бугари и Срби, Грци и Албанци. Само не и Македонци, зошто немаше кој да им плаќа за тоа. А борбата искаше и налагаше жртви“.
Павел Делирадев вели дека како трговци, индустријалци, министри, депутати, професори, офицери, новинари и др. придобиле огромно значење за шовинистичката, потиснувачката и великобугарската политика на Кобурзите во Бугарија. Според него, тие ги раководеле врховистичките напади против Внатрешната организација.
За современата македонска држава
Делирадев вели дека распарчениот македонски народ, веднаш по првата балканска катастрофа, ја возобновил борбата, со идеалите на првоапостолите на револуцијата. А од оваа борба била создадена Народна Република Македонија, како „втора решителна и понапредна фаза кон идеалите на Гоце Делчев и Јане Сандански. Во Скопје и Битола е авангардата на прогресивното македонско движење, токму таму, каде што шовинистичкото движење во минатото наидуваше на најголем отпор“.