Социјалдемократите пред изборот на лидерот
Ако некој сака да проверува што е тоа „развиен, слободен (ептен слободен) избор на партиски лидер во политичкиот живот во Македонија“ (сега Северна), треба да ги следи настаните во Социјалдемократскиот сојуз. Ај што „ќе проверува“, но прашање е дал’и „ќе поверува“?!
Имено, во нивното официјално соопштение пишува дека „Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како модерна, отворена и демократска партија, во согласност со статутарните измени, ќе го избира на непосредни внатрепартиски избори претседателот на партијата на 16.3.2025 година“. Денот на изборите е одреден еден месец порано за да може членството да гласа.
Ако не е шега или трик, во недела, втора од велигденскиот пост, СДСМ ќе го избира електронски најмодерно оној што веќе три месеци цврсто седи на партискиот трон сместен на Бихаќска б.б. Понудата за самокандидати е затворена, има еден единствен самокандидат, тој што е веќе претседател. Името и презимето се познати уште одамна – професор доктор Венко Филипче, кој ги исполнил сите процедури и услови. Доставил пријава за самокандидирање според Образец 1, лична биографија, партиска биографија и програма за работа за четиригодишен период – (2025-2029) под име што секој член може да си го толкува како сака: ЕДЕН СДСМ ЗА СИТЕ. Од што се транспарентни, во партијата владее глува доба, тишина да не се урне однапред одредената победничка атмосфера.
Добар доктор – наметнат избор
И гулабите во паркот во Капиштец и персоналот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и струмичките аграрци знаат дека Филипче е волја на младото членство и на стариот пријател и патрон Зоран Заев, новиот жител на Дубаи, според Никола Груевски, кој во поново време му ги бележи адресите и му чачка по сметките. По оставката и устоличувањето на Димитар Ковачевски, целата заднина и на овој избор говори дека оваа некогаш најсилна партија го прифатила принципот на монархизам и династичко владеење. Носејќи го белегот на Заев на своето чело, Филипче означува продолжување на една крајно неуспешна политичка лоза во држава што по устав е собраниска и во која функциите не се наследни по род, по братство и побратимство.
Доктор Филипче, доктор професор, неврохирург со авторитетно име во неговата професија. Можеби е и одличен политичар, што допрва треба да се проверува, но во сегашните околности, и македонски и светски, прашање е дали е вистинскиот избор. Тој е стамен стручњак во струката, но мошне лесна цел за отстрел во политиката.
Она што како лично име и како професионалец го одбранува и е во негова полза не е доволен капацитет за да биде заштитен од старите волци од противничката партија желни да не му дадат да ја крене главата, а со главата и партијата. Аферите што го следат, духот на изгорените пациенти во болницата во Тетово, врските со Заев, со човекот што го доживеа најтешкиот пораз на партијата, ќе му бидат товар од кој тешко ќе се ослободи.
Заменичката ранлива како и лидерот
Нешто слична е ситуацијата и со заменик-претседателот на партијата. Изборот на Фани Каранфилова-Пановска, енергична дама, ново лице за пошироката јавност, во моментот кога беше назначена на функцијата, донесе вистинско освежување и ветуваше предност. Цела кариера поврзана со Сорос, со фондацијата „Отворено општество“, блиските врски со СДС, беа вистинска препорака за партиски ангажман на високо ниво. Но она што беше предност, сега е критична слабост.
По случувањата во САД, по компромитирањето на Сорос, по откривањето на неговите инсталации, спонзорирањето и финансирањето проекти, особено со помошта на Шарената револуција во Македонија, Соросовите кадри може да се најдат на македонската црна листа. Сериозна претпоставка е дека допрва ќе бидат под рефлекторите на ВМРО со можни тешки дисквалификации. Ако има потреба, се разбира. Општо земено, ако се суди уште сега, идеите, постапките и намерите на американскиот претседател Доналд Трамп и на републиканците не се на линијата на социјалдемократите во Македонија. Прашање е дали ќе најдат силен партнер во ЕУ, ако веќе има такво расположение во Унијата во која јакнат десните сили.
Новата партиска опција се определи за млади, анонимни, неискусни кадри, почитувајќи родов сооднос мажи-жени, но запоставувајќи го соодносот млади-стари. Не создавајќи подолго време баланс меѓу познати и анонимни, меѓу богати и сиромашни, меѓу активни и пасивни, меѓу чесни и нечесни, партијата работеше на кадровското самоубиство, што се покажа како една од причините да доживува порази и да се сведе на маргините на политичкиот живот во државата.
Во периодот што следува прашање е дали кон СДС ќе останат приклонети цивилното општество, дел невладини организации, разни здруженија, аналитички центри што беа под чадорот на Сорос и на низа, европски, за јавноста непознати, фондации. Бидејќи сите функционираа на основа на странски пари, веројатно дека е можен финансиски застој, пасивност или префрлање на друга страна на реката кај што ќе има подобри понуди. И медиуми, се разбира, кои ја уживаа комоцијата на спонзорства и грантови во поддршка на наследникот на некогашната комунистичка партија.

До нов пораз со идеите на Заев
На триесеттиот конгрес одржан во ноември, месецот кога се слават мустаќите, Социјалдемократскиот сојуз најави дека ќе го исука мустакот и ќе се врати силно на политичката сцена. Најави пресвртница, но иако поминаа три-четири месеци, од неа нема видлива трага. Најверојатно се чека на официјално објавување на програмата на лидерот, но ако веќе е напишана, ќе мора да содржи крупни корекции, имајќи ја предвид новонастанатата ситуација во Европа и по евентуалниот мир во војната во Украина. Но, што и да пишува, програмата е однапред осудена на неуспех ако се заснова на идеите на Заев, на неговото време и неговите насоки.
Партијата засега пред јавноста се претставува со штури и неефективни пресови и соопштенија во кои повеќе прашува наместо да изнесува докази. Не се објаснуваат со најречит јазик слабостите на власта, ниту нејзините отстапувања од ветувањата што беа давани во изборната кампања. Собраниската група е минорна, безидејна, оптоварена со вината за поразот и со евентуалните одговорности за сторените злодела во време на мандатот. Врската меѓу групата и централата е неприродна, истрошените и компромитирани пратеници ја немаат силата за влијание ниту во Собранието ниту меѓу новото раководство и во сѐ помалото членство.
Збогување со ДУИ и со Али Ахмети
Во повеќе наврати се покажало дека партијата е слаб ученик во поправањето на сопствените грешки, таа лекција и сега не е научена. Единствен пресврт, ако е пресврт, е направен во односот кон Демократската унија за интеграција (ДУИ), со која, наводно, е скината папочната врска со партијата на Али Ахмети што цврсто се држеше за време на коалициското владеење. Признавањето дека една од причините што СДС доживеа катастрофален пораз поради легнувањето во скутот на ДУИ нема да ја врати довербата кај македонските гласачи, но барем ќе им ја исчисти сликата за во иднина. Но, ако не со ДУИ, ќе мора да бара друг партнер во албанскиот блок или повторно со ДУИ, но дури по заминувањето на Али Ахмети и неговата компромитирана екипа. Збогувањето со Ахмети не е одредница што ќе ја смени генералната политика за меѓунационалните односи, но ќе придонесе тие да не бидат на сопствена штета.
Првиот поголем испит партијата ќе го полага на есенските локални избори. Засега не се гледаат на хоризонтот светли знаци за некаков успех. Ако се точни, а зашто не би биле точни, анкетите на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат дека тие водат со еден спрема четири во однос на гласови. Социјалдемократската партија без власт, без пари, без вистинско водство, натежнато со одговорноста за промена на името, со неуспехот да ги донесе уставните амандмани, без Соросовите финансиски и герилски ангажмани и напуштена од западните фактори, ќе се бори да преживее барем во две-три општини, во два-три града. Ако доживее уште една изборна катастрофа, ќе останат живи само просториите и оние членови што ќе тажат горчливо за времето кога нивната партија била силна и влијателна и ги создавала независноста и суверенитетот на државата и на македонскиот народ. И ќе ја спомнуваат како дел од минатото на својата земја.