Фото: ЕПА

Уште една кратка опсервација во пресрет на изборите во Европскиот парламент (ЕП) во јуни

Според анализите на повеќе направени медиумски анкети деновиве, забележително е дека десничарскиот бран станува поширок, поголем и посериозен, а во споменатите анализи се предвидува дека во јуни десноориентираните партии би можеле да освојат речиси четвртина од местата во Европскиот парламент. Притоа, на „десниот тас на вагата“ се додава и т.н. десен центар, за кој во најновите анкети се констатира дека е „најсилниот на изборите“.

На изборите за Европскиот парламент во јуни, 400 милиони луѓе низ Европската Унија ќе имаат право да гласаат за нов Европски парламент

Според предвидувањата на професорот по компаративна политика на европскиот универзитетски институт „Сајмон Хикс“, кој даде интересно мислење во реномираниот медиум „Политико“, десноориентираната група пратеници Идентитет и демократија (ИД) во Европскиот парламент, сега шеста по големина од седумте, ќе добие дополнителни 40 места во јуни, што значи дека во новото свикување би можело да има 98 пратеници и со тоа би го зазела третото место, кое моментално го држат либералите. Идентитет и демократија (ИД) веќе ги прифати германската десничарска Алтернатива за Германија (АфД) и француската десничарска партија Национален фронт (РН). Имено, според него „и десниот центар да одбие да формира владина коалиција со сè помоќните десноориентирани партии, сепак десницата ќе има добри шанси, за првпат, да може да влијае на политичкиот правец на Европа“!
Понатаму, според анализите на професорот Хикс, „голема е веројатноста дека и петтата по големина парламентарна група, 67-члената десничарска групација Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), во која влегуваат полската Право и правда (ПиС) и италијанската Браќа од Италија, на премиерката Мелони, може да порасне за околу 18 места. На тој начин десничарската групација Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) би можела да стане четвртата по големина група во парламентот, надминувајќи ги и Зелените и либералите.
Ваквиот развој на настаните станува интересен, бидејќи својот пристап кон конзервативните групи го најавуваат и дванаесетте члена на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои сега не припаѓаат на ниту една партија. Ако тоа се реализира, тогаш унгарските европарламентарци, заедно со ЕЦР и ИД би можеле да соберат 25 отсто од местата во следниот Европски парламент, укажува анкетата нарачана од Европскиот совет за надворешни односи.

Гергели Гуљаш, шеф на кабинетот на Орбан: Реална е шансата ЕЦР и ИД заедно да станат најсилниот клуб во Европскиот парламент!

Според познавачите на движењата во ЕУ и особено во Европскиот парламент (ЕП), ваквата констатација на шефот на кабинетот на унгарскиот премиер и не е далеку од реалноста.
А токму ова може да влијае на политиката што ја усвојуваат институциите на ЕУ за следните пет години. На пример, зголемувањето на застапеноста на десницата би можело да го отежне процесот на одобрување во парламентот од десниот центар за политиките на оние ликови како што е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која се очекува да побара уште еден мандат.
Според анкетите, сегашните гласачи низ Европа ја напуштаат поддршката на политичкиот естаблишмент, кој очигледно неуспешно се бори да менаџира со неколку кризи: зголемување на трошоците за живот, намалување на стандардот на Европејците, финансиски крах, милиони бегалци што ги преминуваат источните и јужните граници на Унијата, терористички напади во главните градови и драстични скокови на трошоците за енергија во услови на војна, која ниту напредува ниту завршува на повидок. А до изборите остануваат уште четири месеци.

Шансата на „другата страна“ е во недоволната обединетост на десницата

Од своја страна, лево и централноориентираните партии, кои себе се нарекуваат „проевропски“, како амортизација на налетот на десницата се уверени во констатацијата дека „екстремната десница не е во состојба да дејствува обединето!“ Токму тука тие („проевропските“) ја гледаат својата најголема шанса за свој повторен успех и на изборите за Европскиот парламент (ЕП), во јуни.
Еве еден пример за тоа, а ги има повеќе, врз основа на што тие го темелат својот оптимизам за победа: на пример, членовите на Алтернатива за Германија во Европскиот парламент во голема мера се спротивставени едни со други. Десницата од стариот ков не се согласува со младите сили на партијата.
Има и други примери, кои ги истакнува „Политико“. Имено, групата Идентитет и демократија, по својата природа составена од националисти, нема „партиска воздржаност“ бидејќи секоја од нивните национални партии сама одлучува како ќе гласа. „Клубот ИД е најдецентрализиран од сите“, потврдува за „Политико“, Тобијас Теушер, заменик-генерален секретар на клубот на претставници.
Минатата недела, лидерката на екстремно десничарскиот Национален фронт, Марин Ле Пен, ги нападна своите германски колеги дека се премногу радикални во врска со плановите за депортирање милиони луѓе, за кои се дискутираше на конференцијата и беа откриени од печатот. Затоа ја доведе во прашање можноста за заедничко дејствување на ниво на ЕУ.


Европската народна партија (ЕПП) повлекува црвени линии преку кои
нема да оди и да коалицира со десните партии во Европскиот парламент (ЕП)

Шефот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, изјави за „Политико“ дека групата повлекла црвена линија во односите со, како што вели, „антиевропската радикална десница“.
– Има три принципи што јас ги дефинирав како партиски лидер за нашите потенцијални партнери – тие мора да бидат за Европа, за Украина и за владеење на правото – дециден е тој.
Но Европската народна партија (ЕПП) со месеци се соочува со напади од социјалистите, либералите и Зелените поради флертувањето со партии што се подесни од нив.
Сепак, Вебер отфрли каква било можност за соработка со екстремно десничарските партии, особено со полските евроскептици Закон и правда (ПиС) од ЕЦР, ИД, партиите Алтернатива за Германија (АфД) и Францускиот национален фронт (РН). Се чини дека претставниците на десницата овој пат решија конечно да го прескокнат ѕидот што ги дели од моќта и влијанието.