Агенцијата за катастар го објави новиот ценовник, со промена на тарифниците, при што некои од услугите ќе поскапат значително, а некои ќе чинат и до трипати повеќе. Согласност за поскaпувањата дала Владата на 30 јануари, а тарифникот стапи во сила на 15 февруари.
Така, при купување нов стан и упис во Катастар, за имотен лист наместо 1.250 денари, граѓаните ќе треба да платат најмалку 3.750 денари. Досега, при промената на сопственоста, во еден имотен лист, покрај квадратурата на станот, се запишуваше и дел од заедничките простории, како и дел од земјиштето под зградата. Сега ќе треба да се плати за секој имотен лист посебно, што значи 3-те листа граѓаните ќе ги чини 3.750 денари, плус 600 денари за нотарски услуги. Ако купуваат и гаража, ќе треба да платат за уште еден имотен лист, односно дополнителни 1.250 денари.

Значително е поскапувањето за инвеститорите на инфраструктурни објекти. За предбележување на имотен лист во фаза на градба ќе се плаќа по 5.250 денари по имотен лист. Истата сума е и за предбележување како услов за запишување на инфраструктурните објекти. За бришење на предбележување, услугата чини 2.625 денари.
Значително поскапување има и кај премерот што го прават геодетите, како и за самото подготвување на планот.
Од Катастарот енормното зголемување на цените го објаснуваат со зголемените реални трошоци (за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опремата, зголемувањето на платите и сл.), кои биле основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување геодетски работи. E.Р.