Голем број автомобили имаат систем за ладење што користи течност за ладење, односно популарно наречен антифриз, бидејќи ефикасно го отстранува вишокот топлина од механизмите и сите поединечни делови од структурата на моторот, придонесува за побрзо достигнување на работната температура при стартување, а самата работа на моторот е многу потивка во споредба со моторите со воздушно ладење

ОД ПРОЕКТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

Многу луѓе помислуваат на антифриз само кога температурите ќе паднат под нулата и ќе се појават првите мразови. Но дали е тоа вистинскиот момент да се запрашате дали е сѐ во ред со антифризот во вашиот автомобил? За овие и други прашања и сомнежи екипата на „Нова Македонија“ се консултираше со Александар Трајковски, сопственик на сервис за возила.

SUS ладење на моторот

Кај моторот со внатрешно согорување (SUS), при работа на моторот, смесата во внатрешноста на цилиндарот гори, што резултира со ослободување големо количество топлина, која првенствено се пренесува на ѕидовите на цилиндрите, а потоа и на целиот мотор. Знаеме дека телата при загревање се шират, што значи дека поради таквата топлина би се прошириле металните делови на моторот, со што би се зголемила силата на триење помеѓу цилиндрите и клипот.
Тогаш кога силата на триење ќе стане поголема од моќта на самиот мотор, моторот автоматски престанува да работи поради големата штета што ја претрпел. За да се спречи тоа, моторот мора постојано да се лади за време на работата. Токму со ладењето на моторот и почнува улогата на антифризот и неговата важност.
Голем број автомобили имаат систем за ладење што користи течност за ладење, односно антифриз, бидејќи ефикасно го отстранува вишокот топлина од механизмите и сите поединечни делови од структурата на моторот, придонесува за побрзо достигнување на работната температура при стартување, а самата работа на моторот е многу потивка во споредба со моторите со воздушно ладење.
Трајковски вели дека системот за ладење вклучува пумпа за вода, која предизвикува проток на течноста за ладење, потоа вентилатор, радијатор и термостат. Течноста за ладење постојано циркулира од моторот до радијаторот и назад.
– Иако неговата примарна улога е да ја намали точката на замрзнување на течноста и на тој начин да го спречи оштетувањето на моторот, течноста за ладење има и други важни карактеристики: ја зголемува точката на вриење на водата, го спречува создавањето камења, има антикорозивно дејство, спречува седиментација и пена и подмачкува делови на моторот. Поради сето ова, неопходно е да имате соодветно количество течност за ладење во системот за ладење на вашето возило во текот на целата година – вели тој.

Разлика помеѓу течноста за ладење и антифризот

Течноста за ладење и антифризот се слични, но не се исти. Антифризот е концентрирана течност базирана на гликол, која мора да се разреди со вода пред употреба – само тогаш станува течност за ладење. Во продажба може да се најде и претходно измешана течност за ладење, антифриз помешан со вода подготвен за употреба.
– Основната структура на антифризот се состои од основна течност: моноетилен гликол (МЕГ), поретко пропилен гликол или глицерин, а во составот има и адитиви како инхибитор на корозија, кавитација и таложење, антипена, стабилизатор и пуфер. Главната разлика помеѓу МЕГ и глицеринот е тоа што МЕГ овозможува антифризот да има постабилна точка на замрзнување. Чистата МЕГ доведува до корозија на црните и обоените метали и поради таа причина адитивите со инхибитори на корозија се задолжителни состојки во антифризот. Адитивот има околу 5 проценти, а со максимум 5 проценти вода може да се каже дека околу 90 проценти од антифриз-концентратот всушност се состои од етилен гликол или МЕГ како најзастапен. Треба да се внимава бидејќи моноетилен гликолот е отровен. Глицеринот и пропилен гликолот се поеколошки, поради што се користат почесто отколку порано – вели тој.

Што ни кажува бојата на антифризот?

Во основа, антифризот е безбоен, но боите потоа се додаваат по барање на производителот, кој во случајот на традиционалниот антифриз обично избира нијанси од зелена до сина, додека органскиот антифриз обично е од интензивно розова до портокалова.
– Сепак, иако бојата на антифризот е донекаде стандардизирана, не постои специфичен услов за нејзино одредување. Од друга страна, многу антифризови се „универзални“, односно покриваат неколку стандарди, па затоа е подобро да не се ориентирате според бојата – вели тој.

Дали може да се мешаат различни видови антифриз?

Во теорија да, но во практика е подобро да не се мешаат. Постојат табели за компатибилност, но освен што се комплицирани, тие не се универзални и често важат само за еден производител.
– Треба да се има предвид дека со тоа се расипува квалитетот на поновиот антифриз и не се подобрува квалитетот на постариот (полошиот) во кој сте ставиле нов – потенцира мајсторот.
Имајќи предвид дека не може да се потпреме на боите, а хемиските анализи се многу скапи, просечниот возач не може со сигурност да открие кој антифриз е компатибилен. Затоа, најдобро е да го додадете истиот антифриз што е веќе во системот или целосно да го смените, а не може да се исклучи ниту плакнење на системот за ладење.
– Во итни ситуации дури и мало количество дестилирана или деминерализирана вода може да ја заврши работата. Во случај кога се потребни поголеми количества (на пример, ако тече црево), најдобро решение е да ја отстраните причината сами или во сервисен центар, бидејќи моторот може да „зоврие“ или да изгуби уште поголемо количество течност за ладење.

Дали концентрираниот антифриз штити подобро од смесата?

Заблуда е дека повисоките концентрации од околу 70 проценти подобро штитат бидејќи точката на замрзнување оди на повисоки температури. Покрај тоа, ниските концентрации на антифриз не штитат доволно од корозија бидејќи немаат доволно инхибитори на корозија, а концентрираниот антифриз (и покрај неговата висока концентрација) исто така не е идеален бидејќи самата основа е корозивна.
– Дополнително, концентрираниот антифриз е повеќе вискозен и послаб агенс за пренос на топлина и има значително помал топлински капацитет, дури и во споредба со неговите водни раствори. Секако, нема баш да го „дупчи“ моторот или нешто слично и нема да предизвика големи дефекти за краток временски период, но никогаш не користете концентриран антифриз во возилото – нагласува тој.

Дали може да се користи вода наместо течност за ладење?

Бидејќи целта е да се спречи замрзнување во текот на зимата, водата не може да се користи како течност за ладење бидејќи се замрзнува на 0 Целзиусови степени. Тоа може да доведе до пукање на блокот и главата на моторот, а од друга страна едноставно ќе испарува поради високите температури во лето.
Дополнително, водата предизвикува метални делови од системот да кородираат, што може да го забави протокот на течност низ системот и да предизвика оштетување.

Како да ја знам потребната пропорција на антифриз и вода?

За да се добие течноста за ладење, неопходно е да се додаде дестилирана или деминерализирана вода во антифризот, обично во сооднос од 50:50 или 60:40 во корист на антифризот.
– Современиот антифриз базиран на етилен гликол има карактеристика што неговите 50 проценти концентрациски раствори имаат точка на кристализација помеѓу -35 и -40°C, па затоа најчесто се користат како такви. Најчесто се користат 40-60 проценти раствори на концентриран антифриз (корисни помеѓу -28°C и -50°C). Крајните граници на употреба се концентрации од 30 проценти (во потоплите региони, бидејќи обезбедуваат заштита само до 18°C, а уште пониските концентрации не штитат од корозија) и 70 проценти, кои се употребливи до околу -65°С – вели нашиот соговорник.
Затоа, според него, односот во кој мешате антифриз и вода најмногу зависи од временските услови.
– Само внимавајте да не го разредите премногу антифризот, бидејќи тоа значително ќе ја зголеми точката на замрзнување и нема да заштити од корозија. Најдобар совет е да се ориентирате според упатствата на пакувањето, бидејќи секој производител најдобро го познава својот производ – нагласува тој.

Може ли антифризот да се разреди со вода од чешма?

Иако многу експерти ќе нагласат дека антифризот не смее да се меша со обична вода од чешма, повеќето производители нагласуваат дека тоа сепак е можно, но под одредени услови – водата треба да биде со соодветен квалитет и да не е претерано тврда.
– Омекната вода и природната мека вода (или малку амбалажирана вода) се добри кандидати, но деминерализираната или дестилирана вода е дефинитивно најдобриот и најпрактичен избор. Ако за мешање (ако сте купиле концентрат) немате доволно децилитри (помалку од литар) за да го направите потребното количество, сосема е во ред да користите вода чешма за тоа. Што се однесува на односот во кој се мешаат водата и течноста за ладење, најдобро е да ги следите упатствата на пакувањето – вели тој.

Кога дефинитивно треба да се замени антифризот?

Порано или подоцна, адитивите се трошат и повеќе немаат заштитна функција, пред сѐ антикорозивно дејство. Дури и адитивите што практично не се трошат (Si-OAT) сè уште имаат реален рок на траење и треба да се менуваат барем толку често како несиликатни ОАТ (за пет години).
– Значи, крајниот критериум за замена на антифризот е абењето на адитивот. Но, абењето на адитивот може да го одреди само добро опремена лабораторија, која кај автомобилите, па дури и камионите, чини повеќе од целосна замена на антифризот, затоа најдобро е да се смени течноста за ладење по одреден број поминати километри или (најчесто) одреден временски период. Веројатно е најпрактично да се менува антифризот на голем сервис (обично на секои четири години), особено кај автомобилите каде што пумпата за „вода“ се менува истовремено. Ова е обично на 120 до 240 илјади километри (или од четири до шест години, кое и да се случи прво). Затоа е најдобро да ја чувате сервисната книшка во која ќе пишува кога е направена последната замена, а потоа лесно ќе се заменува антифризот на секои две, три, четири или пет години – заклучува тој.


Како менуваат антифриз возачите во Македонија?

Нашата новинарска екипа направи анкета и за користењето антифриз кај нашите возачи.
На прашањето дали при купувањето антифриз е клучна цената, бојата или квалитетот, 27 возачи од запрашани 36 ни одговорија дека антифризот обично го менуваат кај мајсторот каде што ги сервисираат возилата.
– Јас не знам кога треба да доставам, дали треба да го менувам целосно, не знам каков да ставам и затоа повеќе му верувам на мојот мајстор, кој за малку пари знае што и како треба да направи – вели Игор Димовски.
Оние што одговорија дека антифризот го менуваат кај мајстор, велат дека го користат антифризот што ќе им го препорача нивниот мајстор, но секако дека има и такви што доста добро се разбираат во возила, па и самите си ја менуваат течноста за ладење.
– Не е никаква филозофија да смениш антифриз. Јас сакав да научам, научив и самиот го правам тоа. Не мешам никогаш антифриз, секогаш ставам од истиот – вели Кире Милановски.
Преостанатите деветмина возачи што ги запраша нашата екипа, одговорија дека слушнале дека секое возило има и користи антифриз, но истакнаа дека воопшто не знаат што точно му е намената и рекоа дека најверојатно е за да не замрзне возилото.

[email protected]