Ален Апвард го нотира македонскиот јазик во 1908 година

Во почетокот на 20 век, поради важноста на македонското прашање што ги бранува европските престолнини, Македонија е посетена од поголем број европски интелектуалци и општественици. Тие, врз основа на информации од теренот, од прва рака и со лични забележувања и анализи започнуваат да пишуваат и да објавуваат дела во кои објективно ја претставуваат реалната состојба и ги побиваат бугарските тврдења за Македонците. Меѓу овие посетители може да се вброи и Англичанецот Ален Апвард, кој ја посетил Македонија непосредно пред младотурскиот државен удар и врз основа на податоците од терен ја објавил книгата „Источниот крај на Европа“, каде што се нотираат македонскиот јазик и народ како различни и засебни

Од историските архиви

Кон крајот на 19 век, бугарската политичко-општествена елита, под влијание на експанзионистичкиот национализам, засилува кампања за пласирање намерно искривени и неточни информации (книги, брошури, мапи и статистички податоци) со намера да ја убеди европската јавност дека Македонците се Бугари. Со оваа активност, Софија се обидувала оправдано да ги покрие своите територијални претензии кон Македонија. Меѓутоа во почетокот на 20 век, околностите се менуваат. Поради важноста на македонското прашање што ги бранува европските престолнини, Македонија е посетена од поголем број европски интелектуалци и општественици. Тие, врз основа на информации од теренот, од прва рака и со лични забележувања и анализи започнуваат да пишуваат и да објавуваат дела во кои од неутрална точка, објективно ја претставуваат реалната состојба и ги побиваат бугарските тврдења за Македонците. Меѓу овие посетители може да се вброи и Англичанецот Ален Апвард, кој ја посетил Македонија непосредно пред младотурскиот државен удар и врз основа на податоците од терен ја објавил книгата „Источниот крај на Европа“. Од денешна перспектива, неговата книга е интересна од неколку аспекти, особено нотирањето на македонскиот јазик во 1908 година.

Апвард согледал зошто бугарските историчари и географи се обидуваат да ја претстават Македонија како бугарска земја

Ален Апвард согледал дека Софија преку училиштата и црквите настојува да ја всади бугарска национална свест кај македонското православно население. За овој вештачки процес и бугарските територијални претензии над Македонија, авторот вели дека Софија имала намера да ја „оправда анексијата на сета територија помеѓу Бугарија и морето и како потреба се појавило создавањето фиктивна земја со фиктивна националност.“
Бугарските историчари и географи, обидувајќи се да ја претстават Македонија како бугарска земја, се служеле со разни средства. За овие активности, Апвард вели: „Во меѓувреме бугарските историчари, не помалку патриотични од географите, прават големи напори уште од времето на Паисиј. Кралевите од античка Македонија сега се вклучени во листата на царевите на Бугарија.“
Постепено ситуацијата се усложнила со засилувањето на активностите на другите балкански пропаганди во Македонија и бугарската политичка елита започнала да бара други методи. Во контекст на овие активности, Апвард цитира една писмо испратено до бугарскиот кнез Фердинанд, во кое можеме да прочитаме: „Ние не можеме повеќе ништо да стекнеме со црквите и училиштата. Бугарија треба да посегне по оружјето и самостојно со сила да ја приграби Македонија, во спротивно засекогаш ќе ја изгубиме.“

Македонски!

Ален Апвард во текот на обиколката на Македонија посетил повеќе населени места. Ова му овозможило од прва рака да ја дознае реалната состојба. Тој во придружба на османлиски војници и грчки преведувач посетил село што имало од 120 до 140 куќи, со околу 600-700 жители. Според Апвард, најголемиот дел од жителите на селото биле „патријаршисти“, односно биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија и во официјалните турски документи биле запишувани како Грци.
Англичанецот запрашал на кој јазик говорат, а неговиот грчки преведувач рекол: „булгаре“ (Bulgare). Меѓутоа, Ален Апвард нагласува дека селанецот одговорил: „Македонски!“ (Makedonski!). Авторот вели дека зборот „македонски!“ му го привлекол вниманието и сведокот му објаснил дека „не го смета руралниот дијалект кој се користи во Македонија како ист со бугарскиот, и одбил да го именува со тоа име.“
Во фуснотата, која Апвард ја приложува на оваа страница, можеме да прочитаме дека нема ништо неточно во неговиот извештај и дека не станува збор за однапред подготвена сцена.