Фото: Игор Бансколиев

Иако не е земја-членка на ЕУ, во Македонија се спроведува шемата „Гаранција за млади“ од 2018 во три пилот-општини. Во втората фаза (2020-2022), оваа можност е обезбедена за младите од целата држава. Само до 2020 г., вкупно 25.502 млади луѓе учествувале и ги искористиле можностите за вработување, едукација или за тренинг. Од нив 7.684 добиле работа во наредните четири месеци. Шемата продолжува со работа и во иднина. Оваа програма е дел од проектот „ЕУ за млади“, преку кој ЕУ дава директна буџетска поддршка во партнерските земји за поттикнување, поддршка и развој на образованието, во насока на потребите на стопанството, како и вработувањето по завршувањето на образовниот процес, но и можности за преквалификација.
Со поддршката на Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“, македонското министерство за образование и наука, како и Министерството за труд и социјална политика (а вклучено е и Министерството за финансии) веќе спроведуваат повеќе реформи, од кои дел се: шемата за вработување и континуирана обука „Гаранција за млади“, реновирање на центрите за стручно образование и обука (ВЕТ-центри)… Целта на овој договор меѓу македонската влада и Европската комисија е да се инвестира во подобрување на вработувањето на младите во државата.

Таа се темели на сознанието дека најдобар начин да се зголеми шансата за долгорочна и квалитетна работа е да се обезбедат висококвалитетно и современо образование и обука. Затоа, со Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ директно се инвестира во спроведувањето реформи во областа на: раната интервенција за младите што бараат работа (профилирање, советување, помош при барање работа) и подобрувањето на квалитетот на стручното образование и обука. Во двете полиња, Договорот за изведба на реформи во секторот „ЕУ за млади“ не предвидува еднократна акција, туку длабинска систематска реформа на системот на услуги за вработување. Целта е да се обезбеди одржливо и долгорочно позитивно влијание врз вработливоста на младите луѓе во Македонија. За овој проект во буџетот на Македонија од ЕУ се овозможени 16,5 милиони евра, а финансирањето, односно нивното користење е условено со политички дијалог, процена на резултатите и градење капацитети. Ј.П.