Фото: Игор Бансколиев

Соборот на Српската православна црква на првиот работен ден од Соборот во Белград одлучи да ја врати Македонската православна црква – Охридска архиепископија во автономен статус, истиот тој што го имала во 1959 година, а за конечната автокефалност би се одлучувало со сеправославен консензус, наместо тоа да биде со одлука на Вселенската патријаршија. Но што практично значи ваквата одлука? Според верските аналитичари, МПЦ-ОА на оваа одлука на СПЦ треба да одговори дека канонскиот статус на МПЦ-ОА веќе е решен со одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај оваа година и дека преговорите за автокефалност продолжуваат пред Вселенската патријаршија

Откако СПЦ одлучи да ја врати во автономија од 1959 година

Соборот на Српската православна црква на првиот работен ден од Соборот во Белград одлучи да ја врати Македонската православна црква – Охридска архиепископија во автономен статус, истиот тој што го имала во 1959 година.
Српските архијереи велат дека одлуката ја донеле по барање на Синодот на МПЦ-ОА, на која, како што пишува во соопштението на СПЦ, Синодот на МПЦ се согласил.
Во соопштението пишува и дека македонските владици се согласиле за конечната автокефалност да се одлучува со сеправославен консензус, наместо тоа да биде со одлука на Вселенската патријаршија.
– Примајќи го актот од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со кој таа го прифаќа општопризнаениот канонски статус, доделен во 1959 година, од страна на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква и во кој изразува надеж дека СПЦ братољубиво ќе го решава и реши прашањето за нејзиниот конечен канонски статус, за кој треба да следува и сеправославна согласност за прифаќање на тој статус, Светиот архијерејски собор одлучи:
Со благодарност во Господа и со радост Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнаениот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година.
Бидејќи со ова се отклонети причините за прекин на богослужбеното и канонско општење, причинети поради еднострано прогласената автокефалност во 1967 година, се воспоставува полно литургиско и канонско општење.
Воспоставувањето на единството на канонска основа и под услови на важење на канонскиот поредок на целото подрачје на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуално конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен туку е и целисходен, легитимен и реален.

Во дијалогот за неговиот иден и евентуално конечен канонски статус СПЦ ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските начела, мерила и норми, не замерувајќи ги „реалполитичките“, „геополитичките“ и „црковнополитичките“ и други слични дадени работи за еднострани иницијативи и не подлегнувајќи на никакви влијанија, или притисоци.
И на крајот, Соборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во поглед на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната држава и во дијаспората, со препорака истото прашање своето официјално име да го решава во непосреден братски дијалог со гркофонските и другите помесни цркви – пишува во одлуката на Соборот на СПЦ.
Верските аналитичари велат дека оваа одлука на СПЦ не е изненадувачка, бидејќи изминативе денови во јавноста се навестуваше во кој правец ќе се движи таа, а тоа е дека СПЦ нема никаква намера да отстапи од епархиите во Македонија и ја враќа МПЦ-ОА како автономна црква во СПЦ, без притоа да се знае кога и дали воопшто МПЦ-ОА ќе добие некогаш автокефалност.
Тие потенцираат дека исклучително е проблематично што во одлуката на СПЦ пишува дека таа е донесена откако добиле писмо, или барање од Синодот на МПЦ-ОА, во кое тие се согласуваат на сето тоа.

Прашањето е, велат, кој и кога во Синодот на МПЦ-ОА донел таква одлука и зошто за тоа не е известена јавноста. Потенцираат дека опасен преседан е тоа што МПЦ-ОА по 55 години се откажува од автокефалноста и практично го прифаќа Нишкиот договор, кој пред 20 години го отфрли, а врз база на кој беше создадена Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски.
Аналитичарите велат дека најопасно во целото сценарио е согласноста за автокефалност да се има сеправославен општ консензус. Тоа во пракса ќе значи дека МПЦ-ОА никогаш нема да дојде до автокефалност, а и некогаш да дојде нема да има никакво право на името Охридска архиепископија, затоа што Бугарската православна црква со такво име нема да се согласи. Евентуално идно име на МПЦ-ОА би било Православна црква на Република Северна Македонија.
Според верските аналитичари, МПЦ-ОА на оваа одлука на СПЦ треба да одговори дека канонскиот статус на МПЦ-ОА веќе е решен со одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај оваа година и дека преговорите за автокефалност продолжуваат пред Вселенската патријаршија.