Го потпишав Решението за распишување на предвремените парламентарни избори, и истото, врз основа на Член 12, став (2) од Изборниот законик, го доставив до Државната изборна комисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за правда. Со оглед на тоа дека предвремените избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања, можам да потврдам дека роковите утврдени од Државната изборна комисија, можат да се испочитуваат, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на денешното обраќање до граѓаните, по распуштањето на Парламентот и распишување на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Претседателот на Собранието упати апел за спроведување на фер, слободни и демократски избори.

– Обврска е на институциите да обезбедат услови за спроведување на фер, слободни и демократски избори на кои Вие ќе го искористите Вашето демократско граѓанско право и обврска. Апелирам до сите учесници на овој изборен процес, политички партии, партиски членови, членови на Избирачките одбори и Општинските изборни комисии, и најважно од сѐ, медиумите, да бидат на висина на својата задача, да придонесат да изборниот ден биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во Извештајот за напредокот на земјата што треба да биде објавен во март, со што ќе дадеме свој значаен удел во позитивниот исход на Самитот во Загреб и да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Впрочем, така ѝ личи на земја која набрзо ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО – порача Џафери.