Фото: Игор Бансколиев

Во веќе создадениот предизборен амбиент се поставува прашањето дали договорите со соседите воопшто ќе бидат тема во кампањата, односно доколку се употребат, дали ќе бидат добитна комбинација или тенок мраз во предизборната кампања

Додека се тактизира до последен момент со исполнување на техничките предуслови за започнување на изборниот процес, според пржинските критериуми, партиите, неформално, веќе тераат изборна кампања.

Меѓу мноштвото теми, веројатно неодминлив дел од кампањата се и договорите со Грција и со Бугарија. Билатералните договори со Грција (Преспанскиот договор) и со Бугарија (Договорот за добрососедство и соработка) драматично го сменија меѓународниот идентитет на Македонија, но очигледно не ја постигнаа целта за која беа наменети – почеток на ветената евроинтеграција на земјата. Дополнително, во последно време во јавноста сѐ понагласени беа и новите барања и условувања од страна на Бугарија, главно за историски прашања, но имаше и провоцирачки изјави за непостоење на македонскиот јазик. Во таква предисторија, а во веќе создаден предизборен амбиент се поставува прашањето дали договорите со соседите воопшто ќе бидат тема во кампањата, односно доколку се употребат, дали ќе бидат добитна комбинација или тенок мраз во предизборната кампања.

– Пред сѐ, сметам дека немаше потреба од предвремени избори ако единствениот аргумент за нив е недобивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, на самитот во октомври. И покрај тоа што не беше конкретно определен датумот, ние добивме неверојатна поддршка и комплименти од земјите-членки на ЕУ. Ако веќе мораше да се излезе на избори, тие требаше да се случат, што се вели, вчера, односно да бидат брзи предвремени избори. Уште пред да бидат најавени изборите, „Цивил“, како организација што ги мониторира политичките процеси и јас како нејзин дел, предвидувавме дека Преспанскиот и другите договори што се во насока на евроинтегративните процеси на земјава ќе бидат дел од наредната предизборна кампања. Навистина, неблагодарно е да се прогнозира каков ефект врз крајниот резултат би имало нивното тематизирање во кампањата. Всушност, сѐ зависи во каков контекст ќе се аргументира со нив. Мојот личен став е дека ако се користат за промовирање антиевропска, антизападна и националистичка реторика и популизам, тоа ќе биде погубно, во смисла на изборните резултати на оние што така ќе аргументираат со билатералните договори – вели граѓанскиот активист и политички аналитичар Џабир Дерала.

Од друга страна, оние што имаат искуство со мерењето на политичките рејтинзи и интересот на граѓаните за одредени прашања во политиката и општеството, сметаат дека сепак други теми ќе бидат поприоритетни на овие избори, но секако дека не е исклучено да се споменуваат и договорите со соседите.

– Проблемот со овие договори е што тие се изгласани во парламентот и сега може да се маневрира во однос на менување на пристапот на нивното спроведување.

Евидентно е дека тие се на штета на македонските национални интереси и треба да се сменат пристапот и начинот на читање на одредбите во тие договори, за да се спасат македонските национални интереси. Досега соседите добиваа сѐ што ќе побараа, па дури и нешто што не е предвидено со договорите. Треба да се преиспитаат таквите договори. Очекувам договорите да бидат дел од темите во кампањите, но не верувам дека ќе бидат приоритетни. Не исклучувам и дека ќе бидат употребени за некакво меѓусебно партиско подметнување и навлекување на тенок мраз на противникот.

Сепак, сметам дека корупцијата, криминалот, економијата ќе бидат приоритетните теми во очекуваната изборна кампања – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.