„Нова Македонија“ анализира кој е најбрзиот пат до потребните документи за граѓаните, каде и колку е применлива и ефикасна електронската постапка од дома. Направивме сондажа низ повеќе државни институции за тоа на кој начин се доаѓа до потребните документи и дојдовме до интересни сознанија

Пандемијата на ковид-19 дефинитивно го поттикна онлајн работењето во многу области, а тоа, пак, овозможи на поразличен начин за да се реализираат одредени активности и потреби на граѓаните. Во таа насока се наметнува и прашањето зошто онлајн не може да се извадат и нeкои документи и да се испечатат од дома? Се разбира, оние што можат, како на пример изводи од матична книга на родени, венчани или умрени, уверение за државјанство и еден цел поширок список други документи што граѓаните мораат да ги извадат? Дали вадењето документи мора да биде во пакет со чекањето на општинските шалтери, во катастар, МВР, УЈП, Фондот за пензиско и многу други институции… До ваква целосна дигитализација на процесите, веројатно, ќе помине уште многу време, но во некои од институциите овој процес е барем започнат во однос на електронското поднесување апликации за одредени документи.
Во Управата за водење матични книги, на пример, одамна е ставен во функција портал за поднесување барање за издавање изводи од матичната книга на родени по електронски пат. Граѓаните можат да аплицираат за издавање извод на родените на обичен интернационален или двојазичен образец, но не можат да го испечатат од дома. Онлајн можат само да поднесат барање за извод од матична книга на родените и тоа да го направат со кликнување на линкот e-portal.uvmk.gov.mk со што ќе можат да го поднесат барањето електронски и соодветно да изберат во кое матично подрачје ќе сакаат да си го подигнат изводот.

Барањето за издавање изводи мора да се поднесе лично и изводот на шалтерите мора да се подигне лично со покажување документ за лична идентификација. Од оваа институција велат дека законските процедури не дозволуваат изводот да не биде подигнат лично од странката или од некој што има полномошно. Кои документи може да се извадат од дома прашавме и во некои други институции.
– Засега во согласност со Законот за матична евиденција не е можно ова да се реализира. Искрено, треба дополнителни вложувања во човечки ресурси и технички потенцијал. Откако е воведено електронското аплицирање за извод од матичната евиденција, во согласност со можностите на УВМК, инвестирано е во техничката опрема и обука на кадарот во сите матични подрачја. Засега не е можно изводите странките лично сами да ги печатат и како такви да ги користат во правниот сообраќај. Потребни се законски измени и дополнителни финансиски средства за ваков начин на работа. Предноста на електронското аплицирање и подигнување на изводите е неоспорно, но засега нема услови. Пример за вакво беспрекорно функционирање на документите по електронски пат има во Естонија каде што по електронското барање, граѓаните изводот го добиваат електронски и како таков го праќаат по институциите или каде и да треба. Таму нема хартии и шалтери. Но треба да се каже и дека свеста на естонските граѓани за личната документација и односот кон неа е на највисоко ниво. Таму нема злоупотреби и ако има се бројат на прсти. Во Македонија тоа од технички, човечки, па и од морален и етички аспект е далечна иднина – вели Катрина Битровска, портпаролка во Управата за водење на матични книги.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, се децидни дека граѓаните можат електронски да закажат термини за аплицирање за биометриски лични документи преку веб-страницата на МВР (termin.mvr.gov.mk), но велат дека не постои можност за издавање на истите тие по електронски пат.
– Во тек се анализи во однос на можноста за кои други документи би можело да се аплицира, но и да се издаваат по електронски пат и во координација со Министерството за информатичко општество и администрација, за истото тоа јавноста ќе биде навремено информирана – додаваат од МВР.
Од Управата за јавни приходи кажуваат дека како институција што се стреми кон целосна автоматизација и дигитализација на процесите секојдневно чекорат кон остварување на овие цели. Воведувањето на дигитализирани услуги за помош и поддршка на даночните обврзници за точно и навремено исполнување на даночните обврски како нивна цел е инкорпорирано и во усвоената мисија на УЈП. Истото тоа е среднорочен процес за кој во Стратегискиот план на УЈП се планирани активности, потребни ресурси и временска рамка, а во согласност со експертски студии и искуства од други даночни администрации.
Целосно автоматизирани се масовните поднесувања, односно: годишните даночни пријави за физичките лица, (УЈП целосно ја изготвува пријавата на физичкото лице и истата таа ја праќа електронски на негово потврдување или коригирање), потоа месечните пресметки за исплата на плати МПИН (целосно електронски се поднесуваат пресметките за исплата на плата и не е потребно никакво физичко присуство на сметководителите или компаниите што ги исплаќаат платите на вработените). Исто така електронските пресметки за приход и данок (е-ПДД), барањата за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците, барањата за исплата на финансиски средства на физичките лица што вршат самостојна дејност, барања за ослободување од плаќање аконтации за данок на добивка и данок на личен доход.

За целосно онлајн издавање на другите документи се потребни надградувања на системите на УЈП, но и истовремено добивање податоци во електронска форма од други поврзани институции што се неопходни за издавање на документ од страна на УЈП, велат од оваа институција.
Од Општина Карпош акцентираат дека дигитализацијата во однос на олеснување на процесот за издавање одредена документација на граѓаните е започната пред неколку години, па карпошани во електронска форма можат да поднесат барања од повеќе области, како на пример барања од областа на урбанизмот за градба, доградба и слично, потоа за различните видови барања за градежно земјиште. За некои од барањата, Општината ги известува граѓаните по мејл или по пошта. Но дигитализацијата во однос на олеснување на процесот за потребните документи на граѓаните не се одвива со исто темпо во сите општини.
Од Фондот на ПИОСМ велат дека постојано работат на поедноставување на постапките за поднесување на барањата за остварување на права од пензиско и инвалидско осигурување (како и на други права, а се поврзани со документи за чие издавање е надлежен со користење на современите комуникациски решенија, пред сѐ преку електронска комуникација).
– Во моментот услуга што може да се добие по електронски пат, од поднесување на барање до добивање на документ, е Уверението за регистрираните податоци во матична евиденција за стажот на осигурување, остварените плати и надоместоци, попознато како листа на стаж. Фондот на ПИОСМ е вклучен во проектот „Зајакнување на е-влада“, чиј носител е Министерството за информатичко општество и администрација. Во таа насока и нашата институција дава свој придонес, докажувајќи дека сме насочени кон унапредување и олеснување на постапките за кои сме надлежни. Како институција постојано ги следиме трендовите во овој дел и прибираме и разменуваме искуства од други држави – велат од ПИОСМ.

Оттаму појаснуваат дека во тек се анализи (пред сѐ од безбедносен аспект) за овозможување електронски пристап до уште неколку услуги, со што ќе се забрза добивањето на одредени услуги, за кои нема да биде потребно физичко присуство на шалтер.