Пожарникарите од скопската противпожарна бригада велат дека 90 отсто од објектите што биле опожарени немале хидранти и додаваат дека како општество сме целосно неодговорни кон ова прашање

Опожарувањето на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица е немилиот настан што се случи на почетокот на новата година, а неисправната хидрантска мрежа беше причина за настаната штета од огромни размери. Прашањето за нефункционалноста на хидрантската мрежа, особено во објектите за колективно домување, често е посочувано во јавноста, како клучен проблем поради кој биле пеплосани многу станови. Пожарникарите од скопската противпожарна бригада велат дека 90 отсто од објектите што биле опожарени немале хидранти и додаваат дека како општество сме неодговорни кон ова прашање. Од Регулаторната комисија за домување велат дека, според Законот за домување, општините треба да именуваат инспектори за домување, кои треба да вршат надзор и да казнуваат.

– Законот за домување се однесува на деловно-станбени објекти во кои повеќе од 50 отсто се станови, потоа на деловно-станбени објекти во кои становите се помалку од 50 отсто и на станбени објекти. Овој закон јасно кажува дека инспекторот за домување има право на надзор како за хидрантите така и за лифтовите, заедничките инсталации и сѐ друго што е предмет на заедничко домување. Ако инспекторот констатира неправилности кај управителот, има ингеренции да му ја одземе лиценцата. Инспекторот за домување може најпрвин да ги опомене станарите за нефункционалните хидранти, а потоа може и парично да ги казни, бидејќи во законот се предвидени и глоби. Во случај на пожар, штетата ја трпат станарите, а граѓаните најчесто се неодговорни кога станува збор за хидрантите. Не може државата повеќе од нив да се грижи дали хидрантите им се исправни или не, имаат ли црева или некој им ги украл.
Ние како Регулаторна комисија за домување констатираме два проблема со хидрантите. Прво станарите не ги одржуваат, а вториот што најчесто цревата се крадат и не се купуваат нови. Станарите треба да си ја заклучат влезната врата или да си донесат одлука влезот да биде обезбеден со шифра, тоа навистина не е скапа инвестиција. Секој објект што има управител треба да е означен со специјална етикета, на која пишува кој управител управува- вели Ракип Маловски, претседател на Регулаторната комисија за домување.

Функционална хидрантска мрежа може да овозможи побрзо гаснење пожар и, секако, помала штета од несаканата случка.
– Деведесет отсто од објектите што биле опожарени немале хидранти. А хидрантите се едно сериозно прашање на кое се гледа несериозно. Како да интервенираме на пример доколку се случи пожар на објектите покрај кејот на Вардар во Скопје, како што е зградата на Обвинителството, потоа Државниот архив, зградата на Филхармонијата, кога најпрвин немаме пристап, а потоа и хидрантска мрежа. Таков проблем имавме и кога настана пожарот во Инспекторатот за животна средина. Веќе извесен период со „Водовод“ мака мачиме за мапирање на хидрантската мрежа, а знаеме дека во европските земји се евидентни дури и надворешните хидранти. Станарите треба да се погрижат да го решат проблемот со хидрантите. Поставувањето хидрантска мрежа на еден кат не чини повеќе од 5.000 денари – вели Владимир Симоновски, командант на противпожарната бригада на Скопје.
Ако инспекторите за домување вршат контрола, опоменуваат и казнуваат, тогаш сѐ ќе си биде на место. Но ако тоа не се прави во главниот град, како ли се постапува во другите општини.

– Општина Битола има инспектор за домување, кој врши контрола на терен. Во сите згради што поседуваат хидранти, се врши нивна проверка и во најголем дел се во исправна состојба. Во најголем дел од зградите во Општина Битола се почитува Законот за домување и во нив управуваат соодветни агенции, односно управители. Во оние каде што инспекторот на самото место не затекнал управител, даден е налог истото тоа да се реализира – тврдат од Општина Битола.
Состојбата со исправноста на хидрантите е од клучно значење што поскоро да се изгаснат пламените јазици од некој стан. Пред само нецели два месеца изгоре стан во социјалните зградите на булеварот Босна и Херцеговина во Скопје. Според изјави на станарите, во овие згради исто така одамна нема хидранти, иако со зградите стопанисува Јавното станбено претпријатие.
– АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор секоја година преку јавен повик избира и склучува договор со осигурителна компанија за цел имот со кој стопанисува друштвото, а во кој се вклучени и општествените и социјалните станови. Покритието од ризици задолжително и редовно го вклучува осигурувањето од пожар. Оттука, во случај на опожарување стан со кој стопанисува друштвото, штетата ја надоместува осигурителната компанија.

Во согласност со утврдената фактичка состојба и подготвениот записник од страна на МВР, лица од страна на АДИССДП и осигурителната компанија, целокупната постапка понатаму ја презема осигурителната компанија. АДИССДП постапува во согласност со постојните законски норми, кои предвидуваат задолжително осигурување државен имот – објаснуваат од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Но независно од тоа кој ќе ја надомести штетата, секако подобро е до неа воопшто и да не дојде, а тоа многупати е можно само со едноставно и одговорно однесување на сите чинители.