Фото: Игор Бансколиев

Голем е интересот кај пензионерите за вакцинација против ковид-19. Во пензионерските домови пријавувањето оди на два начина, или преку матичните лекари или се подготвуваат списоци што се доставуваат до Министерството за труд и социјална политика

ПО ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ СЛЕДНИ НА РЕД ЗА ВАКЦИНАЦИЈА СЕ НАЈВОЗРАСНИТЕ

Имунизацијатa против коронавирусот во земјава започна со медицинскиот персонал, а сега на ред чекаат повозрасните лица, пензионерите што се сметаат за ризична категорија. Во пензионерските домови пријавувањето на заинтересираните за вакцинација оди на два начина, или преку матичните лекари или се подготвуваат списоци што се доставуваат до Министерството за труд и социјална политика. Поради големиот интерес на пензионерите за што поскора имунизација против ковид-19, претставници од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија се сретнаа со министерот за здравство Венко Филипче, по што министерот апелираше дека од голема важност е пензионерите да се вакцинираат против коронавирусот бидејќи се во најризичната група и најголем дел од нив се со хронични заболувања.
– Секој заинтересиран пензионер што сака да прими вакцина против коронавирусот може да се пријави на веб-страницата „Vakcinacija.mk“. Со пополнувањето на апликацијата се регистрира директно во националниот систем „Мој термин“. Сите апликации што ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот што за секој пациент го гледа матичниот лекар.

Нема потреба дополнително пензионерите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина. Во согласност со распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот што ќе го изберат при регистрацијата. Пензионерите можат да се регистрираат и преку својот матичен лекар, а можат и преку Здружението на пензионери каде што ќе им биде помогнато да се регистрираат на веб-страницата „Vakcinacija.mk“. Заинтересираноста за вакцинација кај пензионерите е голема, бидејќи се свесни за важноста и корисноста од вакцинирањето, како една од најзагрозените категории – вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
Од Министерството за здравство, пак, велат дека секој може да одлучи дали ќе се вакцинира против коронавирусот.
– Вакцинацијата против ковид-19 е доброволна и е право на избор на секој граѓанин во нашата држава. Лицата што се сместени во старски домови ќе се вакцинираат во домовите – информираат од Министерство за здравство.
Од домовите за стари лица веќе се организираат и веќе реализирале одредени активности, како подготовка за претстојната имунизација.
– Имавме избор да се организираме за вакцинирање на два начина. Едниот одеше преку матичниот лекар, кој побара да ги пријави сите заинтересирани за имунизација, а вториот беше со доставен список да одиме преку Министерството за труд и социјална политика од каде што ни рекоа да одлучиме и да не дуплираме списоци. Ние се решивме за овој вториов начин, направиме список и им го доставивме на надлежните од Министерството за труд и социјална политика. Важно ни е дека никој не нѐ заборавил и сега останува да чекаме да нѐ известат кога ќе ни биде закажан термин – вели Дејан Стојановски, директор на домот „Зафир Сајто“ во Куманово.

Некои, пак, од членовите од домовите за пензионери веќе контактирале со своите матични лекари за имунизацијата.
– Моите сознанија се дека матичните лекари им се јавуваат на пензионерите и ги прашуваат дали сакаат да се вакцинираат против коронавирусот, а пријавените влегуваат во нивниот систем за закажување термин. И мене лично ми се јави матичната докторка и ме праша дали сакам да се вакцинирам – рече Ацо Димитровски, управник во Домот за пензионери во Автокоманда.
Мери Терзиева, од приватната установа за социјална заштита на стари лица „Идила Терзиева“, вели дека и тие се веќе во подготовка за постојната имунизација на старите лица и веќе контактирале со нив од Министерството за труд и социјална политика, од каде што им било кажано да направат список на заинтересирани за вакцинирање. С.К.