Карикатура: „Нова Македонија“

ИЗБОРИТЕ ПОБАРАНИ ПРЕД ДЕВЕТ МЕСЕЦИ КОНЕЧНО ЌЕ СЕ СПРОВЕДАТ

Фактот дека изборите беа побарани пред речиси девет месеци, по ладниот туш од Макрон во однос на македонското приближување кон ЕУ, до денот кога конечно ќе се одржат, ги соочува политичките чинители што ќе учествуваат во овој изборен циклус, но и гласачите со прашањето дали сѐ уште се актуелни истите општествено-политички предизвици и дилеми од крајот на минатата година, со кои исто така ќе треба да се соочат учесниците на изборите на 15 јули. Какви беа околностите и очекувањата тогаш, а какви се сега?

По лидерско-партискиот договор за избори на 15 јули, кои поради пандемијата беа одложени од терминот 12 април, со рефлексна итност, за неколку часа беа спроведени сите институционалноправни процедури за конечно да продолжат запрените изборни активности. Фактот дека изборитеизбори беа побарани пред речиси девет месеци од денот кога конечно ќе се одржат, ги соочува политичките чинители што ќе учествуваат во овој изборен циклус, но и гласачите со прашањето дали сѐ уште се актуелни истите општествено-политички предизвици и дилеми од крајот на минатата година, со кои исто така ќе треба да соочат учесниците на изборите. Какви беа околностите и очекувањата тогаш, а какви се сега?

Развојот на настаните по октомври 2019-та, навидум создава впечаток дека се надминати или барем делумно решени причините што доведоа до барање и политички консензус за одржување предвремени парламентарни избори. Кажано како политичка метафора, овие предвремени парламентарни избори, всушност ги предизвика францускиот претседател Емануел Макрон, кога на ЕУ-самитот во октомври минатата година изрази сомневање и не дозволи ЕУ да го започне процесот на преговори за членство на Македонија во Унијата, додека не се промени методологијата за преговарање. Таквата одлука во земјава беше дочекана како невалоризирање на дотогашните политики на Владата и доведе до партиски консензус за парламентарни избори на 12 април. Во периодот што следуваше, пандемијата на коронавирусот во светот и во Македонија, во голема мера ги промени политичките приоритети, но од друга страна, пак, беше завршена процедурата за официјално членство на земјава во НАТО, а беше дадено и зелено светло од ЕУ за почеток на преговори, иако без конкретен датум кога тие ќе започнат. Во периодов се очекува да биде објавена и преговарачката рамка… Сепак, останува прашањето за очекувањата од изборите, односно со какви предизвици на државата треба да се справи идната владејачка гарнитура.

– Суштински разлики во предизвиците и прашањата за овие избори, од пред 8-9 месеци и сега – нема. Главната дилема и понатаму останува дали земјава ќе продолжи по курсот на евроатлантските интеграции. Навистина, во меѓувреме станавме и членка на НАТО, а имаме и одлука за почеток на преговори со ЕУ, но и многубројни социоекономски предизвици што се појавија со пандемијата на коронавирусот. Сепак, мислам дека актуелните предизвици создадени од справувањето со пандемијата се транзиторни, додека суштинскиот проблем останува ист – дали Македонија ќе го задржи евроатлантскиот курс – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Одредени политички личности во земјава оценуваат дека договорот на големите партии за одржување избори во услови на пандемија, воопшто нема да влијае поволно на можноста да се направат суштински промени во функционалноста на државата и практикувањето на власта, поради очекуваниот мал одзив на граѓаните.

– Големите партии постигнаа договор за избори за време на пандемијата, калкулирајќи токму со малиот одзив на неопределените гласачи поради загриженоста од ширење на заразата. Освен тоа што ваквиот термин за избори претставува ноторна неодговорност на големите политички чинители, истовремено ги намалува можностите на третиот политички блок од помалите партии, кои претендираат токму на неопределените гласачи, кои можат да ја направат таа значителна разлика во крајните резултати, а за кои големи се шансите дека во вакви услови ќе се одлучат да апстинираат. Очекувано е на изборниот ден да излезат на гласање само клиентелистички зависните од големите партии. Тоа не дава надеж дека ќе се промени начинот на функционирање на власта по изборите. Кој и да седне на „тронот“ и понатаму нема да имаме функционални, туку партиски институции и само ќе се продолжи од таму каде што се застанало. Кога веќе беа одложени изборите, тие требаше да се одржат во редовниот термин – вели Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.

Фото: Игор Бансколиев

И покрај специфичните услови во кои ќе се одвиваат изборниот процес и кампањата, политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека Македонците нема да имаат уште една можност за да одлучат дали ќе останат и понатаму со таков идентитет.
– Капиталната дилема што треба да се реши со овие избори е дали Македонија и понатаму ќе остане како автентичен политички субјекти и дали Македонците ќе останат Македонци или со спроведување на договорот за добрососедство со Бугарија ќе бидат претопени во Бугари. Тоа е едно од суштинските прашања на овие избори и единствен излез од таквата опасност е да се излезе на избори и да се гласа против таквите политики. По овие избори, Македонците нема да имаат повеќе таква можност. Секако, од победниците на овие избори се очекува да се справат и со крахот на македонското здравство, образованието, економијата, оцените за хибриден режим, кои станаа засилено видливи со пандемиската криза – смета Александар Пандов.